Цел живот се даваат поуки и пораки, и тоа: во семејството, во фамилијата, во средината, во образовниот систем, во односот на државата кон своите граѓани, односно во сите пори на животот и во сите делови на светот.
Со цел да дадам најдобри насоки во животот, ќе изнесам бројни куси текстови и поучни нарации во духот на правилата за добро однесување (бонтон), но на своевиден начин. Сметам дека оваа серија, на недела дена по три поуки и пораки, ќе е корисно четиво за секој читател, значаен прилог за воспитување на добро однесување на секого.
7. СТРАНСКИ ЈАЗИК СЕ УЧИ СО УПОТРЕБА, ПРАКТИКУВАЈТЕ ГО
Само мало потсетување дека се вели: „Колку јазици знаеш – толку вредиш“.
Познавањето на еден јазик (надвор од мајчиниот или оној што е во секојдневна употреба) претставува голема работа, доколку, се разбира, со него човек се служи најактивно (знае успешно да зборува, може убаво да пишува на тој јазик). Како и секое знаење, освен моторните паметења (како што е наученоста да се вози двотркален велосипед), знаењето на јазик подлежи на заборавање. Затоа тој да се практикува, и креативно, и механички. Се цитира во дел од научните кругови дека европски познатиот професор Милан Бартош (по меѓународно јавно право) напамет го учел телефонскиот именик на Париз, со цел да се увежбува механичкото паметење на францускиот јазик.
8. НЕ ПРИФАЌАЈТЕ СТАТУС НА ЖРТВА, ТОА Е ШТУРА УТЕХА
Животот никогаш не го затвора кругот. Многу луѓе гласно, а веројатно, речиси, сите во себе помислуваат дека токму тие се големи несреќници, дека ги бие (ги следи) малер, дека и Господ им го врти грбот. Во таа смисла телевизиската новинарка Гордана Куновска –Ангеловска (како мајката на Југовиќите) знаеше да каже дека „и за зелен бор да се фати и тој ќе се исуши“.
Сепак, тоа чувство дека се нема среќа во животот е релативно, лажно и само понекогаш оправдано. Животот бара борба и верба, „ништо не успева повеќе од успехот“. Историски гледано, има ситуации кога одделни луѓе денес биле жртва, а утре – херои.
9. БИДЕТЕ КРЕАТИВНИ КОГА ДАВАТЕ НЕКОМУ ИМЕ
Македонската семејна традиција практикува имињата на новороденчињата да ги даваат луѓето кои се нунковци, односно кумови. Најчесто овие имиња, сепак, ги определуваат родителите. Се користат различни инспирации: сопствен вкус, семејна традиција, познати личности, постари или модерни имиња.
Меѓу грешките што често се на удар спаѓаат: неприспособено име за бебенце кога ќе биде возрасна личност (Стевче, Милче, Мариче) и кога се става име на светски позната личност од голо помодарство.
Има нешто точно во верувањето дека името го отсликува целиот човек.
Пишува

Академик д-р Миле Д. Миќуновиќ од Охрид
„Уште не сум видел некого кој бил претепан тоа да го заборавил, ама стопати сум видел како луѓето ги забораваат советите и поуките“ – Иво Андриќ
Фото: Илустрација од Google
Публицитет.мк