Утре – понеделник од 20 часот во Научниот и уметнички центар „Куќа на Уранија“ – МАНУ во Охрид ќе биде промовирана монографијата „Лексикон на странски сликари во Македонија во периодот помеѓу 1850-1950 година“од Влатко Милошевски.
Тешко е да се опише чувството кога во раце ја држите својата прва испечатена книга, вели авторот на монографијата Милошевски и доадва:
– Во оваа книга се вложени 20 години на колекционарство и истражување, и скоро две години напорна работа во подготовка на книгата. Во сите овие години, бев на раб да се откажам од целот проект. На моменти ми доаѓаше мислата: „Дали сум јас будала што вложувам толку многи во оваа работа? На кого би му било ова интересно?“
Токму вие, драги мои читатели ме уверивте дека сето ова не е само моја фикс-идеја. Пред две години проработеа веб и фејсбук страниците на Лексиконот. Веб страницата годишно е посетена од над 100 000 посетители, а фејсбук написите годишно се допрени до над 250 000 фејсбук корисници.
Лексиконот ја раскажува историјата на Македонија на еден поинаков начин – низ призмата на уметниците кои ја посетиле во периодот 1850-1950. Историјата на Македонија не е само приказни за нашите револуционери или преродбеници. Историјата на Македонија е вткаена во илјадници лични приказни. Во овој проект јас се фокусирам на личните приказни на странските сликари кои нẻ посетиле и се инспирирале од Македонија. Секое откритие на нов сликар, открива една нова лична приказна и едно ново и непознато парче од историјата на Македонија.
Кога во некоја работа ќе вложите многу енергија и љубов, тогаш бидете уверени дека работата ќе излези добро. Така е со оваа книга.
Книгата содржи биографски податоци на повеќе од 300 странски сликари кои ја посетиле Македонија во периодот 1850-1950. Во книгата има повеќе од 500 фотографии од нивните македонски дела. Текстот е на Македонски и Англиски јазик. Оптечатена е на високо квалитетна хартија до тврд повез. Повеќе од 400 страници во голем формат. Предговорот е од Томислав Османли. Книгата е направена да биде еден добар промотор на #Македонија во странство – Македонија како уметничка муза и инспирација, вели Милошевски.
Утревечер ќе биде отворена и изложба со 30-ина оригинални уметнички дела од приватната колекција на Милошевски со наслов „Слики од странски сликари во Македонија во периодот помеѓу 1850-1950 година“, која ќе може да се посети до 5 август.
Публицитет.мк