Загриженоста и омразата се засилуваат со инаетчиски полемики, измислени оптужби, недолични вербални кавги и каде ќе отидеме?
Спасувањето на татковината е највисок закон (Solus patriae suprema lex est) на сите слободољубиви народи и вистински патриоти. Да му служиш на народот (целокупниот состав на населението, на граѓаните на една држава) е највозвишен повик во сите времиња. Кога е земјата во опасност, а народот се дави во наметнатите економски и морални провалии, никој не треба да се засолнува во себе, барајќи заветрина и поштеда од општествените должности и обврски. Рамнодушноста и пасивното исчекување е својствено за егоцентричните, морално анестезираните и асоцијалните луѓе. Вистинските интелектуалци би морале да ѕвонат на узбуна, да ги разбудат луѓето со заспана свест и да ги ангажираат за спречување на омразата меѓу поединци и народи.
Свесни за својата биолошка и секаква друга конечност, разумните луѓе би морале да минат преку таквите неубави и недостојни емоции, какви што се меѓучовечката нетрпеливост и омразата, и да се оплеменат со чувство на разбирање или барем толеранција, ако не и општо човекољубие. Оние што посеале меѓунационални караници, поделби и непријателства, во името на накнадно дојдениот хуманизам или, пак, за искупување од направените гревови, би требало да си заминат од општествените работи и да ги препуштат на просветни, мудри, чесни и решителни луѓе. Омразата меѓу луѓето можат да ја искоренат само оние кои се воспитувале на изворите на народните мудрости и од други човекољупци, кои им помогнале со должно почитување и разбирање да ги прифатат сите луѓе со нивните мани и добрини.
Од такви непристрасни и способни луѓе може да се очекува ликвидација на сите привилегии и обезбедување право на работа и на мирен живот на сите луѓе, да воспостават социјална правда. Платон препорачувал „исти личности воедно да бидат мудреци и владатели“ за да може човечкиот род да се ослободи од сиромаштво и од други зла.
![](https://publicitet.mk/wp-content/uploads/2024/04/003-686x1024.jpg)
Пишува
Академик д-р Миле Д. Миќуновиќ од Охрид
Публицитет.мк