al palpojo 2020

РЕТРО: „Мојот живот, мојот свет“ Снежана Анастасова - Чадикоска, во чест на наградата Свети Климент Охридски

08 Декември 2021

Снежана Анастасова - Чадиковска е вториот гостин - соговорник во новата сезона од аудио интервјуата „Мојот живот, мојот свет“. Нашата средба , логично беше да се случи во Охрид и тоа на 2 август на два дена пред почетокот на 60 „Охридско лето“.

 А, таа Анастасова - Чадиковска уште за добредојде ми вели: „Целиот мој уметнички и приватен живот, иако не сум родена во Охрид ми е сврзан со фестивалот. Благодарејќи му на татко ми кој уште таа магична 1961 кога уште не беше модерно изгради малечка куќа на патот кон Канео и на неговата љубов кон уметноста јас сум една од ретките живи сведоци на првиот концерт на Ана Липша – Тофовиќ во „Света Софија’. Имав само 11 години и она што најмногу го паметам е тоа како луѓето носеа столици на балконот во црквата за да го слушнат тој прв концерт,“вели Чадиковска.

zane

Чадиковска е цел живот со фестивалот: гледач, семинарист, учесник, селектор... Во разговорот со Милчо Јованоски, таа зборува за детството, младешките години, студирањето во Софија, па одењето во класата на Дубравка Томшиќ во Љубљана, за нејзината страст кон пијаното, концертите, запознавањето со нејзиниот Венцо и раѓањето на ќерката Ива и синот Георги, нивните кариери, за родителите и за неа како родител и секако за своите ученици на крајот за пишувањето раскази за деца од кои пак „извира“ Охрид. 

zane 18

Сето тоа личи на приказна, која ни ја раскажува  Снежана Анастасова – Чадиковска , познатата пијанистка и педагог, едно време и селектор на музичкиот дел на Охридско и личноста која ова лето ги поздрави колегите уметници и учесници на фестивалот со беседа. Во чест на фестивалскиот јубилеј беше промовирана и монографијата ФЕСТИВАЛСКА ПРИКАЗНА дело на Чадиковска и нејзината помлада соработничка и колешка  Роза Нолчева - Ангеловска. 

Со клик на линкот слушнете го интервјуто со проф. Чадиковска во целост. Автор и водител : Милчо Јованоски 

  

Прочитајте го воведот во најновата монографија за „Охридско лето“  

festivalska prikazna1

ГРАДОТ НА СВЕТЛИНАТА. ТВОРЕЧКИОТ ПРЕДИЗВИК

Патуваш од Скопје, главниот град на Република Северна Македонија кон југозапад. Одиш кон Охрид, често нарекуван духовно средиште на оваа земја. По приближно два часа возење, откако си ги заминал планините и си се спуштил во рамнина, воздухот како да станува попрозрачен. Како да вдишуваш лековити билки. Знаеш-близу си. Стигнуваш во градот, од Римјаните наречен Лихнидос - Светлиот.

     На влезот во Охрид пред тебе се издига Рид. Го обиколуваат ѕидини, некаде срушени, некаде закрепнати. На врвот - тврдина. Дворецот на Самoил. Воинот и бунтовник, а потоа и цар на сиот Балкан. Единствениот кој го одбрал Градот на светлината за свој престол, некаде во далечниот десетти век. Чудна, и раскошна и тажна е неговата приказна. Неминовно, ќе допреме пак дел од неа. Но, треба да продолжиме понатаму. Стигнуваме до Пазарот. Може за кус одмор и да свратиме. Да се порадуваме на темноцрвените, крупни охридски черешни ( цреши). Потоа, ја искачуваш угорнината. Преку Горна порта, сè уште окована со железни заштитини плочи - најгорната од четирите, низ кои се влегувало во Самоиловата тврдина, доаѓаш во Стариот град. Продолжуваш право пред себе. Делканиот камен, со кој е поплочен патот светка под утринското сонце. Таков е, бидејќи во овој дел од Градот, наречен Варош, секое утро се мијат уличните плочи пред куќа. Таков е редот Те обиколуваат снежно бели куќи. Пред вратите, во големи саксии или просто буриња - топки од мимози и џунџуле, ветки бели олеандри. Од балконите се спуштаат слапови миризливи петунии и крупни, кадифесто црвени сардели. Стигнуваш до Плаошник. Те пречекува црква, пресоздадена во 2009-тата врз темелите на онаа, која во деветтиот век ја изградил Свети Климент Охридски. Ја нарекол „Свети Пантелејмон“. Тука, токму во овој дел од светот, Свети Климент ја основал својата Школа со 3500 ученици. Свети Климент ги поучувал, водел и лекувал луѓето. Ги учел како да калемат овошки, да не бидат диви, за плодовите да се сочни и вкусни. Книгите духовни, столетија стари, ги запишувал на свој, мајчин јазик. Држел и богослужба на словенски. За да ги научи луѓето на Словото Господово, на благородство и почит, за и тие да не бидат диви...   

117825215 1421156374941221 9077152376509407046 n

Снежана со сопругот Венцо и со Роза Нолчева на промоцијата на монографијата 

     Потоа, доаѓаш до работ на сега израмнетиот Плаошник. Пред тебе блеснува синило. Езеро, едно од најстарите на светот, во сиот сјај и убавина. Го наслутуваш по белината во далечината манастирот кој го изградил Свети Наум, духовниот брат на Свети Климент, на спротивниот крај од водената широчина. Како ли е направен, во тој деветти век, сосема под права линија од местото на кое стоиш? На триесет и два километри растојание? Свети Наум – Чудотворец, лечител, почитуван од сиот крај, независно дали станува збор за христијани или луѓе од друга вера, паметуван и славен до ден денешен... Земаш здив и тргнуваш удолу низ Варош.

Monografi a Ohrid 2

Поминуваш покрај епископската црква „Св. Богородица Перивлепта“. Често е нарекувана и „Свети Климент“, зошто моштите, за време на османлиско владеење, му биле во неа. Од десната страна пред тебе, се открива монументален римски амфитеатар. Уште еден сведок на долголетноста на животот во овој град. Полека чекорејќи (одново помеѓу куќи, со издадени бели чардаци, покриени со цвеќе), стигнуваш до Неа. Црквата „Света Софија“. Убавицата, центарот на Охридската епископија. Света Софија-Премудроста Христова... Градена и иконописана во единасеттиот век, врз остатоци од старо светилиште. Доградена во четиринаесеттиот век... 

zane 16

   Седнуваш пред главниот црковен влез. Се восхитуваш на елеганцијата на столбовите и промислената разиграност на фасадата од црвени тули. И те опфаќа спокојот, тишината, која напладне зрачи од „Света Софија“. Зошто, ете, дома си. Стигна до срцето на фестивалот „Охридско лето“. А тој, фестивалот е сосема природно, дом на сите музичари, актери, на сите творци или љубители на уметноста. Сите оние кои во изминатите шеесет години го озвучувале, разигрувале, обојувале, го сакале и му се радувале. И така, загледан во величествената света градба, ти се чини толку нормално, просто неминовно што сè започнало токму тука, во „Света Софија“, во таа далечна 1961. А еве како тоа се случило:

„Беше некаде кон крајот на јули, 1961 година. Едно врнежливо претпладне заедно со семејството отидовме да ги разгледаме охридските цркви. Во Света Софија бевме само ние и една млада холандска двојка. При разгледувањето на црквата разговаравме малку погласно. Иако се наоѓавме на спротивни агли од црквата, разговорот многу јасно се слушаше. Бев замолена да запеам, за да ја испробаме акустиката. Во почетокот се спротивставував, но потоа се согласив. Пеев од разни места во црквата. Кога престанав, ми рекоа дека од сите места се слуша еднакво. Констатиравме дека црквата има одлична акустика. Кога ја напуштивме црквата, размислувавме на можноста во неа да се одржи концерт. Потоа се собравме поголемо друштво. Тука беа: Лазар Личеноски, Тошо Поповски, Димче Серафимовски, Милан Ѓурчинов, Илија Зафировски, Тодорка Кондова - Зафировска, Димче Маленко, Љубен Батковски, Видое Видически, Виктор Плевнеш и некои други. Сите се согласија дека е убаво да организираме концерт. На 4 август, во сопствена режија го организиравме првиот концерт, на кој настапив јас, во пијано соработка на Ладислав Перлдик, кој овде се наоѓаше на годишен одмор. Перлдик ме придружуваше на едно старо пијано, од Андон Радич, на кое педалите му беа искршени...“ („Нова Македонија“, 1969)

 zane pred oh

Тоа е расказот на Ана Липша-Тофовиќ, примадона на Операта при МНТ, првата дама која запеа под сводовите на „Света Софија“. Сето тоа личи на приказна. А, во денешно време навистина нѝ треба доста фантазија, за да си замислиме како еден врвен неврохирург, еден еминентен сликар, уредници - новинари, директорот на Домот на културата во Охрид - како го носат единственото концертно пијано во градот на раце до стариот камион, за да стигне до целта - концерт во „Света Софија“. Како примадоната, во достоинствено, едноставен црн фустан, пред настап ги прелистува нотите, стоејќи на обраснатиот тревник пред црквата. Или - како жителите од соседните куќи и кафеани носат столчиња, за да го слушаат Концертот. Сè е преполно. До приодите на „Света Софија“. Сè е во очекување. Радоста е неизмерна!

Црквата, која во тие времиња не е активен сакрален објект, туку споменик на културата во фаза на реставрација - да, Црквата повторно ќе зазвучи со човечки глас... 

Прекрасна случајност - ќе речете. Чудо! Да, но дали е навистина само тоа?

milco 3

Чадиковска и десно од неа водителот на интервјуто Јованоски, во улога на модератор на промоцијата на монографијата за јубилејното „Охридско лето“ 

Зошто, вистинското културолошко и цивилизациско чудо е она што се случува во македонската култура, особено музичката - во петнаесетте години по Втората светска војна. Годините кои му претходат на овој настан. Зошто, во Народна Република Македонија - тогаш дел од ФНРЈ - прва државотворно организирана заедница на македонскиот народ - за неполни пет години од крајот на Втората светска војна се создаваат: Опера, Балет, Филхармонија, Концертна дирекција, уметнички образовни институции, Универзитет... Во шеесеттите, сите тие се веќе во зрела творечка фаза. А, Охрид - градот со триста шеесет и пет цркви и параклиси, градот со извонреден средновековен архитектонски комплекс, со сета езерска ширина и убавината - Охрид е икона за сите македонски творци. Чиниш во него е вткаен најубавиот дел од македонската сушност.

Охрид е предизвик. Предизвик за ново себепронаоѓање, ново себеизмерување со светот и во светот.

Искрата е запалена.

Донесена е одлука: во Охрид, во „Света Софија“, следната година ќе се направат повеќе концерти. А потоа - уште повеќе и повеќе...

И така - роден е Фестивалот. Фестивалот, на кој до денес се одржани преку три илјади приредби, изведени од приближно 50.000 уметници од сите страни на светот и следени од милионска публика.

Родено е „Охридско лето“.

zane 5

СНЕЖАНА АНАСТАСОВА ЧАДИКОВСКА

пијанист, пијано – педагог и музички публицист

Средното музичко образование го завршила во Скопје(класи по пијано на С. Бојаџиева  и Б. Цветковиќ). Дипломирала  на Државниот бугарски конзерваториум (класи Д.Лазарова , В.Савова). Магистрирала на Музичката академија во Љубљана (класа Д.Томшич). Се усовршувала на повеќе семинари за пијано интерпретација  во летните академии во Охрид и Вајмар (професори Ж. Бланкар,  А.Чиколини, Б.Романов,  Љ. Романова,  Д.Томшич, Р. Керер) како и за пијано-педагогија (професори: Е.Тимакин, Б.Романов, Е.Корољов,Ј .Михајловиќ, В.Крпан, М.Моллова, В.Чучков, Ж.Захариева  и др.)

Од 1972 до 2012  работи како професор по пијано во ДМБУЦ ,,Илија Николовски Луј “ во Скопје. Во нејзината класа по пијано, освен бројни ученици од основниот оддел,матурирале или учеле повеќе од триесет млади пијанисти од специјалниот оддел. Поголем број од нив денес се значајни чинители на педагошката и концертантна македонска сцена или работат и живеат во други земји. Тие, во изминатите четириесет години, реализирале не само постојани настапи на најзначајните групни концерти во ДМБУЦ , туку и повеќе самостојни рецитали во организација на МММ, Скопско лето, Салонот 19,19, како и солистички настапи со Македонската филхармонија. Воедно на Државните натпревари за ученици и студенти по музика освоиле преку сто награди. Освоиле и преку седумдесет награди на меѓународни  натпревари  во Белгија, Бугарија, Италија, Македонија, Романија, Србија, САД,  Франција. Хрватска ,Чешка.

zane pijano

Самата С.Чадиковска по поименична  покана била повеќе пати член на жири за меѓународни натпревари во Бугарија, Италија, Македонија, Србија, Хрватска,Чешка.Таа е постојан член  на жирито на Натпреварите за ученици и студенти на Република Македонија.

Во повеќе наврати Чадиковска била гостин-професор во музичките училишта во Кавадарци, Штип и Охрид,како и предавач на средбите на ЕПТА на Македонија.

zane 7

Носител е на звањето Особено истакнат педагошки работник на Република Македонија(1989) како и на Наградата за животно дело на Сојузот на музички педагози.(2006)

       Од 1972-2000 активно настапувала како концертант-солист,воедно како пијано соработник на видни македонски солисти(Љ.Господинов,В.Атанасов,Ст. Димов,Сл. Галиќ и др).

Концертирала во сите градови на Р. Македонија, во сите центри на поранешна Југославија, во Бугарија и Италија,како и на меѓународни фестивали(,,Охридско лето “, ,,Будва- отворен град“,,,Скопско лето“ и др.)

За сестраната афирмација на пијанистичката уметност ,носител е на највисоката награда на МММ-Јубилејница ,како и на Благодарница на СОКОМ , за афирмација и изведби на македонското творештво.

zane 10

Марија Ѓошевска, една од нејзините најпознати ученички 

       Од1986 редовно се бави со музичка публицистика:

-како рецензент на весниците,,Екран“,,,Нова Македонија“,,,Пулс“,на Радио- Скопје(3-та програма )...

-како автор и водител на портрети на видни македонски музички дејци(за програмите на МТВ , СОКОМ и др. )

-како дел од тимот за подгодовка на музичките одредници во Македонската енциклопедија , Зборниците ,,Музиката на тлото на Македонија“ на МА НУ, Енциклопедијата на МИАН, јубилејните изданија на публикации –монографии за ,,Охридско лето“,МНТ,Електронската публикација на ФДУ,,Македонска сцена “.

aaa copy

Затворање на „Охридско лето “ 1998 со хорот „Глинка“ 

-раководител на тимовите за изработка на монографиите ,,40 години МБУЦ“,,50 г

одини Охридски лето“

-автор и коавтор на монографиите ,,30 години МММ“, ,,Милка Ефтимова – светот на еден глас“,, ,,Волвганг Амадеус Моцарт“,,Meta sonorem-Фимчо Муратовски“

-сценарист и водител на повеќе серии со дидактички карактер за МТВ и Советот за радио-дифузија, од кои најпознати се ,,Приказни од пијаното“ циклус од 10 емисии) и ,,Моцарт – медаљони“ (циклус од 6 емисии).

 За ,,Македонска сцена “ во издание на ФДУ-Скопје, носител на групна награда за публицистика ,,Гоце Делчев “.

Снежана Анастасова -Чадиковска била селектор на музичката програма на фестивалот,,Охридско лето “(1995-1998).

 

Интервјуто е снимено во август , 2020 година во Охрид и премиерно поставено на Публицитет.мк на 24 октомври истата година. Вреди одново да се слушне. 

Публицитет.мк 

Прочитано 976 пати
 

output raIp0q

ezgif-3-7c8d99f0b6

akvarius

alfacentar

 

  • Medikor

niksan

Мисли-размисли

za misla

Импресум

www.publicitet.mk

ФЛЕШ ПЛУС - ДООЕЛ, ОХРИД

Контакт: publicitetpublicitet@yahoo.com

Техничка реализација: www.arkahost.mk

Посетеност website counter