Мејвис Ванчик влезе во историјата на лото – доби неверојатни 759 милиони долари и веднаш даде отказ!
Ден по извлекувањето таа го завртела бројот на работодавачот. „Се јавив и реков дека веќе не доаѓам.“ Потоа одржа прес-конференција пред телевизиските камери во САД, а тоа преку интернет се пренесуваше и ширум светот. „Тоа ми беше сон“, вели мајката на две возрасни деца за својата добивка. Извесно време не можела да поверува дека таа е среќниот добитник. Навистина, многу е неверојатно да се биде токму оној кој меѓу милиони играчи успеал да ги погоди вистинските пет бројки од 69 и уште да го има вистинскиот супер-број. Шансите се 1:292.000.000. Американските медиуми тврдат дека поголема е веројатноста да се удавите и истовремено да ве погоди гром!
Мејвис Ванчик (д.) на прес-конференцијата покрај министерката за финансии на Масачусетс, Деб Голдберг; лево на фотографијата мајката и двете сестри на Ванчик
Мејвис Ванчик играла со броеви од родендени на пријатели и роднини и бреви од нејзиното секојдневие. Онака како што прават многу играчи на лото. Ливчето го уплатила само неколку часа пред извлекувањето во локалниот супермаркет. Пред медиумите вчера сѐ уште беше потполно збунета. Прво воопшто не можела да поверува дека таа е среќниот добитник. Колега ја довезол диома по завршувањето на ноќната смена, раскажува таа. Сега сака да си земе малку време за да може сето тоа да го обработи и сфати. „Ќе се скријам в кревет“, вели Ванчик.
Според правилата на американската лотарија, добитничката сега има во основа две можности: или ќе се одлучи целиот износ да ѝ биде исплаќан во период од 30 години, или веднаш да ги добие парите, со тоа што ќе ѝ биде задржан дел од добивката. Таа се одлучила за втората варијанта. Ќе добие 480 милиони долари бруто. Откако ќе плати данок, според пресметките на лотаријата, би требало да ѝ останат 336 милиони долари.
Вакви суми во Европа досега не се освоени ниту одблиску. Шкотската брачна двојка Виер освои 185 милиони евра, а една брачна двојка од Англија – 190 милиони евра. Највисокиот износ што некогаш е исплатен во Германија изнесува 90 милиони евра, а го освои играч од покраината Баден Виртемберг во октомври 2016-та.
Извор: www.dw.com