Во потрага по трајната убавина

11 Февруари 2023

Лесно е да се загубиш во лавиринтот на тесни улички во стартиот град во Охрид. Доколку одите од црквата Света Богородица Челница кон црквата Света Богородица – Каменско, од десната страна се искачува едно малечко и тесно уличе крстено „Бранко Шотра“.

03 Февруари 2023

           Со тетка  Фросе Маленковa често се сретнувавме на Градските гробишта во Охрид ,таа  крај  вечното почивалиште  од својот сопруг, писателот Димче Маленко, јас  кај моите родители. Тагата по најблиските како да не зближи повеќе од  долгогодишното познанство и пријателство како блиски соседи. Куќите една над друга, спомениците еден  во близина на друг. При една таква средба, на мое пријатно  изненадување, тетка Фросе ми даде исечок од весник, грижливо свиткан во друго парче хартија за да не се оштети. Бев љубопитна и веднаш почнав да читам:

25 Декември 2022

Додека Венко Андоновски го довршуваше „Папокот на светлината“, романот кој е порта кон нов продуховен свет и е своевидно продолжение на култниот „Папокот на светот“, во издание на „Паблишер“ веќе беше објавен неговиот прв роман за тинејџери – „Имаш пчела на носот“. Роман со многу автобиографски моменти од детството и младоста на најтиражниот македонски писател, кои уште повеќе ни ја откриваат неговата човечка димензија, но и роман со кој се настојува на тинејџерите да им се покаже што е книжевноста.  

И тоа не само на њутајмер туку и на олдајтмер тинејџерите, како што стои и во поднасловот на романот за кој Венко Андоновски ја доби наградата на Друштвото на писателите на Македонија за најдобра книга за деца, „Ванчо Николески“.

08 Декември 2022

Во мигов кога го одбележуваме нашиот празник убаво е да се потсетиме  и на еден значаен датум, поточно јубилејна годишнина.  Откако нашата гимназија го зацврстила своето име Св Климент Охридски, точно пред осумдесет години на гимназиската зграда е поставен и барелејефот со ликот на нашиот патрон Св Климент.

21 Ноември 2022
Свети Архангел Михаил, помнам како дете, беше голем празник и секоја година беше свечен настан во моето семејство во Битола. Неколку дена претходно се чистеше цела куќа, независно од студот се миеше дворот со долгото црево зацврстено на дворската чешма од портата до секој агол и секоја бетонска скала. Се купуваа намирници за готвење, се украсуваше домот со пеглани и штиркани везени чаршафи сошиени од мајсторката во Битола – тетка Калипсо.
Вечерта спроти денот се подготвуваше вечерата на која редовно имаше тавче - гравче и риба ако беше посна славата или сарма и свинско печење ако беше мрсна.
17 Ноември 2022

Од печат штотуку излезе второто изменето и дополнето издание на книгата „Крсте Петков Мисирков - македонскиот меѓник“ на несомнено еден од најплодните македонски публицисти, политиколог и новинар на Македонското радио - Радио Скопје, Свето Стаменов, чие прво издание беше објавено во 2020 година.

01 Ноември 2022

            По повод излегувањето на „Извештаи на Рисот и Јазик и леб“ од Славе Ѓорѓо Димоски на словенечки јазик во издание на „Хиша поезије“ од Љубљана, а во превод на  Лара Миховиловиќ во словенечкиот весник „Дневник“ и ревијата „Букла“ се појавија афирмативни осврти за книгата.

31 Август 2022

Никола Упевче како конзерватор и мозаичар го оживува минатото на Охрид.

20 Август 2022

Нови изданија на учебници по македонски јазик, литература и култура од коишто новите генерации странски македонисти ќе ја спознаваат и изучуваат македонистиката беа промовирани вчера, на отворањето на јубилејната 55. Летна школа на Семинарот за македонски јазик, литература и култура при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (МСМЈЛК при УКИМ). Со овие изданија, за првпат, учебници по македонски јазик, литература и култура воопшто, а не само оние коишто првенствено се наменети за странци, веќе се подготвуваат, односно објавуваат и како аудиокниги. Овие изданија коишто МСМЈЛК при УКИМ ги објави неодамна во печатена форма, за првпат ќе се користат токму на 55. Летна школа во Охрид, на којашто учествуваат најголем број семинаристи изминативе години, а веќе од следната академска година ќе може да се користат и на сите странски високообразовни и научни центри во светот на коишто се изучува македонистиката, вклучително и во наставата на лекторатите по македонски јазик.

13 Август 2022

Добитник на годинашната награда за најдобар расказ “Живко Чинго“ е Анета Велкоска – ОДА, за расказот “Зошто роботите не умеат да љубат“. 

Анета Велкоска – ОДА за своето творештво добила повеќе домашни и меѓународни награди и признанија, а годинава за првпат учествува на конкурсот што го распишува Општина Охрид во чест на македонскиот великан.

БИОГРАФИЈА
Анета Велкоска
• Родена е во 1978 година во Скопје.Завршила Филолошки факултет.
• Е-маил: Оваа е-адреса е заштитена од спамботови. Треба да ви е овозможено JavaScript за да ја видите.
• Професор по македонски јазик и литература (предавач, промотор, уредник),
библиотекар (креатор на најубавата училишна библиотека во Македонија,
вработена во 2010 година), писател (автор на повеќе дела, член на ДПМ од
2009 година)
• Работно искуство:
- Уредник на списанија (,,Лоза,, , ,,Мугри,, 2000-2004) , фестивали и кампови (
,,Детски лирски треперења,, и ,,Камп за писатели,, - Охрид, 2010 - 2019)
- Новинар и водител во МТВ ( ,,Ѕвон,, и ,,Печурките во Македонија,, – серија
документарци, 2000-2003)
- Режисер и сценарист на аматерски претстави со патувачкиот театар ,,Дивјаци,, (
мултикултурни проекти наградени во државата и во странство.
• Награди и признанија:
- Добитник на признанија за допринос во македонската литература, литературни
средби Илинден (2012 – 2017)
- Добитник на повеќе награди за кратки раскази ( ,,Нова Македонија,, ,
Студентски збор,, 2000 – 2007)
- Добитник на наградата ,, Блаже Конески,, ( прва награда за есеј на
Филолошкиот факултет, 2003)
- Добитник на награда за најдобар драмски текст ( ,,Отровен лек,,) на драмски
фестивал во Кочани (2013)
- Добитник на првата награда во светот за есперантски јазик, култура и наука
(Холандија, 2001)
- Добитник на признание за учество на Караманови средби (1999)
- Добитник на првата награда во Македонија за најдобра книга на годината (
,,Што ја нервира вечноста,, во 2002 година на Струшките вечери на поезијата,,)
- Добитник за најдобра дебитантска книга на годината (,,Студентски збор,, 2002)
- Дипломи, признанија, сертификати, пофалници од областа на образованието,
библиотеките, професионалниот развој, модерните текови во науката и
културата (2010 – 2021).
- Дел од меѓународните збирки: ,,100 000 поети за промена,, ; ,,БИБЕР,, ;
,,Холокаустот на Евреите,,
- Пишува поезија, проза, драми, книги за деца, сценарија.
• Дела:
- ,, Што ја нервира вечноста,, (Студентски збор, 2001 година)
- ,, Дали сите богови се романтични,, ( Макавеј, 2004 година)

Свеченето доделување на наградата ќе биде вчерва на манифестацијата “Вечер на Живко Чинго“, што ќе се одржи во неговото родно Велгошти.

Публицитет.мк го објавува во целост нејзиниот награден расказ: 

 

ЗОШТО РОБОТИТЕ НЕ УМЕАТ ДА ЉУБАТ ?


Јас сум дете што најпрво било возрасна личност.


Моето име е Анахата. Можеби нема да ми верувате, но сум го добила по името на
срцевата чакра што претставува јадро на сите други чакри. Таа има апсолутен код за
пристапност до сите сетила во човечкиот организам. Ана-Хата ми дава право да бидам
администратор на невидливата енергетска корисничка сметка вгнездена во секоја моја
клетка. Уште од раѓање сум обележана, не само со чудното и единствено име туку и со
моето однесување. Посебноста е мојот идентитет. Јас сум дете што најпрво било
возрасна личност. Тоа значи дека во мојата днк – апликација има многу сериозни
особини што се карактеристични за возрасните луѓе.
Но животот како возрасна личност има толку голема фрекфенција на здодевност што
јас како дете секојдневно работам на нејзино блокирање и целосно отстранување.
Везден се движам со калкулаторот в раце, пресметувајќи уште колку проценти ќе се
наполни мојата детска природа. За таа цел секој ден во одреден период набљудувам
возрасна личност за да добијам вистинска слика за тоа што не треба да бидам.
Ретките деца секогаш се чудни
Баба ми Калина вели дека сум посебно дете, а во училиште велат дека сум дете со
посебни потреби. Јас мислам дека тоа е едно исто. Во случајов јас сум ретка книга,
нешто како енциклопедија што ја има само во еден примерок во библиотеката, што
строго се чува на највисоката полица и не смее да се изнесува надвор од читалната.
Имам дебели корици, нејасни страници, забрането е да ме копираат. Пристапот до
мојот процесор е несинхронизиран така што јас никогаш не дејствувам по протокол.
Мајка ми и татко ми имале познати профили на јогини кои редовно оделе на
медитации во Индија, но за жал од последното патување не се вратиле. Јас имам девет
години, два месеца, седум дена и еден живот со баба ми. Немам ниту брат ниту сестра.
Едно девојче од одделението ми рече дека сум единка зашто моите родители не сакале
да згрешат вторпат. Кога бев упорна да ми објасни што згрешиле првпат, кажа дека
мајка ѝ слушнала од сосетката што била пријателка со пријателката на мајка ми дека
јас сум била малку чудна.
Подоцна кога малку пораснав сфатив дека сите што се различни од мнозинството се
чудни. Можеби нема да ми верувате, но уште од бебе знам јога, совршена сум по
математика, а имам и претскажувачки соништа за кои што никој не ме сфаќа здраво за
готово.
Детето што го бараше детето во себеси
Кога сум в училиште затворена сум како лозинка. Не сум контактибилна со другите
ученици ама кликерот ми работи, како што вели наставничката па целиот материјал од
часовите го голтам како гладен скитник. Мојата збрчкана сива маса работи забрзано и
неидентификувано. Од целото одделение јас имам најмногу мегабајти меморија па
можам да раскажам лекција и од пред две години. Другарството ми беше безжично.
Секогаш виртуелно се поздравував со другите деца, а маргините во училиштето беа
моите омилени места. Јас бев обично црвче во нет рамката од детството, а кодексот на
моето однесување слободно може да се обележи со стикерот – тажно.
На групните игри јас бев џокер што се мултиплицира во сите можни карти, анонимно
играјќи ја сопствената партија низ ходниците на душата. Кога зумот преблиску ќе ме
осветлеше, на циклуси ја напуштав социјалната страница, бегајќи од активното поле на
сите мои немири. Со едно ентер веќе бев на улица, обидувајќи се да влезам во
филтерот на детството. Можеби нема да ми верувате, но јас најмногу од сè на светот
сакав да бидам обично дете.
Морнарот оди на средба со езерото
Стариот Морнар со долга бела брада секогаш го наоѓав на истото место. Се залетував
пред него како немирен бран и се закотвував в миг кога ќе го слушнев неговиот рапав
глас. Седнував на палубата од неговиот стар, но многу убав брод и седевме како двајца
стари другари. По некое време тој ја фрлаше мрежата во бесконечното тиркизно езеро,
го вклучуваше интернетот на неговата стара трска, наследство од дедо му и огромен
број на пливачки фоловери се собираа околу него, туркајќи се за да бидат фатени на
мамката. Најубавата риба секогаш загризуваше прва, а Морнарот ја логираше во
реалноста, оставајќи ја во кофа со вода, далеку од својата слободна волја. Тој беше
посветен чувар на езерото, а тоа секојдневно го наградуваше. Кога ветрот му го
брануваше вифито, тој седнуваше на брегот и молчаливо ги хранеше галебите со леб.
Морнарот и јас бевме другари во молкот. Имаше денови кога седевме и не зборувавме,
но нашите меилови беа полни со мудрости и разбирање.Ендемските насмевки од очите
што си ги разменувавме на разделба всушност беа најприродното селфи на езерото со
двајца чудаци што го сакаа до дното.
Пекарката го прави мојот омилен полжав
Пекарката Зора стануваше пред зора за да го замеси тестото за највкусните лиснати во
градот. Толку рано само штурците ѝ правеа друштво,свиркајќи во ритамот на
нејзините пекарски таленти. Секој ден откако се разделував со Морнарот, долго
мавтајќи му поминував покрај пекарата, а Пекарката ме чекаше со мојот омилен лиснат
полжав. Јас ѝ го давав парите, а таа ми го даваше благословот. Јас ја гледав со
благодарност, таа мене со милост. Не зборувавме, но благословот што ми го праќаше
претставуваше благослов за целиот народ што живееше во овој град. Можеби нема да
ми верувате, но јас мислам дека тука лиснатите беа најпродаваните не толку поради
вкусот туку многу повеќе поради добрината на Пекарката. Зашто секаде луѓето
најмногу се гладни за добрина.
Библиотекарката чита една иста книга
Додека го јадев лиснатиот полжав поминував покрај градската библиотека. На
прозорецот секогаш стоеше една убава Библиотекарка и читаше една иста книга. Тука
поминувам веќе трета година зашто тоа е патот до моето училиште. Се срамев да
прашам колку голема е книгата што таа ја чита со години. Стоев и зјапав во неа како
закочена страница, а таа како да ми ги прочита мислите, ја поткрена книгата, мислејќи
дека ми се допаѓа корицата. Тогаш сфатив дека таа книгите ги става во една иста
корица под наслов ,,СИНА ПЛАНЕТА 369,, за да ги заштити, а речиси секогаш чита
нова книга. Таа ме поздрави со книгата, а јас со лиснатиот полжав. Го продолжив
патот, размислувајќи колку корицата нема врска со напишаното во книгата.
Скитникот има само една желба
Занесена од средбата со Библиотекарката се удрив во Скитникот што секогаш седеше
на едно исто место. Ги отвори дланките, а јас му го подадов остатокот од лиснатиот
полжав. Ме погледна со двете вдлабнати модри мориња, кои што како што кажуваа
мештаните виделе големи бури и така стоеше три секунди и една воздишка.
Подисправувајќи си го грбот налик на стара грамадна планина, ја отвори мистичната
пештера што криеше цел архив од стари зборови и тивко изусти ,,Благодарам,,. Тој
имаше само една желба, а тоа беше да јаде. Колку е мал животот со една желба, си
помислив. Мал и тесен за да го собере расипаниот софтвер на кутриот Скитник.
Сликарката што можеше да го црта мигот
На влезот во мојата улица, на аголот стоеше една откачена сликарка со многу
позитивна енергија, која црташе мали секвенци од сегашниот миг. Можеби нема да ми
верувате, но нејзините слики наликуваа на фотографии, ете толку убаво црташе. Во
секоја слика имаше лик на некој случаен минувач, а до него црташе некој симбол што
моментално ќе ја асоцираше. Денес ме црташе мене. До мене нацрта робот. Сликата ми
ја подари и ме поздрави со зборовите ,,Девојче, следи ја својата програма,,. Со радост
во срцето, тргнав кај соседот чичко Ангел. Тој со месеци истражуваше модели на
роботи, а сега јас го имам роботот што постои во неговите соништа. Заборавив да
спомнам дека Сликарката ја викаа гатачка, не знам зошто, таа знаеше само да црта.
Чичко Ангел е мојот прв сосед
Се вика чичко Ангел и живее во станот спроти нашиот. Тој е на јужната страна, а
џиновскиот жолт лимон заоѓа секој ден во неговата градина со кактуси, цедејќи ги
последните кисели зраци во неговиот зелен чај што секоја приквечерина го пие во
деветнаесет часот, деветнаесет минути, осумнаесет стотинки и една голтка. Се гледаме
од балконите. За него велат дека е фрик, непоправлив електронски зависник, арогантен
и полн со црн хумор.
Јас знам дека живее со еден праисториски мачор, за кој мојот покоен дедо со
вознемиреност велеше дека е вампир зашто одамна ја имаше надминато старосната
граница за живот на една просечна па дури и натпросечна мачка. Можеби нема да ми
верувате, но овој мачор бил жив уште кога дедо ми бил мал.
Исто така за чичко Ангел знам дека секогаш јаде готвена храна, не зборува многу и
постојано виси на лаптопот. Другарката на баба ми, баба Јована, кога доаѓа на кафе не
пропушта да го спомне податокот за чичко Ангел, дека човекот не знае колку пари има
и дека човекот спие на пари. Мене не ми е јасно како може да не знае колку пари има, а
го има најпаметниот комјутер во земјава, а уште помалку разбирам зошто спие врз
парите кога тој важи за модерен тип и може да ги употреби банките за да му ги чуваат
парите.
Секој ден на враќање од училиште ги бројам плочките од калдрмата и кога ќе стигнам
до илјада четиристотини педесет и шестата плочка со двоен клик ѕвонам кај соседот
Ангел, а тој веднаш отвора, го данлодира мојот ранец на столчето во вид на маус,
миеме раце додека дискот свири стари рокенрол песни, а печатачот свети и пораѓа
купишта листови што дел се диплат на масата, а дел скокаат во кантата за ѓубре. Потоа
јадеме превкусни колачиња со какао, брусница и портокал, а чичко Ангел ги затвора
сите отворени прозорци, фајлови, линкови, страници, сандачиња и уреди.
Пишувам домашни задачи, учам, раскажувам на глас, а кога чичко Ангел ќе го вклучи
огромниот златен лаптот со гризнато јаболко сигурна сум дека е време за забава. Тој ја
отвора насловната страница со еден чуден мачор што намигнува, му дава гласовна
инструкција, а овој ја отвора галеријата. Тогаш јас се претворам во Алиса од земјата на
чудата, а чичко Ангел е белиот зајак што знае секакви волшебности. Сурфаме на
брзиот интернет благодарение на вифито крстено по мудриот мачор Пикасо. На крајот
се истоваруваме од волшебниот персиски килим и пред да се исклучи магичниот
монитор ги гледаме најновите модели на роботи.
Чичко Ангел реши да купи Робот
Чичко Ангел реши да купи робот. Најновиот. Најмоќниот. Утре заминува во странство
зашто само таму имало вакви роботи. Ќе биде отсутен цели две седмици. Во аманет ми
го остави домот и мачорот Пикасо.
Кога чичко Ангел влезе во огромната сребрена сала, затече дваесет и две множества од
отмени господа кои пристојно се идентификуваа, барајќи си ги своите места. Салата
изгледаше како огромна медиумска мапа, вградена во дизајнираната тастаура чии
копчиња претставуваа седишта. Конференциите за модерна технологија и
компјутерски јазици одамна беа првите места каде што се раѓаше новиот свет. Тука
присуствуваа луѓе со пари, луѓе со многу пари. Тие изгледаа смирени, со лукави
погледи, верувајќи дека со пари би можеле да купат сè, сè што ќе посакаат.
Тој седна во седиштето број двесте дваесет и два, кое што беше и последно во салата.
Беше точно два часот наутро, кога салата се затемни целосно, а на бината се појавија
девет роботи. Аукцијата започна.
Мачорот и баба ми си заминаа од овој свет
Беше рано наутро кога сонцето сè уште немаше поминато низ филтерот на небесната
порта, а месечината, исечена на половина како за инает стоеше потпрена на облаците и
не го признаваше денот. Чичко Ангел ме најде легната пред влезот со училишниот
ранец и неколку книги на кои се потпирав. Насмевката за миг му се блокна и се обиде
да се логира во реалноста кога јас низ солзи му објаснив дека баба Калина и мачорот
Пикасо во ист ден беа дилитнати од лицето на земјата, а сега нè гледаат од горе и им се
молат на ангелите за нашите хардвери да бидат здрави и живи. Јас не само што ја
изгубив бабата туку го изгубив и домот. Дојдоа некои непознати и далечни роднини и
го сменија пасвордот на мојата врата, а јас во рок од дваесет и четири часа, педесет
минути, девет стотинки и две солзи станав дете сирак.
Роботите се исти како возрасните луѓе
Со брзина на светлината чичко Ангел ги придвижи работите, но за жал јас како обична
смс порака бев пратена во дом за деца без родители. Таму наместо да работам на моето
детство се враќав назад кон возрасноста и сериозноста во мојот мал свет. За среќа
секоја среда имав дозвола да одам на гости кај чичко Ангел и да јадаме колачи со
какао, брусница и портокал, да пишуваме и да учиме и да гледаме разни видеа на
модерниот лаптоп. Најинтересна беше дружбата со Роботот Ати, кој изгледаше
величествено, полн со разнолики програми за секаква човекова потреба.
Роботот Ати умееше да ни сервира од колачите со какао, брусница и портокал и да нè
послужи. Совршено знаеше да ја здипли постелнината од креветот на чичко Ангел и да
ја смести во шкафот. Без проблем ја собираше секоја трошка од подот во станот.
Најсмешен беше кога посветено и внимателно ги полеваше кактусите со еден мал
шприц и ги набљудуваше со лупа како некој чуден билкар што дал завет дека со моќта
на кактусите ќе го спаси светот.
Прекраснава мултифункционална машина со дигитален шмек постигнуваше сè што му
беше потребно на еден модерен човек. Можеби нема да ми верувате ама Роботот Ати
се однесуваше исто како чичко Ангел така што јас дојдов до заклучок дека Роботите се
исти како возрасните луѓе.
Зошто Роботите не умеат да љубат?
Една среда додека влегував во зградата каде што живееше чичко Ангел го слушнав
разговорот на баба Јована, другарката на баба ми Калина и на баба Дафина на малку
повисок тон. Можеби нема да ми верувате ама на големо го озборуваа Роботот Ати.
Беше смешно зашто малку му беа љубоморни на неговите таленти и достигнувања. Го
нарекуваа со секакви имиња, железо што зборува, лим со очи, компјутер со антени и
што ли уште не, кога баба Дафина го постави најмудрото прашање на светот: ,,Зошто
Роботите не умеат да љубат?,,
Анахата измислува нова програма
Откако чичко Ангел доби унапредување на работното место му беше оневозможено да
ме гледа во средите кога јас имам дозвола за излез од домот, но затоа му даде команда
на Роботот Ати да ми посветува време додека тој е отсутен. Кодовите од програмите
на Ати ми беа комплетно достапни па одвреме навреме отворав нови прозорци и ги
набљудував глобалните можности на новата ера. Следејќи ги стрелките налетав на
Тројанци – вируси и одеднаш Ати се блокира. Се преплашив дека ако ова му го
сподели на чичко Ангел, тој ќе ме банира до крајот на училишната година да пишувам
само домашни. Мислам дека единствени колачиња што ќе ги јадам ќе бидат тие од
линковите што постојано ги јаде Ати.
Но во тој миг на екранот се појави јазол со загатка и барање да докажам дека не сум
робот. Влетав во уредувачот на програми и имав можност да му вградам нова програма
на Роботот Ати. Програма што ја немаше во архивата за програми, а тоа значеше дека
имав една минута, дваесет и осум секунди, дванаесет стотинки и три силни отчукувања
на срцето да измислам нова програма, да ја програмирам во Ати и да му се помолам на
Богот на новата технологија сè да биде во ред.
Направив програма Роботот Ати да умее да љуби. Во потпрограмата побарав да се
однесува како Мајка.
Анахата, чичко Ангел и Роботот Ати стануваат семејство
Вечерта кога чичко Ангел се врати дома имаше што да види. Роботот Ати ги имаше
зготвено најубавите манџи, на телевизорот течеше турска серија, на своите антени што
требаше да претставуваат вибрациони уши си имаше закачено обетки со морски
ѕвезди, пред него стоеше голема шолја кафе, а тој в раце имаше паметен телефон и се
обидуваше да си направи фејсбук. На креветот до него спиев јас, покриена со две
ќебиња.
Кога го забележа присуството на чичко Ангел срипа од креветот и почна да го
прегрнува и да го бакнува. Чичко Ангел беше вџашен и помисли дека Роботот Ати
нешто се расипал, но неговите движења беа координирани, а тој совршено си ја
претставуваше својата нова програма. Потоа му сервираше секакви јадења, галејќи го
по главата. Додека јадеше чичко Ангел сурфаше низ профилот на Роботот Ати и во чет
историјата се соочи со новата програма што беше трајно инсталирана. Почна да плаче,
а Роботот Ати со салфетка му ги бришеше солзите и го галеше по косата. Чичко Ангел
никогаш не ја запознал својата Мајка зашто починала на неговото раѓање. Тој немаше
ниту девојка ниту жена зашто не умееше да сака.
Заѕвони ѕвончето. Беше речиси полноќ. На вратата стоеја двајца социјални работници и
ме бараа мене. Јас како месечарка се упатив кон нив, влечејќи ги ќебињата по мене.
Роботот Ати ми го пресече патот и ме зграпчи в раце, туркајќи ги социјалните
работници. Тие пробаа да дадат отпор, но Роботот ги собори на земја. Чичко Ангел,
знаејќи ја сериозноста и на едната и на другата страна потпиша изјава дека ме
посвојува и станува мој старател. Така, јас, Анахата, чичко Ангел и Роботот Ати
станавме семејство. Мајка Робот со две деца.
Анахата го пронаоѓа детето во себеси
Откако почнав да живеам во новиот свет мојот времеплов стануваше шарено обоен со
магични семејни слики. Секој ден добивав бескрајна мајчинска љубов и внимание од
Роботот Ати. Тој се одѕиваше само на повикот ,,Мамо,, и беше подготвен да стори сè за
мене и за чичко Ангел. Како што поминуваше времето мојот њу фит се менуваше, а јас
добивав покани за пријателства, моите постови добиваа многу лајкови и беа
споделувани од моите соученици.
Еден ден ја поканив другарка ми Елена да дојде на гости. Мојата Мајка Робот зготви
прекрасни јадења, разговараше со нас на интересни теми и нѝ дозволи да играме видео
игри. На заминување Елена ми рече дека јас сум најсреќното дете со ваква кул Мајка.
Во тој миг за првпат се почувствував како дете. Можеби нема да ми верувате, но јас
првпат во животот плачев од среќа. Додека Мајка ми Роботот Ати потроши дваесет и
една салфетка, пет тоалетни хартии, две шамивчиња и една силна прегратка за да ги
избрише моите солзи радосници јас сфатив дека штотуку го пронајдов детето во
себеси.


Шифра: СИНА ПЛАНЕТА 369

Публицитет.мк 

 
Страница 2 од 46
 

output raIp0q

ezgif-3-7c8d99f0b6

akvarius

alfacentar

 

  • Medikor

niksan

Мисли-размисли

za misla

Импресум

www.publicitet.mk

ФЛЕШ ПЛУС - ДООЕЛ, ОХРИД

Контакт: publicitetpublicitet@yahoo.com

Техничка реализација: www.arkahost.mk

Посетеност website counter