Започнa регионалната турнеја еден од најголемите танцови проекти во земјата Танц. Трансформатор – Реобмислување на локалната танцова заедница.
Битрикс Културен Центар, преку „Платформа Битрикс“, а поддржан од Swiss Agency for Development and Cooperation (SDC) на почетокот на јануари започна со реализација на првиот од трите циклуси од проекот Tanz.Transformator. Re-imagining our dance community. (Танц.Трансформатор – Реобмислување на локалната танцова заедница). Како што вели и самото име, креаторите на проектот поаѓаат од идејата да се преобмисли локалната современа танцова заедница како обид за надминување на недостатоците, меѓу кои се наоѓа и потребата за генерирање повеќе платени можности за професионалните танчари поради непостоењето на институции кои можат да ги вработат и/или ангажираат континуирано, а со тоа и да се обезбеди континуитет и одржливост на оние кои професионално се занимаваат со танц. Така, проектот предвидува можност за професионален развој и платен ангажман на професионалните танчари од локалната сцена преку продукциски ориентирани резиденции со локални и интернационални кореографи, како и можности за национални и регионални турнеи кои што ќе овозможат континуитет на квалитетен професионален ангажман – неопходен за развојот и афирмацијата на танцовата уметност кај нас.
Во изминатиот период од 20ти јуни до 10ти јули се реализираше вториот циклус на проектот, во рамките на кој кореографката Ивана Балабанова ја постави новата танцова претстава „Лиминално тело“ заедно со танчарите: Сара Цветковска, Дејан Битровски, Илина Костовска, Тереза Лазаров, Стефани Шааршмит (Германија/С. Македонија) и Џун Елис Мах (Германија). Перформансот во својот интердисциплинарен пристап ги обединува јазиците на танцот и театарот носејќи на сцената свежина со еден нов израз. Експериментален концепт се надополнува со современиот музички израз на композиторот Алесандро Ола, како и сценографските и светлосни решенија на сценографот Мартин Манев и светло дизајнерот Игор Митревски.
Кореографката Балабанова го користи концептот на лиминалност како почетна точка преку која таа се обидува да ја прикаже емотивната состојба на модерениот човек, човек кој живее на работ, во постојана трансформација, кој бара внатрешна и надворешна транзиција за да преживее. Таа ја анализира „лиминалноста“ како „современа човечка состојба и постулат за денешното постоење. Лиминалното тело повеќе не може органски и физиолошки да ја поднесе хиперпродукцијата на светот и бара нов одговор. За да се спаси од болест, од уништување, не бара да биде вечно, туку да биде неугнетено. Ја бара својата слобода од културните ограничувања, од општественото условување, од капиталистичкото ропство. Притоа, овој концепт еродиран од личниот интерес, се протега и до неговите општествени репрезентации.
Замислено како експериментален перформанс, каде што се игра помеѓу познатото и непознатото, помеѓу очекуваното и неочекуваното, бучава и тишина, хаос и мир, помеѓу густина и динамика на разни текстури. Овој перформанс го разделкува емотивниот спектрум и го поместува срцевиот ритам.
Перформансот својата премиера ја оствари на 10 јули во Младинскиот културен центар Скопје, a благодарение на Министерството за култура на Република Северна Македонија, перформансот на 12 јули госуваше во театарот Гнилане во Косово. На 15ти јули, сабота, следува изведба на „Лиминално тело“ во Народен Театар Охрид со почеток во 20:00 ч.
Здружението на граѓани за образование и обука од областа на танцот и културно-уметнички активности Битрикс Кру, досега познато по своето делување и активност во развојот на полу- професионалната танцова сцена во државата преку платформите Beatrix Dance League и Beatrix Specials, со овој проект го проширува својот фокус кон развојот на професионалната танцова сцена и поставува база/платформа за платен професионален ангажман на уметниците и продуцикцијата на професионални танцови перформанси, а со тоа дирекно влијае врз прогресот на современата танцова култура во државата.