Академик д-р Миле Д. Миќуновиќ: Прости ми. Простено да ти е од мене и од Бога

26 Февруари 2023

Денес православните христијани го слават празникот Прочка. Секогаш помладиот бара прошка од постариот, децата од родителите, крштеникот од кумот, се проштаваат и пријатели, роднини, соседи. Постарите сакаат да ги научат помладите да се почитуваат и искрено да ги љубат ближните. Убава можност да се видат, да побарааат прошка но и да си посакаат здравје и среќа. Тоа е една од манифестациите на искрената и пожртвуваната љубов кон ближните, која го следи примерот на Исус Христос за безусловно и безгранично проштевање меѓу луѓето.

Зошто да простуваме? Одговорот на ова прашање не е едноставен, но, кратко речено, со простувањето стануваме подобри и посреќни. Со простувањето на оној што ни згрешил не му признаваме дека тоа што го направил е добро. Со простувањето си помагаме себе си да не живееме во постојана огорченост и да бидеме среќни и задоволни.

Простувањето е најголемото човечко достигнување. Да се прости значи да се откажете од огорчување, од лошото мислење и игнорирање на личноста што неоправдано ве повредила, притоа развивајќи го она што таа не го заслужила: сочувство, големодушност, па дури и љубов. Тоа не е едноставно и, можеби, тоа е најголемото човечко достигнување. Некому да му се прости значи нешто да се направи за себе, а не за личноста што го предизвикала злото. Многу народни поговорки зборуваат за тоа како огорчувањето и омразата повеќе и штетат на личноста што е повредена отколку на личноста која направила нешто лошо. Нелсон Мандела на прашањето како успеал да им прости на своите затворски клучари одговорил: „Кога излегов низ вратата од затворот на слобода, знаев дека ако продолжам да ги мразам тие луѓе и понатака ќе бидам в затвор“.

Во некои случаи не треба да се прости. Простувањето како особина на личноста, на самиот себе си и на другите, е во позитивна врска со менталното здравје и психолошката корист. Во некои насилнички односи простувањето не е добро: може особата што простила да биде полесна мета за нова повреда („нема врска што ја тепам, пак ќе ми прости“), а гледачите можат да добијат впечаток дека жртвата е навистина виновна („бидејќи му простила, сигурно и самата се чувствува виновна“). Потребно е да се разликува простувањето како процес што предизвикува помала огорченост, напнатост, депресивност и опседнатост со тоа што е направено и простување што предизвикува уште поголемо малтретирање. Во првиот случај се работи за позитивна појава што го зголемува животното задоволство. Во вториот случај простувањето (ако тоа воопшто може така да се нарече) и понатака ја одржува состојбата на несреќа.

Не трошете го времето на негативни мисли. „Одгледувањето“ на огорченоста и одмазничките мисли може моментално да предизвика подобро чувство ама на подолг рок ќе ве направи несреќна и незадоволна личност. Размислете што се може да се случи ако ги спроведете своите одмазнички мисли во дело. Размислете за тоа каква полза ќе имате ако своето време и својата енергија ги трошите на негативни чувства. Каде ќе ве однесе тоа? Зар не е подобро тоа време и таа енергија да ги трошите за нешто позитивно, за нешто добро и за себе и за луѓето што ги сакате?

 Простувањето не го менува минатото, но ја збогатува иднината.

Прочка бара помладиот од постариот со зборовите „прости ми“, а постариот одговара „простено да ти е од мене и од Бога“.

Пишува:

 images

Академик д-р Миле Д. Миќуновиќ од Охрид

Фотографија: Адам и Ева - Ежен Делакроа.

Прочитано 496 пати
 

output raIp0q

ezgif-3-7c8d99f0b6

akvarius

alfacentar

 

  • Medikor

niksan

Мисли-размисли

za misla

Импресум

www.publicitet.mk

ФЛЕШ ПЛУС - ДООЕЛ, ОХРИД

Контакт: publicitetpublicitet@yahoo.com

Техничка реализација: www.arkahost.mk

Посетеност website counter