Промоцијата на книгата „Говорот на телото“ одржана во НУ Библиотека „Григор Прличев“ во Охрид беше причина и повод за средба со проф. д-р Зендел Абедин Шехи и за интервјуто преку кое се обидовме да ја откриеме неговата харизма,погледи на свет, неговиот поглед кон себеси и кон другите околу него.
Во книгата а и во интервјуто д-р Шехи зборува за убавината и убавиот збор на куртоазија и емпатија, за експресија и светот на емоции и за ред други убави нешта.
За неговиот пат и неговото угледно семејство од Гостивар , преку милионскиот Истанбул до Хамбург и оттаму назад во Македонија и оттука пак ценет и почитуван низ светот.
Д-р Зендел го води мислата и прашањето – Што може ние да им дадеме на луѓето? Според него знаењето не е знаење ако е задржано на пример во Вашето его ако тоа не го споделите. А, тој се’ што научил преку образованието одлучил да го сподели со луѓето преку науката ама и во контактите.
Со клик на линкот, слушнете го во целост аудио интервјуто. Со д-р Шехи разговараше Милчо Јованоски:
Признава дека во Македонија во оваа трка со времето изгубени се низа универзални вредности кои постоеа со години и векови меѓу кои и зборот гости. Тој смета дека тој збор многу малку се користи а и луѓето како да престанаа да си одат едни кај други на гости да се дружат и почитуваат.
Д-р Зендел Абедин Шехи е претседател и основач на ЕУ ИНСТИТУТОТ во Скопје. Тој е човек со огромно искуство во менаџмент, меѓународно право и дипломатија, но и експерт за говор на тело и комуникација.
Човекот со визија и сон вели: „Имам еден сон кога еден ден сите граѓани ќе сфатат дека унитарноста и респектот на заедничките вредности ќе ги инвестираат во доверба и љубов каде што луѓето без предрасуди и омраза, без причина ќе научат со заеднички сили да ги победат сите препреки што ги ограничуваат да бидат дел од светот што припаѓаат“.
Со д-р Зендел во интервјуто начнавме длабоко филозофски теми и уште подлабоки животни погледи, ставови и научени лекции и искуства.
Но има и музика и тоа по избор на д-р Шехи а се потрудивме да одбереме и нешто по наше што сметавме дека ќе му се допадне. Кога зборувавме токму за музиката тој го цитираше Ниче и рече: Животот без музика е грешка. Ги одбра Битлси, Џибони, а ние Бјело Дугме и Фрајле.
Ни призна дека со убаво друштво сака да биде по кафеани, да пие кафе и да слуша кога му свират дури и на уво. Кога го прашав каде е најсреќен рече дека тоа е таму каде што се чувствува слободен во душата. Патувал како Магелан надалеку ама пак се врати во Македонија и тука отвори бизнис. И рече: – Не случано Македонија , не случајно тука. Ме мотивира и ме надополнува и сите да разберат дека ограничувања особено на младите не се физички, туку дека се’ е само до мислата. И дека треба да помислат дека можат да бидат подобри и да излезат од своите стравови и ограничувања.
За борбата на луѓето со сопственото его ми го цитираше Напалеон, а малку подоцна и Гоце Делчев. И како што зборувал по семинарите и тука во Македонија им порачува на луѓето дека решението на проблемот е во нив самите. И ако сакаат да го решат ќе го решат.
Време е да престанат луѓето кога ќе се на некоја средба со други да гледаат во паметните телефони, туку да ги гледаат во очи така ќе ја покажат почитта кон нив, вели д-р Шехи.
За крај ни кажа дека две сили го движат, тоа што научил да биде добар и одговорен татко . Сите ние имаме берлински ѕидови меѓу децата и родителите. Знаејќи ја таа вистина се потрудив да го срушам ѕидот и да бидам близок како пријател со синот. Но никогаш нема да биде доволно да бидам одговорен и добар татко. Ни вети дека нема да чекаме пет години за да се видиме повторно и дека е среќен што во Охрид има нови пријатели.
Публицитет.мк