al palpojo 2020

Култура

08 Јануари 2016

Видое Видически, поет, прозаист и драмски автор. Роден е во Охрид на 8 јануари 1931 г.

Основно образование и гимназија завршил во својот роден град, Филолошки факултет во Скопје. Член е на Друштвото на пистаелите на Македонија од 1959 г.

По завршувањето на средното образование, работел како постојан дописник на Радио Скопје  од Охрид. По половина година прекинува со работењето за да започне со редовни стуидии во Скопје.

Во 1955 г. како прв директор го основа Околискиот историски архив во Охрид.Две години подоцна  основач и прв директор е  на локалната радиостаница  Радио Охрид.Во 1962 г. поставен е за директор на Домот на култура „Моша Пијаде” во Охрид и тука работи се до своето пензионирање. Тој е и еден од иницијаторите за формирање на музичко – драмскиот фестивал „Охридско лето” а потоа и еден од неговите раководители.

Во 1969 г. како директор на Домот на културата  му го менува името во Дом на култура „Григор Прличев” и од тогаш во чест на големиот творец ја организира манифестацијата „Прличеви беседи” во Охрид.

Видое Видически автор е на делата :

СИНИ ПИТОМИ УТРИНИ, песни издадени 1959 г.

БРЕГОВИТЕ СЕ НЕМИРНИ, драма изведена 1961 г. а печатена 1963 г.

БАЛАДА ЗА ОРКАНАТА, драма печатена 1964 г. а изведена 1968 г.

ГОЛЕМАТА ШУМА – прв дел, рома за деца и млади издаден 1970 г.

МАЛИОТ ОДРЕД, тв серија од 10 епизоди снимена и емитувана 1977г. на ТВ Скопје.

ГОЛЕМАТА ШУМА, прв и втор дел, роман за деца и млади издаден  1986 г, а 1994 г. го доживува петтото издание.

ВЕЧЕРЕН ПЕЈЗАШ ОД ГРАДОТ, песни издадени 1988 г.

ТАИНСТВЕНИ ВОДИ, роман за деца и млади издаден во 1990 г. а во 1994  доживува второ издание.

ЗАРОБЕНИЦИ НА ВЕЧЕРНИТЕ ИГРИ, раскази издадени  1993 г.

ВРЕМЕТО НА ЦРВЕНИТЕ РОЗИ, роман за деца и млади издаден 1994 г.

ПРИКАЗНИ ЗА ДАМЈАНА, раскази за деца издадени 2003 г.

КАЖУВАЊЕ НА ЗАДОЦНЕТИОТ ПРОРОК, песни  издадени 2003 г.

ВИЕ  песни издадени 2009 г.

БИЛЈЕ КРАЈ ЕЗЕРОТО - избор од поезија 201

Објавил повеќе песни и раскази во периодиката  и дневниот печат.Застапен е во зборници и антологии. Преведуван е на: италијански, француски, руски, турски и романски јазик.

Добитник е на :

Наградата на РТС  на Струшките вечери на поезијата во 1971 г.

Награда на книгоиздателството „детска радост” од Скопје за најдобра книга  меѓу двата САЕМА НА КНИГАТА  1994 г.

Издавачката куќа „Дијалог” од Скопје за збриката песни ВИЕ го награди Видически со награда за најдобра книга за 2009 во конкуренција на 12 наслови од сопствената продукција.

Во 2014 година на 13 јули Друштвото на писателите на Македонија го прогласи Видое Видически за ВИТЕЗ НА МАКЕДОНСКИОТ ПИШАН ЗБОР 

Добитник е СЕДМО НОЕМВРИСКА НАГРАДА  на град Охрид  1977 г.

VIDOE FOTO 4

АУДИО ИНТЕРВЈУ 

Со клик на линкот проследете го интервјуто со Видое Видически како дел од проектот РОДНОКРАЈНИ АВТОРИ на НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид 

ИЗБОР ОД ПОЕЗИЈАТА НА ВИДИЧЕСКИ:

ПЕСНИ ЗА СВЕТЛОСНИОТ ПОРОД

                                   

                                                Мисла на врсниците

1.

Во времето

кога сите гладувавме

не бевме излагани

туку ние

така сакавме.

2.

Во времето

кога гладувавме сите

не просевме

ни пари ни леб

зашо бевме

на иста сцена

во заеднички чин

и еднаков раст.

И славата

тука

не се стекнуваше

по висок род

и по висок пород.

3.

Кога гладувавме сите

говорот ни беше

гласен

зашто времето

за кое ви говорам

беше најголемо време

со многу излези

низ кои луѓето минуваа

се креваа над гладот и немаштијата.

И тогаш земјата наша

зачната беше

светлосен пород.

КРУГОТ ПРВ

1.

Вие, о вие !

        слични

        на малите птици

со златно перје

а не сте тоа .

Играта ви е

         секогаш ноќна

                   кога луѓето

се во длабок сон

изнемоштени

         по вечерниот залез

                        од нивните

тешки мисли

        на излажани

                 и ограбени. 

КРУГОТ ВТОР

                        На попот Јон Селечки

                        1908 г. вратен од Дијарбекир

1.

Вие,о вие !

           кои  заборавивте

                на најдолгиот пат

и на тие

што посакале

        да ја просветлат

                  својата земја

ни пустинские беспаќа

на крвавите траги

         по силниот стег

                  на железните пранги

не го запреле

            гордиот од

                  на посветените

и на селечкиот  малесоец .

СТРЕЛБИ ВРЗ РЕЧТА

2.

                        На дедо ми Иван

                      Каменорезбарот

Човекот на големите чекори

што долго резбаше врз каменот

и го создаде најубавиот лик

на Заштитникот наш,понесен

со мислата позајмена од своите ,

кога надежите ни беа најпотребни

ги крена високо и над времето.

Извадоци од стихозбирката „Вие “ , издадена 2009 – „Дијалог “   

VIDOE FOTO 3

ВИДОЕ ВИДИЧЕСКИ   „ЛУЃЕ“ од ЗАРОБЕНИЦИ НА ВЕЧЕРНИТЕ ИГРИ, раскази издадени  1993 г.

      Во одајчето беа само тројца. И тројцата молчеа. Повремените погледи им беа крадешки и набргу ги прекинуваа за потем да ги остават во некои од процепите на исчадените ќошиња на малото одајче. Долго стоеја така и гледањето им стануваше тапо , немо и безбојно. И тогаш, тоа како да ја плетеше тишината во одајчето се дури квечерината не го вовлече својот прв и нечуен чекор низ прозорецот. И сега ќе останеше така, непознато и завиено во тоа чудно плетиво од молчење ако свекрвата не почнеше прва.

      „Димко, мажу! Зошто еднаш не ме почувјаш? Не се ли греота мојне?“

     „ Доста! И замолкни се! За тие гоеда не сакам повеќе да ми споменуваш!“ – Налутено ја прекина тој.

      „И преку тоа ќе минат. Не ти се лутат ни тие, ни јас. Само ти дојди. Сакаат пак да не видат заедно, сите. Да се порадуваат со нас и со тебе мажу.“ – Лицето и заличи на молкиња, уморна . А потоа со стишен глас продолжи. – „ Има неколку години како не сме биле сите заедно на гости у нив. Срамота е од веков!“

       Откао беше нарушено тајното чекорење на квечерината, на таа чудна и оловна квечерина , на таа што е полна со неми настани,свекрвата се повлече во едно од ќошињата на одајчето. Таму беше потемно. А таа како да сакаше токму таму да се изгуби во најголемата темнина зашто не сакаше да ја гледаат повеќе. Да не и го гледаат лицето кое и се менуваше  и се повеќе потемнуваше од секојдневните јадови и големиот срам што и го нанесуваше и не само нејзе, туку и на нејзиното  семејство. На татко и’кој беше многу стар, но се’ уште присебен и умен и кој постојано и говореше дека човекот што го одбрала не е за неа. И навистина со својата остроумност тој и ја предвиде судбината. Не поминаа ни десеттина години Димко се изроди во нечоек, во најголема тежина и мачнина. И од ден во ден , од месец во месец и се’ така во долги години , животот и се претвораше во пекол. Најтешко ќе и беше тогаш, кога непријатностите  ќе и’ ги направеше пред други, а посебно пред снаa и’. А тој, како што го дал Господ , никогаш не водеше сметка кога болта и ја нанесува.

         Свекорот кој до пред малку, беше завиен во самиот себе, не давајќи му дури и на погледот да излезе надвор од неговите очи, сега стоеше како исправен  сноп до малиот прозорец. Тој како да чувствуваше дека расправијата веќе не ќе биде дел само на тоа дремежливо одајче  и дека не ќе е тајна на тројцата, зачекори и се заврти кон свекрвата. Сега неговите очи почнаа и да претат заискрени и претворени во тратови запалени од кременот  создаден од нетрпеливоста и лутината која долго престојуваше во ова семејство.

      „ Хм... Срамота е од веков!? Се така почнуваш. А тебе никој не те запира да појдеш. Појди! Јас не доаѓам. Разбра ли? Не доаѓам.  И ако не прекинеш со твоето додеање, уште еднаш нема...“ – Тој постапно го поткреваше гласот  за на крајот да заврши со:

     „ Не ма ни да стапнеш? Нели?“ – Смирено го прекина жена му , а потоа додаде . „Речи, речи јас ќе трпам. Но само дојди уште овој пат . Вистина тие не се како тебе , но за атер на татка. Тој е стар. Неговите години носат се’. Ах! ...- Воздивна и пак продолжи. „ А порано, скоро секој ден го газеше прагот нивни. И ако се подзадржев кај нив, веднаш ќе дојдеше. А сега не доаѓам... Димко, те молам смили се! И ајде да појдеме!“ – Настојуваше некако да го измоли. И затоа погледот и беше пак молбен. Тоа беше поглед на очи кои често солзеле и се’ криеле под големите наддадени модри стреи. По малку во нив нешто како да се измеша. Се јави некој немир и мал пркос.Со тоа, таа сакаше да ја намали нанесената мажова навреда пред снаа си. И едниот и другиот присутен се обидуваше да ги потсети дека се’ уште носи во себе  нешто ретко , што го носат само убавите жени во по одминати години. Таа сакаше да ги натера да веруваат во тоа, а и во се’што некогаш се случувало, а било врзувано со неа.А тој Димко, најдобро тоа го знаеше. Беше едно од многуте момчиња , на кои по нејзиното минување им застанувал здивот. Така барем тогаш и говорел. А таа,многу стројници ги враќаше  зашто беше загледана во него. Но имаше и такви, што не стигнуваа до куќата нејзина, зашто тој Димко ги пресретнуваше и им се закануваше и ќе ги вратеше назад без да се сретнат со нејзините.А него, сите во селото го знаеја дека е прек и во моменти непресметлив и спремен за кавги.

     Тој не ја погледна .

„ Ти нејќеш ни да ми се обѕрнеш?! Леле ти ...“  - Рече и гласот и се задави во поројот од надојдените солзи. Со едната рака ги избриша нив, застана спроти него и продолжи да го гледа. Но, неговите очи сега беа некаде далеку и се повеќе станува туѓи ,. И наеднаш како да ги снема. Исто, како пред малку што го снема синото небо од прозорецот со доаѓањето на квечерината.

       Тој се заврте кон вратата и пред да зачекори проговори.
        Војданице и ти ќе останеш дома... Нарани ги прасињана , а за кравите ќе ти донесам јонџа.“  - Го дорече тоа и веднаш излезе надвор.

       „Добро татко “ – Се јави снаа му и излезе по него.

       Свекрвата се загледа по нив . Остана сама, а во одјчето наново завладеа тишината. И тогаш, којзнае по кој пат, почувствува дека нешто и се кини и откинува од градите и како да излегува со нив. Појде кон дрвениот кревет , што се наоѓаше спроти прозорецот и се струполи на него. Цврсто го стегаше волненото веленце под неа. А потоа зајаче. Со неа, сега , јачеше и малото исчадено одајче...

VIDOE FOTO 2

                                                2

       Беше од поодмана дојдена и го чекаше да дојде по јонџа. Во себе неколку пати се прашуваше. А, ако не дојде ?! Не ми се верува. И кој би го задржал дома?! Ќерка ми како што ми рече таа, ќе оди на гости со свекрва и’. Тогаш нема зашто да не дојде и нема од кого да се крие. Санким, Димко од некого некогаш се криел па денеска тоа да го прави.“ – Продолжуваше да се прашува, а рацето се’ почесто и одеа на шамијата што ја имаше врзано на крајот од косата. Потоа ќе ја дотеруваше косата испуштајќи ја напред како да беше некоја од помладите девојки во селото. Можеби ќе и’ одеше  порака тоа, ако не се забележуваше по некое расцутено влакно на косата.

       Инаку беше стројна  и лична  и црна, со црни очи, со поглед што занесува и влече и те држи долго крај неа и кога ќе посакаат само тие , очите нејзини , ќе те ослободат или ќе те одбијат студено,но со некоја надеж за ново враќање и повторно топење на чувствата.

      Таа набргу наѕираше низ ретко  наредената  р’жанова слама од страните на колибата.Движењата и’ беа такви како да се огледуваше на сите страни. Одвреме навреме , очите ќе и прошетаа низ процепите и ќе се задржеа на патот по кој требаше да дојде тој.Но, него денеска го немаше. Патот како да го криеше и чиниш се поигруваше со неа. Последно време  на нивните средби таа доаѓаше порано, со ден, не сакаше  да дозволи да ја чека тој. А, времето при чекањето знаеше како да го исполни.  Секогаш почнуваше да размислува за минатото, посебно за она што беше врзано за него. И така, често се случуваше да не го забележи  заоѓањето на сонцето и паѓањето на првиот мрак.А нему, на Димко не му пречеше да дојде и подоцна за да собере јонџа за добитокот.

      И сега, таа се навраќаше на него и на првата нивна љубовна игра, која не можеше никогаш да ја заборави.Тоа беше чудна игра во која за прв – пат телото и потона во благост исполнета со илјадници трпки кои непрекинато се повтараа се’ додека не се изгуби во некој, дотогаш за неа, несфатлив и неповторлив сон. Се присети и на тоа, дека се’ се случи во една манастирска шума, меѓу извишеното зеленило од папрат при полна месечина.

    „Се’ уште го нема?!“ – Потем половина час и повеќе проговори и почна да се движи низ колибата. Малку нервоза и проструи  низ неа. Се заврти кон излезот и застана. И така исправена во истата колиба во која којзнае колку средби завршиле во доцнежните ноќни средби, пак го чека. Но сега, допреешните мисли  почнаа да и’ се менуваат и да тежат , а по малку и измачуваат.  Некоја нејасна мора ја зафати и не можеше да разбере што се случува во неа и во колибата која секогаш и носеше пријатни и ретко возбудливи доживувања .

     Некаде далеку се чу коњски тропот.

    „Иде“ – Рече таа и гласот и се изгуби во тапиот одек на копитата.

     И навистина беше тој. Таа го позна. А како не би го познала, кога тој ритам од на Димковиот коњ многу пати го слушала и толку и’ и се врежал што не можеше никако да се излаже.

    Рацете нејзини и сега ја местеа шамијата. Се’ додека Димко не се појави пред влезот од колибата, таа остана тука. Сакаше да биде подналутена за да го пречека така иако знаеше дека тој тоа нема да го забележи бидејќи темнината си го чинеше своето.

      „Се сети и дојде?“ – Налутено го праша таа.

     „ Дојдов, “  - Одговори кратко тој.

        Таа почувствува дека не ќе може така да продолжи, го омекна гласот.

       „ По јонџа свату?“

      „ По јонџа.“ – Пак одговори кратко тој и замолче.

      „ По друго не?“ – Упорно прашуваше таа.

      „ Не “ – Рече тој и продолжи со молчењето.

         Лицето сега навистина и’ стежна како облак. Имаше и зашто. Кратките одговори ја изненадија. Тој секогаш беше позборлија од неа. Денеска нешто се случува со него. Си помисли во себе и нешто ја жегна. Зачекори кон внатрешниот дел на колибата и по малку застана. Потоа се поврати и го загледа во очи, но во нив не можеше ништо да види. Во колибата беше темно.

       „Вистина?“ – Од темнината изрони гласот нејзин.

       „ Вистина. И...“

      „ Што и?“ – Налутено го прекина таа и откина една сламка. Нервозно започна да ја грицка. Мина покрај него и излезе надвор. Надвор беше доста посветло. Во квечерините така е тоа во полето. Темницата малку задоцнува.

        Тој молчешкум ја проследи и застана до неа. Ја гледаше прилично долго и сега му изгледаше некако чудна. Како да не беше таа, поранешната жена која пред неколку години го водеше орото сред село. Кога за прв пат се загледа и ја забележа нејзината убавина.Тогаш беше убеден дека на орото, а и во целото село нема поубава од неа.Се сеќаваше како и’ беше растурена косата и и’ се вееше на напред , па личеше на некоја разиграна вила што не знаеше за прекин и замор. Лицето и’ беше весело и питомо чиниш ќе испука од здравина. И тој, не можеше да истрае, а да не и се придружи во играта.Ја  остави жена си со останатите и се фати на орото до неа. И во истиот момент сфати дека таа неуморна жена што се вие под еднаквиот ритам на тапанот, може да му биде убава замена... Продолжителното изививање  на писките орото го правеше се’ поживо, а тие, двајцата , занесени , беа најдобрите играорци зашто нивните чекори беа полетни и лесни и вешто изведувани. Не остана ниеден од луѓето што беа тука, а да не се загледа во тој виоркаст ред, а посебно во тие што го водеа. Играјќи така, тој почна да и’ја потстегнува раката , прво по малку, а потоа се’ посилно додека таа не му одговори и не му се насмеа.И не поминаа неколку дена дојде големиот празник на селото. Дојде и манстирската ноќ...

       Сега ја гледаше пак. Но, како да му беше туѓа. Нешто изгледа се измени во него и тоа набргу. И затоа посака нешто да и’ рече, но го издаде гласот и проговори сосема тиво, засипнато самиот едвам да се чуе.

       „Отсега поретко да се среќаваме , или...“

       „ Поретко? Што ти се случи тебе Димко? Вистина ли го зборуваш тоа?!“ – Вџашена остана таа. По малку сега таа постишено продолжи да говори и да го моли. „Димко , те молам не оставај ме ! Не знам, не знам што ќе правам без тебе.“

      „Не, не мислев така, сакав да речам сепак поретко да се среќаваме. Разбери. “  - И рече тој.    

     „ Ќе доаѓаш Димко, ќе доаѓаш нели? Ти не смееш да ме оставиш, не смееш! Ти ме сакаш, нели ме сакаш?! Ајде! Димко ајде !“ – Го рече тоа , и се обиде да го прегрне.

     Тој не се ни помрдна и сето тоа како да не се однесуваше и не се случуваше со него. По малку, како од сон да се извлече и рече: „Сега, не можам. Дојден сум само по јонџа. Дома ме чекаат. Ќерка ти треба нешто да им фрли на кравите за да ги измолзи. Ти знаеш како е тоа.“ – Заврши со зборувањето тој излезе од колибата и се упати кон снопчињата од јонџа.

     Таа остана скаменета и сама . На се’ можеше да се надева, само не на тоа што и’ се случи. И потоа мислите и’ појдоа на ќерка и’. И почна тивко за себе да си говори. „ Нели и ќерка ми отиде со свекрва и’?! А сега е тука и јонџа ќе чека да им фрли на кравите.“ – Се замолче, а во себе почна да се обвинува. И полека и’ се наметнуваше размислата, дека тој , почнува да ја избегнува. И дека тука има нешто што се врти околу ќерка и’.

    Сега пак кинеше сламки, повеќе сламки и нервозно ги грицкаше. По малку продолжи полугласно да зборува и да се прашува. „Што ќе правам сега. Мојон не ми се доберува со години. Зошто? Зошто ми се случи ова?! Димко! Не оставј ме жити Бога! Те молам не оставај ме! Јас сакам и ти да си крај мене . Вака ни беше многу убаво.“ – По ова што го изнарече, таа не можеше да се препознае. Не можеше да сфати дека таа почнува да моли.А само некој ден пред ова, тој се крстеше во неа и како што се зборуваше по селото и’ јадеше од рацете. А сега, таа убавицата негова за миг како да ја снема и веќе не постои.Чудо едно, како се менувале мажите. Се разбира само оние кои се ко него, наоко и силни. Само оние во чии раце жената се стопува како ништо. А таа знаеше да прави разлика и за тоа не сакаше да го изгуби него. „Димко, Димко!“ – Повика  пак по човекот што се губеше во нивата, но гласот сега нејзе ја издаде и се заголцна во грлото и стана рапав и мошне тивок.

     Тој не ја чу. Продолжи по нивата. По извесно време се чу само тропотот на коњот што го голташе далечината. А тука остана сама  таа и старата колиба и многу сеќавања за многу грлења и милувања. И ништо повеќе...

VIDOE FOTO 5

  

                                                          3

    Димко симнуваше неколку снопчиња јонџа од коњот и ги внесуваше во плевната за да ги растури пред кравите . Војданица стоеше покрај нив и го чекаше него. Во едната рака држеше едно поголемо котле за млеко, а во другата кандилце на кое едвај живуркаше светлината.

   Откако ја растури јонџата пред кравите. Димко се врати уште еднаш за да го врзе коњот на јаслите спроти вратата од плевната.

    „Се забавив малку, ќе ми простиш. Имав работа. На мајкати и помогнав за собирање јонџа.“ – Рече и се зврти кон Војданица.

    Таа ништо не одговори. Се навали и почна да молзе.

    „ Си отиде ваперицата:“  - Ја запраша тој.

    „ Што рече татко?“ – Се направи како да не го разбра Војданица.

    „ Е де, дали си отиде свекрвати?“ – Се  поправи со прашањето тој.

   „ Од прее“ – Одговори кратко таа и продолжи со молзењето. Ја молзеше кравата што беше повнатре во плевната, блиску до сеното наредено од поодамна тука.

     Кравите беа мирни и џвакаа од донесената јонџа.

     Ништо не се слушаше внатре освен едноличното истекување на млекото во котлето .

     Димко стоеше наспроти Војданица и се гледаше во неа. Таа непрекинато молзеше . Засуканите ракави на кошулата ги покажуваа меките и бели подлактици на кревката светлина. Пред неа, над скоро, наполнетото котле, се допираше оптегнатата кошула под набојот на бујните гради на Војданица.

     Димко не можеше повеќе да издржи и пречекори кон неа.

    А таа, само се подзаврти и го погледна.

    „ Доста веќе со молзењето. И стани!“  - Повеќе и нареди отколку што ја замоли тој.

      Таа го послуша и стана.

     „ И вечерва нема никој?“

    „ И вечерва.“  - Потврдно одговори на неговото прашање, таа.

    „ Исто. “ – Се сложи таа.

     Некое време молчешкум се гледаа еден со друг. Тој, тоа припремно го очекуваше и веднаш ја повлече кон себе и со крупните раце  почна да шета по витката снага на Војданица.

   „А молзењето? “  - Го праша таа.

   „Остави го сега тоа.“  - И одговори тој и продолжи да ја влече кон себе.

    Таа прилепена целата за него не можеше повеќе да се опира. Се’ повеќе се губеше во играта што вешто и ја плетеше тој.

   „Вечерва, немој само како спроти неделата.“  - Го замоли Војданица треперејќи целата во јаката негова прегратка.

    „ Зошто?“  - Ја прашуваше зачудено тој. „ Нели многу убаво ни беше?“

   „ Ни беше. Но сега е нешто друго. Не смее така да биде, ќе направиме голем грев.“ – Одговори  таа.

   „ Каков грев?  Што е тоа?!“ – Продолжи да ја испитува тој.

  „Ти знаеш. Ти добро знаеш зошто ќе биде голем грев.“  - И по малку уплашено додаде.  „А после? Што ќе биде со нас? Со Војдана и тоа што ќе дојде?...

  „Ајде! Ти не плаши се .“ – Се обидуваше да ја смири Димко и со рацете почна да и’ ја откопчува кошулата.

„Немој Димко! Немој! Те молам! А може и да не најде некој.“  – Продолжи така да го моли вклештена и немоќна да се отргне од него. А и не можеше повеќе ништо да направи, затоа што и таа тонеше веќе во занес и во играта што стануваше заедничка.

   „Ајде! Ајде! “ – повторуваше тој . „Нема никој да дојде. Ние ќе го чуеме.“ – Го рече тоа и посака да ја поведе кон сеното .

  Штотуку го направи првиот чекор Војданица кравата што ја молзеше до пред малку, го клоцна котлето полно со млеко и тоа се излеа.Мала рекичка од белина се издолжи на подот од набиената земја. И од слабото светло на кандилото што беше ставено во едно од малите камарчиња на плевната рекичката доби жолтеникава боја.

    „ Млекото истече.“ – Рече таа и сакаше да се поврати.

   „Ако. Друго ќе измолзиме.“  - Одговори тој и не ја пушти.

   „ Доаѓај те молам. Не можам повеќе да издржам.“  - Сега навитина ја молеше , а тоа можеше да се почувствува и по неговиот глас кој се повеќе и повеќе му трепереше.

     И тогаш таа подзастана неволно.

  А тој го искорити тоа и ја поведе преку малата обоена рекичка. Носејќи ја на раце се изгубија обајцата кон сеното во темницата, таму каде не досегаше трепкањето на кандилото.

  Потем некој чуден шум се слушаше откај сеното. Со него се мешаше и задишаниот глас на Војданица.

  „Не! ... Грев е ... Не! Не чини го тоа! ...“

                                                                                      ( 1956 ) 

Автор на портретот и интервјуто: Милчо Јованоски, Публицитет.мк 

07 Јануари 2016

Овогодишните василичарски свечености во Вевчани ќе почнат на 10 јануари со отворање на изложбата икони во резба со наслов „Духовници Победници“ од Александар Баткоски копаничар од Вевчани.Вечерта ќе се одржи промоција на новото ЦД со наслов песни за Вевчани од композиторот и текстописецот Перо Пешиноски,и тој од Вевчани.

 Следниот ден на 11 јануари на пладне ќе биде отворена изложба на слики со наслов стара Вевчанска архитектура,од академскиот сликар Славчо Упевче од Охрид.Исто така,вечерта ќе биде промовирана книгата песни со наслов „Блескав зашто горев“ од Вевчанската поетеса Стојанка Гогоска.

  Програмата за јануарските вевчански празнувања опфаќа и музички блок со учество на повеќе познати групи исполнители на народна и забавна музика од нашата Република и Србија.

     Посебно треба да се нагласи и дека концертите на групите што ќе се одржат на 12 јануари ќе почне во 20 часот а ќе заврши во 03 часот по полноќ.

     И,како што е познато,Вевчанскиот карневал „Василичари“ќе биде отворен на 13 јануари на пладне кога сите маскирани карневалџии организирано ќе поминат и ќе се претстават пред Вевчанци и пред дојдените гости.Изјави публицистот Мишо Китаноски,од Вевчани кој е предсетале на комисијата за култура при општина Вевчани и хроничар на вевчанскиот карневал.

Стојан Кукунешоски 

 

 

04 Јануари 2016

Благодарение на нашиот соработник Ѓорѓи Кочовски на „Публицитет.мк“ го имаме како заеднички подарок Ноговодишниот концерт на учениците при ОМУ „Методи патче“ од Охрид.

Кочовски не замоли да информираме дека деновиве во Музичкото училиште ќе го има ЦД -то од концертот за секој од учесниците. 

На тој начин тие ќе имаат свој спомен од настапот, а училиштето ќе ја збогати архивата. 

Публицитет.мк 

31 Декември 2015

 

М-р Гоце Гавриловски од Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Гоце Делчев “ од Штип денеовиве докторира.

29 Декември 2015

Колегите од веќе етаблираната и позната МЕГА ПРОДУКЦИЈА од Охрид специјално за Публицитет.мк направија една мини фотогалерија на Охрид во предновогодишно руво. Се надеваме дека целосно ќе ви се допадне. 

Нашата редакција посебно му благодари на Ѓоко Наумовски за прифатената соработка , која се надеваме ќе се продлабочи во следната 2016 година. 

Вам драги читатели и проследувачи на www.publicitet.mk и на овој начин ве каниме да дојдете во Охрид и празниците да ги поминете во македонскиот бисер - Балканскиот Ерусалим. 

gole 1

gole 2

gole 4

gole 5

gole 6

gole 7

gole 8

gole 10

gole 11

gole 12

gole 14

МЕГА ПРОДУКЦИЈА - ОХРИД за ПУБЛИЦИТЕТ.МК 

СРЕЌНИ ПРАЗНИЦИ!

27 Декември 2015

 Деновиве во Охрид беше промовирана првата стихозбирка „Љубовен вознес“ од Митре Мангоски - Радождански. 

23 Декември 2015

Оваа веќе стара 2015 година полека си заминува и ќе и го препушти времето и местото на Новата 2016 година. 

21 Декември 2015

 

Во среда на 23 декември од 19 часот во Центарот за култура „Григор Прличев“ во чии рамки и делува Градскиот хор ќе го одржи традиционалниот Новогодишен концерт. 

21 Декември 2015

Градоначалникот на Охрид,  Никола Бакрачески , по повод одбележувањето на Денот на наставата на турски јазик - 21 декември, упати честитка до припадниците на турската заедница во Охрид и Р. Македонија.

 Употребата и образованието на мајчиниот јазик се најзначајните човечки права преку кои се создава, чува и промовира идентитетот на  народите. Со денешното празнување  уште еднаш потсетуваме на долгата традиција на соживот и заедништво во Република Македонија   претставено преку негување  на различните  култури, традиции и  религии, кои нè поврзуваат и  обединуваат. Турската заедница е почитуван и значаен  дел во Охрид и во целокупното  македонско мултикулктурно општество. Ваквите празници ја потврдуваат нашата долгорочна посветеност за негување и унапредување на меѓусебните односи во државава но  и негуавње на пријателството со Р. Турција.  Сплотени, заедно и во иднина  да продолжиме да ги негуваме културните особености и да работиме на промоција на културниот, образовниот, економскиот и општествен развој на Охрид и  Република Македонија, стои  во честитката на градоначалникот  Никола Бакрачески по повод  одбележувањето  на Денот на наставата на турски јазик.

Публицитет.мк 

 

18 Декември 2015

Долгогодишниот познат наш македонски фотограф  Ѓорги Личовски, ја доби годинашната награда на УНИЦЕФ за фотографија на годината. 

Страница 153 од 167
 

output raIp0q

ezgif-3-7c8d99f0b6

akvarius

alfacentar

 

  • Medikor

niksan

Мисли-размисли

za misla

Импресум

www.publicitet.mk

ФЛЕШ ПЛУС - ДООЕЛ, ОХРИД

Контакт: publicitetpublicitet@yahoo.com

Техничка реализација: www.arkahost.mk

Посетеност website counter