Семејството Арнаудови парично ќе ги наградува охридските студенти по медицина кои покажале врвни резултати по предметот анатомија.
Охридскиот студент Виктор Трпчески е првиот добитник на оваа приватна стипендија. Идејата на семејството Арнаудови е да ги поддржи охридските студенти по медицина без разлика на кој универзитет студираат. Михајло Арнаудов кажува од каде потекнува идејата за доделување на стипендијата и се навраќа на споменот на неговиот дедо од далечната 1923 година. Раскажува дека неговиот дедо Благој заминал на студии по медицина на престижниот минхенски универзитет Лудвиг Максимилијан, без претходно познавање на германскиот јазик, но покажал врвно знаење и споделува една анегдота.
„ Професорот кој предавал анатомија во текот на полагањето ги свикал студентите и професорите од Универзитетот да видат како може еден човек кој не го познавал доволно тамошниот јазик да одговара со врвни резултати по предметот анатомија. Со тоа сакаме да дадеме до знаење на денешните студенти по медицина дека има надеж тие да заминат во странство, но се потребни на ова општество. Со оваа иницијатива сакаме да им го свртиме вниманието дека сепак местото каде што треба да ја обавуваат својата должност дадена под Хипократовата заклетва е сепак Охрид“, вели Арнаудов.
Д-р Благој Арнаудов во 1927 година по завршување на студиите по медицина во Минхен се враќа во родниот град и се посветува на својата професија лекувајќи ги своите сограѓани. Намерата на семејството Арнаудови е стипендијата да прерасне во Фондација „ Д-р Благој Арнаудов “.
„ Ова е чин на нашата фамилија за зачувување на името и делото на мојот дедо д-р Благој Арнаудов. Воедно наша желба е да прерасне во една фондација која ќе им помага и ќе ги стипендира студентите по медицина по завршуавње на студиите да се вратат и работат во Охрид“ , напоменува Михајло Арнаудов.
Д-р Благој Арнаудов е еден од првите лекари во Охрид од 20те години на минатиот век, а од тој период е еден од основоположниците на здравствената установа Маларична во Охрид.
Извор: ТВМ – Охрид