Честопати слушаме дека денес повеќе од кога било ни се потребни добри вести и добри примери. Којзнае дали е тоа најточно. Она што е сигурно вистина, е дека добрите примери и добрите вести се потребни секогаш и секаде, му даваат смисла на животот, го прават поубав, поисполент и им порачуваат на луѓето дека се таму каде што се, со причина.
Најдобри вести се секако, добрите нешта кои траат долго. Деновиве една таква вест е 20-тиот роденден на Фото клубот Охрид. Истовремено истата е потврда дека изграденото на темелите на искрени и благородни намери и чиста љубов има изгледи да трае долго. И како што е редот прослава помина во знакот на веќе традиционаланата изложба во чест на Св. Климент Охридски.
Пред дваесет години неколкумина вљубеници во фотографијата од Охрид на едни вакви темели одлучија да го создаваат Фото Клубот Охрид.
Охрид заради својата несекојдневна убавина и мотиви кои го заробуваат погледот на секој чекор, ги предизвикувал фотографите одсекогаш. Тие и во минатото се организирале низ различни форми кои траеле по извесен период. Но она што го започнаа пред дваесет години Лазар Коњановски, Зоран Велјановски –Летра, Петар Боев, Боро Наумоски, Жаклина Ѓореска, Миле Миќуновиќ, Владо Тунтев, Атанас Талески…, за среќа беше идејата да се преточи во реализација и со крајна посветеност и упорност да се работи на задачата Клубот да опстои.
Веднаш по формирањето Клубот се вклучува во одбележувањето на патрониот празник на градот, Св.Климент , со свои изложби. Од година во година и покрај немањето на простор во кој би функционирал, постојаната трка со времето на членовите и сите други вообичаени потешкотии во функционирањето на ваквите дружини, членовите на Фото Клубот Охрид не се откажуваа од овоаа своја изложба. Веројатно има клучна заслуга и во одржувањето на клубот во живот. Секако, многумина од членовите низ годините организираа и самостојни изложби и учествуваа на други групни изложби.
Од пред неколку години со Фото Клубот стана дел и од Фото Сојузот на Македонија, што секако беше дополнителен импулс во работата на Клубот.
Фото клубот Охрид од Охрид е организатор на најпрестижни светски изложби, често пати жири во селекција на најдобрите фотографии на цел свет. Многу од фотографиите на членови на Фото клуб Охрид освоија престижни награди на светско ниво. Фотографии од членови на ФК Охрид ја претставуваа Република Македонија на светски меѓудржавни изложби со што се промовираше македонската фотографска уметност во светот. Но најважно од се е што многу млади генерации биле и се успешни членови на нашиот клуб и на што нашиот Охрид може да биде горд.
Дваесет години е долг период , тоа се години кои водат до зрелост и стабилност. Се променија генерации. Многу млади кои своите први контакти со фотографијата ги имаа во клубот сега се на различни мередијани низ светот. Она на што сме особено горди е што фотографиите на членовите на клубот се на фото натпревари, фото изложби и фото каталози низ целиот свет. Уште еден од најдобрите можни начини да се чуе за нашиот бисер надалеку.
И она што е веројатно најважно и на кое се темели опстојувањето на Клубот се искрените и пријателски релации кои членовите на Кубот ги негуваат меѓу себе.
И фотографската уметност, како и сите останати, со секое ново дело става мал товар на тасот на доброто во овој свет, доброто кое е постојано предизвикувано и ставано на искушенија. Затоа со право се овие чувства на радост и гордост заради 20-те години живот на Фото Клубот Охрид.
Му посакуваме уште многу јубилеи, уште многу генерации фотографи, бројни фотографии кои ќе останат да сведочат за своето време и ќе и пркосат на минливоста.
Публицитет.мк