Познатиот хармоникаш Гоце Џуклески му посвети оро на покојниот колега Милан Завков

18 Март 2023

Денес, изминуваат 40 денови откако ненадејно и прерано не напушти Македонскиот Моцарт во народната музика, Маестро Милан Завков, напиша на социјалните мрежи познатиот хармоникаш, композитор и аранжер Гоце Џуклески и додава:

-Неговиот живот беше музика, музика и само музика. Преку музиката ни подари еден универзален говор на љубовта без граници. Не само што беше брилијантен репродуктивец, туку беше и извонреден творец - композитор. Како симболика за нашето искрено пријателство и соработка, не така одамна, го компонирав ,,Џукле - Завково оро,, а Миланчо со голема радост го подготви аранжманот, но и со мерак го сними во музичко студио. Денес, за прв пат, ова оро го објавувам пред пошироката јавност.
Ти благодарам Миланчо за наследството што ни го остави во областа на МАКЕДОНСКАТА народна музика. Секогаш ќе бидиш во моите мисли.
Вечна ти слава, друже мој, напиша на Фејзбук, Гоце Џуклески. 

Зафков не напушти ненадејно, во 61-та година од животот на почетокот од февруари годинава. Тој беше врвен инструменталист и композитор, првенецот на „Танец“ и долгогодишен раководител на оркестарот. 
 
 
 Од „Танец“ потсетуваат дека љубовта кон музиката на Милан Завков почнува од детството. Тој почнал да свири хармоника од осумгодишна возраст, а веќе на четиринаесет години станува член на оркестарот на тогашниот „Млад Танец“ со кој раководел Ѓорѓи Димчевски. Потоа, неговите младински денови ги поминува свирејќи во Културно-уметничкото друштво „Мирче Ацев“, уште тогаш знаејќи дека музиката ќе стане негова животна и професионална определба. Во тоа време на Факултетот за музичка уметност во Скопје сè уште не постоеле студии по хармоника и така Завков се определува за неговиот втор инструмент, контрабасот и со успех дипломира на одделот за гудачки инструменти.
 
Во 1970-та година, со популарниот „Октет Македонија“ ја снима својата прва плоча, а во својата натчетиридецениска кариера на полето на народната музика, самостојно, во различни соработки, како и со познатата група „Македонски мерак“ остварува врвни музички интерпретации и сигнификатен опус на композиции и аранжмани за бројни изведувачи, соопшти „Танец“.
 
Од 2000-та година Милан Завков беше вработен во Националниот ансамбл за народни игри и песни „Танец“, како музичар-инструметалист првенец и долгогодишен раководител на оркестарот, со кој остварува бројни концерти и турнеи во земјата и насекаде низ светот.
Покрај тоа што важеше за човек со големо срце, зад него остави песни за незаборав. Зад него ќе останат над 150 авторски творби, многу трајни снимки и повеќе дискографски изданија, меѓу кои врвните хит-мелодии како “Заиграј со мене”, отпеана од Виолета Томовска, “Камен да беше срцето” и “Свири мајсторе” од Гоце Арнаудов, “Нема друга Македонија” од Војо Стојаноски, “Лична Јовано” и “Лазарополе” од Наум Петрески, “Пат за Стамболград” и “Мораш душо да ме разбереш” од Благица Павловска, како и други создадени за Атина Апостолова, Пепи Бафтировски, Сузана Спасовска, Ленче Кукиќ, Миле Кузмановски, Зуица Лазова, Милица Кузмановска, Ефто Пупиновски.
 
Секако, Милан Завков низ годините се истакнува и како солист инструменталист со многу ора и чочеци и се здобива со углед на еден од најдобрите хармоникаши во Македонија, но и на просторите на поранешна Југославија.

 

Публицитет.мк 

Прочитано 1484 пати
 

output raIp0q

ezgif-3-7c8d99f0b6

akvarius

alfacentar

 

  • Medikor

niksan

Мисли-размисли

za misla

Импресум

www.publicitet.mk

ФЛЕШ ПЛУС - ДООЕЛ, ОХРИД

Контакт: publicitetpublicitet@yahoo.com

Техничка реализација: www.arkahost.mk

Посетеност website counter