al palpojo 2020

Заврши Меѓународниот натпревар на млади музичари „Охридски бисери“

20 Јуни 2022

Заврши дваесет и првото издание на Меѓународниот натпревар на млади музичари „Охридски бисери“. На Свечениот концерт што се одржа на 18ти јуни, во катедралната црква Св. Софија, настапија финалистите во дисциплините виолина, пијано и камерна музика во сите возрасни категории што годинава беа застапени на натпреварот. „Охридски бисери“ е веќе познат и афирмиран натпревар во земјава, поширокиот регион, но и во цела Европа по високиот квалитет на организација, особено талентирани и подготвени млади учесници и врвни уметници и педагози што како членови на стручното жири ги оценуваат изведбите.

И годинава, како и во претходните дваесет изданија, многубројната публика во црквата Св. Софија уживаше во десет виртуозни настапи на Финалниот концерт. Комисијата имаше тешка задача да ги одбере најуспешните меѓу нив. Наградата „Гран при“, парична награда во износ од 3000 евра и вреден накит охридски бисер ја освои пијано триото од Чешка во состав Кристијан Мрачек - виолина, Доминик Велек - виолончело и Вероника Јаклова – пијано. Наградата ја врачи претседателот на натпреварот Ѓорге Улишев. За оваа пригода младите уметници го изведоа „Пијано триото“ оп. 8 бр. 1 од Јоханес Брамс. Директорката на најпрестижната манифестација од областа на културата, Фестивалот „Охридско лето“ Г-ѓа Наташа Поповиќ на победниците им врачи пригодни подароци и ги покани во следното издание на Фестивалот во 2023 година да настапат со Рецитал на Подиумот на млади уметници. Второ место во генерален пласман и парична награда од 2000 евра, освои младиот виолинист од Чешка Кристијан Мрачек, а се претстави со извонредна изведба на виолинскиот концерт во Де-дур од Петар Илич Чајковски, а трето место и парична награда од 1000 евра освои младата пијанистка Ива Вуковиќ од Србија. Таа ја изведе виртуозната „Парафраза на тема од Вердиевата опера „Риголето“ од Франц Лист. Виолинистката Зала Ева Коцијанчич од Австрија ја освои специјалната награда на ЕМСИ (Европска асоцојација на музички натпревари). Оваа награда на младата уметница ќе и овозможи едногодишна промоција и развој на нејзината концертна кариера во повеќе европски градови и соработка со еминентни виолински педагози.
Најуспешен претставник на „Охридски бисери 2022“ беше младиот пијанист од Средното музичко училиште во Битола, Арсениј Ангелески, победник во Це категорија, кој на концертот ја изведе „Унгарската рапсодија“ бр. 11 од Франц Лист.

panda

Покрај вредните парични награди и наградата ЕМСИ, по кои „Охридски бисери“ се издвојува од сите останати музички натпревари во земјава и во регионот, на Свечениот концерт беа доделени и други специјални награди. Здружението Сојуз на композиторите на Македонија и претставникот, композиторот Борис Светиев му доделија парична награда во износ од 100 евра, за најдобра изведба на дело од македонски композитор на пијанистот Дарко Арсов за изведба на композицијата „Овчеполска свита“ од Благој Цанев. Специјалната награда на Фондацијата „Зографски“ за најдобра изведба на дело од композиторот Томислав Зографски, која традиционално ја доделува сопругата на композиторот Г-ѓа Панда Зографска ја освоија виолинистот од Италија Пиетро Багето и пијанистката Љубица Улиш од Македонија. На концертот младите уметници ги изведоа Свитите за виолина и пијано. Нашиот познат виолинист и педагог, професор на ФМУ од Скопје Љубиша Кировски, воедно и Претседател на Фестивалот „Златна лира“ на младиот пијанист Арсениј Ангелески му додели награда – Рецитал на овој престижен Фестивал што се одржува во организација на Здружението на музичките уметници на Македонија.
Меѓународниот натпревар на млади музичари „Охридски бисери“, секоја година во месец јуни претставува значаен настан од областа на културата во Охрид, но и место за драгоцена размена на искуства и дружење меѓу младите музички уметници од цела Европа.


Викица Костоска Пенева - музиколог

Публицитет.мк 

Прочитано 791 пати
 

output raIp0q

ezgif-3-7c8d99f0b6

akvarius

alfacentar

 

  • Medikor

niksan

Мисли-размисли

za misla

Импресум

www.publicitet.mk

ФЛЕШ ПЛУС - ДООЕЛ, ОХРИД

Контакт: publicitetpublicitet@yahoo.com

Техничка реализација: www.arkahost.mk

Посетеност website counter