Општо е познато дека рекламирањето на производите е еден од најбитните елементи во нивниот пласман.
Тоа е присутно во сите сегменти на секојдневниот живот почнувајќи од оние за исхраната, апаратите во домаќинството, мебелот, автомобилите, здравството па се до забавата меѓу кои спаѓа и филмот.Според некои податоци средствата наменети за рекламирање на филмовите изнесуваат и по неколку милиони долари во зависност од продукцискиот буџет на филмот.
Во рекламната кампања, освен рекламниот печатен материјал, спаѓаат денес мошне влијателните таканаречени филмски трејлери кои можат да се погледнат на интернет кои пак се само современа модификација на филмските форшпани кои порано се презентираа пред започнувањето на проекциите на филмовите во кино салите.
Овој вид на рекламирање како да ги потиснаа филмските плакати кои ги красеа влезните холови на кино салите кои беа украсени со филмските плакати од филмовите кои се најавуваа како „ следна програма“ или „ наскоро“.Тие денес можат да се видат само во поголемите градови и тоа во вид на џиновски постери кои ги красат холовите на синеплексите во кои се прикажуваат светските блок бастери .
За вистинските вљубеници во филмот, филмските плакати имаат посебно место во нивната меморија од едноставна причина што тие ги поврзуваат со минатото . Ова се разбира важи за повозрасните љубители на филмската уметност.
Од таа причина честопати се организираат и изложби на филмски плакати кои понекогаш се и жанровски . Некои филмски плакати имаат и вистинска уметничка вредност бидејќи биле создадени од врвни сликари. Некои од нив кај колекционерите достигнуваат и високи цени па дури се и предмет на аукции.
Покрај филмските плакати мошне важен елемент во реламирањето на филмовите имаа и филмските програми или како што беа популарно нарекувани„ филмски содржини“. Денес нивното име ,доколку постоеа , би било флаер. Ги нема веќе во таква форма повеќе од 40тина години. Своевремено тие се продаваа на касите заедно со влезните билети.Во себе ги содржеа основните податоци за филмот, неговата куса содржина и се разбира неколку фотографии со сцени од филмот . Може слободно да се рече дека имаа и едукативен карактер. Денес, во ова време на информации што ги нуди интернетот тие преставуваат историја на едно време кое сепак во многу нешта на духовен план се разликува од денешното секојдневие.
Јас, сум длабоко уверен дека многумина повозрасни љубители на филмот имаат вакви „ потсетници„ на филмовите кои некогаш ги гледале.
Токму на некои од нив ќе се потсетиме во ова денешно ФИЛМСКО СЕЌАВАЊЕ преку презентација на неколку филмски програми.
„ГОЛЕМИОТ ДИКТАТОР“ на Чарли Чаплин, прикажан во Охрид од 16 до 20 .јуни 1948 година.
„ОДВЕАНО ОД ВИОРОТ“филм за сите времиња, за прв пат прикажан во Охрид во периодот помеѓу 18 и 23. јануари 1955 година
„МИРНО ЛЕТО“ од 1961 година, првиот македонски игран филм режиран од македонски режисер, Димитрие Османли.
„ СОЛУНСКИТЕ АТЕНТАТОРИ“ од 1961 година во режија на Жика Митровиќ
Филмови со шпанската актерка САРИТА МОНТИЕЛ, едни од најгледаните во почетокот на 60 тите години.
„ ПСИХО“ еден од најдобрите филмови од филмскиот опус на големиот режисер Алфред Хичкок.
„ СЛАДОК ЖИВОТ“на режисерот Федерико Фелини со Марчело Мастројани и Анита Екберг
Извонредната комедија„ НЕКОИ ТОА ГО САКААТ ЖЕШКО“ (1959) со Мерилин Монро, Тони Кертис и Џек Лемон.
Суперспектаклот „ ДЕСЕТТЕ ЗАПОВЕДИ“ со Чарлтон Хестон и Јул Бринер.
„МАЧКА НА ВЖЕШТЕНИОТ ЛИМЕН ПОКРИВ“ (1958)во режија на Ричард Брукс со Лиз Тејлор и Пол Њумен.
„РИО БРАВО“ вестерн во режија Хауард Хокс со Џон Вејн , Дин Мартин, Енџи Дикинсон,Волтер Бренан…
„ЛУЊА И МАЗА“ цртан филм на Волт Дизни.
Ѓоко Симјаноски, Публицитет.мк