Понеделник. Скоро 18ч. Одлучив да излезам од дома на ова дождливо и “депресивно“ време, како што сакаме ние смртниците да си го нарекуваме, небаре и тоа го чувствува истото она што и ние го чувствуваме, и за промена своите обврски да ги завршам во еднo кафуле, во кое повеќето одат за да работат со своите лапотопи или да се напијат по некое кафе.
Но, овојпат, нема да ве задевам и да ви давам листа на десетте топ места за уживање во Охрид, ниту да ви опишувам колку ми бил здодевен и монотон денешниот работен ден. Имено, добивам инспирација во најнеочекуваните моменти, па така и овојпат. Денес ќе зборуваме за нешто што сите го посакуваме, а не можеме да го имаме.
Пред се’, би сакала да ви кажам како дојдов до оваа идеја. Покрај тоа што за инспирација морав најпрво да ги земам предвид сите работи коишто ни се случуваат во нашата држава (веќе и не сум сигурна дали сме држава, сосема ирелевантно дали сме Северна, Централна, ФИРОМ, Вонземјанска, каква и да е, малку сум несигурна со терминчево. Помош!!!), како главен иницијатор на целава статија ќе ја обвинам и една познаничка, која индиректно и’ споменала на моја другарка како не ги разбирала оние луѓе што излегувале сами во кафулиња (во какво што сум јас моментално), со нивните лаптопи (упс, ете сум пак) за да работат (и’ ги погодив сите критериуми на девојкава), бидејќи и места како ова биле сосема непотребни, а луѓето коишто оделе таму биле т.н. снобовски хипстери кои не сакале да трошат струја дома (упс, упс и упс). Ако сум реална, навистина не стигаат такви зборови до мене, можеби зашто веќе го имам постигнато тој степен на индеферентност, та секој таков, ајде да речеме „потсмев“ или „подбивање“ мене ми е само смешен. Покрај тоа, сосема ми дава поле за да си размислувам: дали навистина сакам да живеам во ваква држава? Држава во која ќе ме осудуваат за најбанална работа, што дури мојата одлука да го извадам лаптопот за да работам на јавно место е толку срамота, не ги исполнува критериумите на оние кои обожуваат нискоинтелигентно озборување?! Не, ова воопшто не беше навреда, само гласно размислувам.
Како и да е, веќе долго време немав нашишано нешто, искрено поради немање инспирација. Мислам дека само акумулирав се’ околу себе, за да стигнам до овој степен на вриење. Не сакам да пишувам за одвишни теми и нешто што не допира до индивидуата, зашто секогаш сакам да сум 100% искрена. Но, овојпат наместо јас да пишувам страници и страници за она што ни недостига во државичкава, одлучив да го прашам народот, т.е. да ги прашам луѓето во каква држава би сакале тие да живеат?
На тој начин убивам две муви, ем анкета, ем статија.
„Сакам да живеам во држава во која…“ беше прашањето овојпат, а добив и многу одговори. Еве, некои од нив, секако анонимни:
J.: „Сакам да живеам во држава која нема да биде марионета во рацете на слабаци, предавници, крвопијци, егоисти. Сакам тие конци да се скинат и со нив да се стегаат до крв рацете кои ја управуваат. Сакам да живеам во држава каде што самоомразата ќе предизвикува гнасење и срам до тој степен што ако некој каже “државава ни е лом” или “катастрофа сме” неговиот соговорник да поцрвене или да му стане непријатно од тие зборови. Во таквата држава каде што ќе ја нема самоомразата, очигледно ќе постои поглед кон иднината, една здрава перспектива на гледање на работите, еден фокус на личностите на себеси кој ќе води само кон подобро. Сакам да живеам во држава која си се сака себеси. А бидејќи ја сочинуваме ние луѓето, не можеме друг да го обвинуваме за тоа “колку ни е лом”. Сакам да живеам во НАШАТА (да не речам мојата) држава со чист воздух и подигнато ниво на свест за моменталната состојба на Планетата. Сакам да живеам во држава во која хуманоста ќе биде достапна за секој да ја почувствува, и во која здравството, шинтерската служба и засолништето за бездомници ќе ветува надеж, па макар и цел свет да вели дека не постои. Сакам да живеам во држава каде што она што е во главата ќе ја скрши вагата со својата тежина, во споредба со она што се гледа и што се зборува за истото. Едноставно, сакам да живеам во таква држава која ќе дише со знаењето, идеите и уметноста, која ќе се краси со тоа изобилство и ќе стане силна и единствена каква што од секогаш требала да биде“.
М: „Сакам да живеам во држава во која со сигурност можам да кажам дека верувам во човештвото и во подобро утре. Држава во која кога ќе се разбудам првото чувство што ме исполнува е желба за живот, наместо депресија и мизерија. Држава во која ќе си помагаме, ќе се сакаме, ќе има слога, бидејќи само така можеме да просперираме“.
М: „Сакам да живеам во држава во која секој човек може да води квалитетен живот. Под тоа подразвирам живот без мака, работа, тага и страдање, туку живот во кој се’ може да се поднесе. Држава во која сите се подеднакво третирани без разлика на религија, раса и пол; држава во која нема корумпирано општество, насилство, политички измами. Држава која е во постојан развој на секое поле и оди напред, а не стагнира и деградира“.
Г: „Сакам да живеам во држава во која мојот глас нема да биде еднаков на 0, мојата желба исполнета, мојот факултет и струка вреднати, мојата лична индивидуа и позиција во општеството почитувани“.
Н: „Сакам да живеам во држава на индивидуална одговорност. Политичка формација чии членови преку своите потези постојано го оттргнуваат опсегот на конзервативното поимање на животот и неговата предодреденост“.
Д: „Сакам да живеам во земја во која живеат позитивни, правични и љубопитни луѓе, а не нечесни нелуѓе. Сѐ останато само ќе си дојде на место“.
Ј: „ Сакам да живеам во држава во која политиката нема да биде број 1 спорт за занимација. Сакам да живеам во држава каде сите ќе бидеме еднакви, држава без предрасуди ,држава на соживот, држава на слободоумие, слобода на говор и сопствен избор. Сакам да живеам во држава каде образованието ќе биде на ниво, со добар стручен кадар за областа и ќе биде достапно и за тие што немаат пари да студираат. Сакам да живеам во држава во која нема да размислувам од млади години каде ќе го продолжам животот, а тоа нема да е родната земја. Сакам да живеам во држава во која никој нема да биде понижуван или потценет поради тоа што има помалку пари од другиот или нема високо образование, сакам чесна и достоинствена држава. Држава во која ќе се цени трудот, талентот и работата, а не партиските книшки и „врски“. Сакам држава во која ќе живеам, а нема да преживувам“.
М: „Сакам да живеам во држава во која правата на граѓаните се на прво место. Сакам да живеам во држава каде има одлични услови за здравство и образование. Сакам да живеам во правна држава. J“
С: „Сакам да живеам во држава во која има поголема плата, каде нема политика во секој отсек, каде има спокој и мир. Сакам да работам во држава каде има поголема плата и почит кон здравствените работници“.
А: „Сакам да живеам во држава во која работа се добива без партиска книшка. Држава во која има работни позиции. Држава која вработува лице кое е едуцирано за работата што ја има и го бива, а не некој неедуциран, па уште да држи позиција за која се бара факултетска диплома и да биде платен за истата заради неговите врски. Држава во која вработениот не треба да се треси – се менала оваа или онаа партија, та да биде бркан од позицијата што ја има“.
Т: „ Сакам да живеам во држава во која воздухот не е канцероген, каде луѓето не се малициозни, каде политичарите се одрговорни и чесни, а судиите правдољубиви, а не среброљубиви. Сакам да живеам во земја каде лекарите вистински лекуваат, а професорите длабоко едуцираат; каде пешаците слободно пешачат, по тротоарите, а улиците се чисти, каде екологијата не е само фикција туку реалност и свесност. Сакам да живеам во земја каде уметноста цвета, а шундот и кичот се далечно минато. Сакам да живеам во земја каде јас сум своја, ти си свој, а сите сме исти и почитувани под сонцето, во однос на нашите етнички, родови, политички, културолошки и религиозни чувства“.
А: „ Сакам да живеам во држава во која образованието е квалитетно и корисно, каде на пиедесталот стојат човековите права, каде се прави разлика од патриотизам и фашизам, каде политичарите знаат да одржат говор без да читаат, ја работат својата работа солидно и ги познаваат општествените норми на однесување“.
В: „Сакам да живеам во држава во која не е се’ за пари. Каде што луѓето го работат тоа што го сакаат, а не бираат професии и животни патишта кои не им прават никакво задоволство само заради пари и каде што среќата е или директно поврзана со парите или е второстепена во однос на нив“.
Т: „Сакам да живеам во држава во која луѓето помалку дискриминираат и се поотворени“.
Г: „Сакам да живеам во држава во која етиката и моралот го нормираат секојдневниот тек. Сакам да живеам во држава каде што се почитува индивидуалноста, а се избегнува судот. Хуманоста и желбата за сопствен развој на сите полиња да го диктираат секој потег наместо зависта и алчноста. Општото добро да биде пред сопственото. Тогаш ќе има услови за развој на правна држава“.
С: „Сакам да живеам во држава во која моето мислење нема да е сфатено како политичка цел, нема да е сфатено како да бранам некого, кого не го ни познавам. Сакам да живеам во држава каде слободата е повеќе ценета наместо парата, каде мојот живот ќе има светла иднина и моето мислење нема да е црно и сиво, како што е и овде. Да, за жал местото каде што сакам да живеам не е овде, кај моите најблиски и најсакани. Надвор, на запад. Би сакал да живеам во држава каде човечките права се еднакви, каде ќе се живее слободно, во смисла да не бидеш озборуван и кога ќе излезеш од автобус за тоа како си облечен. Тоа е наша шема, марка на очила стана наша боја на очи, тоа внатре не се разгледува, само материјалното кое е кршливо. Жал ми е кога гледам некој скитник и кога по сто пати во умот ми доаѓаат мисли дека можам и јас да бидам тоа еден ден, ако сум овде, без доволно пари да го нахранам моето семејство, без надеж да му дадам на моето дете. Би сакал да се искажам кој сум, но ќе ме претстават како да сум од спротивната партија, како доаѓам од некои фантазии и измислици и тоа најстрашно доаѓа од луѓе со испрани мозоци. Би сакал да живеам овде, и моите другари да се вратат назад би сакале, но така ни направија, не’ разделија, но и ние гледам наскоро. Би сакал да живеам во држава полна среќа и напредок, со надеж и иднина, каде животот на другите не е твоја тема, каде секој е свој човек и со сопствен живот. Можеби еден ден ќе биде така овде, но мислам дека ќе е касно“.
Е: „Сакам да живеам во држава во која едно дете во далечно село има храна и образование, сакам да живеам во држава каде со радост ќе ја прославува годишнината на мојот пријател и неговиот партнер, сакам бе луѓе да живеам во држава каде имам нормален транспорт да одам до на факултет, или утре до на работа. Во држава каде што можам да ја имам работата што ја љубам. Многу ли е? Многу е да сакам да живеам во држава каде луѓето не го заземаат паркинг местото на лицата во инвалидска количка? Многу е да ги губиме кадрите и талентираните луѓе само затоа што со се со “некоја посебна потреба”? Многу ли е да сакам ако имам дете на училиште да го потикнат да размисува, да биде среќно, креативно и учено, а не преплавено со тестови и факти? Не е многу да барам. Многу е жално што воопшто треба да барам. Што за нас е утопија тоа што треба да е секодневие“.
М: „Држава во која ќе има подобри услови за работа и повеќе културни настани, држава каде е голема еколошката свест“.
М: „Сакам да живеам во држава во која еден од приоритетите е унапредувањето на животната средина. Сакам да живеам во држава каде институциите на системот се еднакви за сите. Сакам да живеам во држава каде постојано се вложува во младите и нивните капацитети“.
Е: „Сакам да живеам во држава во која има успех, еднаквост и позитивна коегзистенција меѓу граѓаните. Држава која што се грижи за правата на сите луѓе. Сакам да живеам во држава каде што нема предрасуди, насилство и сиромаштија, држава која се грижи за својата иднина и иднината на младите“.
Ј: „Сакам да живеам во држава во која се’ е заработено, а не дадено заради врски или општествен статус. Држава каде луѓето си помагаат меѓусебно да го искачат скалилото на успехот, а не да ги влечат другите надолу зашто тие самите не можат да се искачат“.
Д: „Сакам да живеам во држава во која долгорочното планирање го заменува она денес да преживееме, па ќе видиме за утре. Сакам да живеам во држава каде, луѓето се доволно едуцирани и ги користат своите глави за постапките кои ги преземаат и не се продаваат за еден сендвич. Сакам да живеам во држава каде, свеста за природата и нејзиното загадување е високо и се преземаат мерки за тоа. Сакам да живеам до држава каде, луѓето критикуваат и учат од тие критики, а не ги користат за исмејување на другите“.
Ф: „Јас би сакал да живеам во држава во која луѓето не се осудуваат поради нивната сексуална ориентација и религија. Сметам дека е грешно да се ставаат сите луѓе во исти калапи поради нивните верувања и преференци“.
Најпрво, се надевам дека стигнавте да ги прочитате сите коментари, а и колку-толку да се пронајдете во нив. По се’ ми се чини дека луѓето бараат утопија. И тоа ми е сосема јасно. Но, таа не може никој да ни ја пружи, освен Томас Мор. За оние коишто не знаат (а, ги има многу), Томас Мор ја напишал фамозната „Утопија“ во далечната 1516 година. Негово најконтроверзно дело во кој тој опишува еден политички систем во измислена и имагинарна земја (т.е. не-земја) наречена Утопија, каде општествениот живот е совршено организиран и не постои никаква приватна сопственост и верската толеранција е скоро совршена. Во неговата книга тој издвојува:
„Еден од најголемите проблеми на нашето време
е дека многумина се школуваат,
но малкумина се образовани“.
Или како што би рекле ние – Прост народ, силна држава. Но, во овој случај, прост народ, а богами и непостоечка држава.
Мајка ми секогаш ми вели: „Ги гледаш оние учителскине згради? Порано секој стан светеше, сега види, на шо личит, ни едно светло не светит појќе“. И кај ќе свети? Сите заминаа во потрага по таа Утопија, зашто овде не можат да ја најдат. Не можат ниту малку да искусат живот. И мене ми пречи фактот што живеам во држава која се пријавува за најзелена и најчиста во Европа, кога главниот град гние во магла и нечист воздух. И јас не сакам да живеам некаде каде не се убиваат кучиња и не се трујат живи суштества само затоа што општините се недоволно способни да преземат нешто за тоа. И јас не сакам да гнијам и да ја користам дипломата за палење огин дома, додека некој со книшката ми го кради лебот пред нос. И јас не сакам да живеам во држава каде боли да си едуциран и начитан, зашто очигледно не вредело. Не сакам да живеам во држава каде немам што да правам во слобоно време, зашто киното не ни работи, а и да има некое збиднување, ќе се појават само двајца без тројца. Не сакам држава во која секој е политичар и сезнајко на социјалните мрежи и во која бројот на лајкови ја детерминира твојата важност. Не сакам држава каде уметноста се потценува до такво ниво, па луѓето те исмејуваат зашто си поразличен и креативен. Не сакам да сум дел од држава во која пред нос ни се краде и не’ играат, а ние се цепиме меѓусебно како народ, зашто нели не сме биле од иста партија. Неедуцираноста, грешниот патриотизам и корумпираноста ќе не’ докрајчат. Не, тоа нема да е ниту промената на името, ниту промената на идентитеот, ниту промената на партија – ние самите ќе си се откорениме и ќе престаниме да постоиме. Затоа, политичари, и тие што сте тука, а и тие што сте заминале од државата и си го живеете сега сонот на секој Македонец, слушајте го малку народот, или барем направите она што сте го ветиле. Знаеме дека ве бива за манипулација, но мислам дека е редно и другите таленти ваши да ги покажете, нели, оние човечките.
А, за сите оние коишто сакаат подобро утре, почнете од себеси. Фатете книга и направите нешто позитивно, направете нешто од себе – човек. Лесно е да судиш и да базираш одговор кога си ограничен, но тешко е да истраеш и да прифатиш различност кога си отворен кон нови нешта, тешко, но во секој случај задоволително. А, да и пред да изумам, до познаничката на којашто и е неприфатлив менталитеот од типот „ќе излезам сама на кафе и ќе сработам нешто и ќе уживам во моето јас-време“, кога ќе ми треба најновиот трач за градов, ќе ти се јавам, ионака во Охрид ништо интересно не се случува, твојата „едуциранот“ во отсекот „човечки односи“ ќе ми биде многу добредојдена.
И кога веќе знаеме во каква држава сите сакаме да живееме, зошто не преземеме нешто? Зарем толку сме уплашени од оние незнајковци кои ја раководат? Утопија не постои, но постои подвиг и мотивација. Бидете промената што сакате да ја видите и најважно – едуцирајте се. Зашто се’ додека бдееме во еден ограничен македонски менталитет, се’ повеќе ќе си тапкаме во место.
Текст и фото:Дамјана Видическа
Објавените текстови и фотографии во рубриката АРГУМЕНТИ ЗА … на „Публицитет.мк “ се лични ставови на авторите .
„Публицитет.мк“ не сноси одговорност за изнесното во нив.
Публицитет.мк