Што значи да имаш 77 години?
Роденденот што го прославувам на денот, месецот и годината кои содржат пет двојки и три нули (20.02.2022) е посебен. Посебен е затоа што одбележувам 77 години од животот. А во тој живот имаше 7 години детство, 19 години школување, 34 години дипломатска работа, две години пратеничко искуство и 13 години пензионерски стаж. Кон тоа додавам и 46 години брачен живот, две ќерки, два зета и четири внуци. Објавив една книга за мојата работа во Стразбур, преведов седум книги од француски јазик и два тома романски дипломатски документи од романски и француски јазик. Напишав многу написи во печатот и во одделни списанија, дадов многу изјави и интервјуа за радиото и телевизијата. Сè уште работам, пишувам (книга за мојата работа во Букурешт). Ги пишувам и моите мемоари. Тоа е, можам да речам, исполнет живот како што тоа го кажуваат и Кинезите: да имаш наследници, да напишеш книга и да посадиш дрво. И во последната четвртина од животот да уживаш во средината каде ти се оние кои ги сакаш.
Се родив на крајот од Втората светска војна (1945), неколку месеци пред капитулацијата на фашизмот кој оштети многу семејства – и моето. Растев во време кога во тогашна Југославија и Народна Република Македонија сите живеевме сиромашно. Но бевме среќни, зашто животот продолжуваше во мир и безбедност. Растев како и сите други деца од мое Кочани и сонував да патувам. Сонував да го видам Париз и други делови од светот. Избрав професија која ми го овозможи тоа.
Сега на овие мои 77 години сакам животот да продолжи со здравје кое е најпотребно во ова време-невреме, време на пандемија и секакви други болести, време на политички промени во земјата и во светот. Состојби кои вознемируваат, носат грижи не само за нашите генерации туку за целото идно човештво. Досега во светот имаше некоја рамнотежа, која Европа ја правеше мирно море по кое пловевме со задоволство. Но до кога? Нели беа доволни две светски војни во Европа?
Годините, особено овие крајните, последните, минуваат брзо. Затоа треба да се живеат активно, со ситни задоволства и здравје. Тоа е она што го исполнува човека. И мене. Нека ми е среќен 77 роденден (20.02.2022).
Публицитет.мк