Валентина Базерко, новинар во Македонско радио, МРТВ.
Роденденот понекогаш е само повод да си ги провериме желбите, но и да си одговориме на некои несекојдневни прашања. Како оние на пример, дали би сакале да сте се родиле на друго место доколку сте можеле да одбирате? И мојот одговор гласи вака: И илјада пати, сама да одбирав, илјада и еден пат ќе ја одберев Македонија, а илјада животи ќе ми беа малку да и се изнагледам, секогаш откривајќи нови и нови таинствени убавини во нејзините откриени и задскриени катчиња. Да, ова е мала земја, ама кога Бог мислел како на луѓето да им го претстави рајот на земјата, ми личи дека овде намерно истурил повеќе убавини, отколку на сите други места. Затоа и не сакам да сум на ниту едно друго место, освен повремено, колку за да ги видам и останатите убавини на планетата, ама секогаш, одново и одново да се вратам токму овде.
А ако роденденот е повод да се потсетам колку роденденски желби веќе ми се оствариле во овој живот, мислам дека веќе се остварени многу, всушност повеќето од сите желби на кои кога и да е сум помислила и сум ги посакала од срце.
Затоа, за овој роденден ќе си посакам уште две, три, кои останале неостварени, а душата ќе ми ја грее светкањето во очите од радост и среќа на моите најмили со кренати чаши за здравица! Тоа е, и толку е, и среќата и смислата на животот – токму тие мигови во кои споделуваме радости и убавини, така педантно распоредени на нашиот животен пат, поради кои вреди да се живее и со радост, и секоја година, на истиот ден да се прослави уште еден роденден!
Публицитет.мк