Традицијата продолжува. Охриѓани повторно запливаа во ладните езерски води, одбележувајќи го верскиот празник Св. Јован Крстител, кој во Охрид се слави и како Ден на рибарите.
Во Охрид, уште еднаш, на оригинален начин беше прославен верскиот празник Св. Јован Крстител. Тајфата на фаќачот на крстот и други граѓани запливаа во ладните езерски води, покажувајќи ја на тој начин својата приврзаност кон езерото.
И покрај ниските температури и снегот, охриѓани останаа верни на традицијата и дојдоа во месноста Сараиште, каде го одбележаа „Денот на рибарите“.
„Јас рибар бев, сите починаа само јас сум уште жив. Невремиња, риба имаше многу, сега не знам“, вели Стефан Рупев, најстар рибар во Охрид.
„Сум идал тука на рибарскиот ден на Сараиште. Овде имаше многу мрежи, имаше простури се ставаа мрежите, тука се сушеа, па тука рибарите се собираа“, вели Никола Котларов.
„Ја продолжуваме традицијата со старите охриѓани. Татко ми на чело, тој е еден од најстарите скокачи“, рече Александар Ѓурчев.
„Денес е Ден на рибарите. Значи од време, од кога се памти на овој ден завршува мрестот и рибарите започнуваат со ловење на пастрмката“, дополни Љупчо Стојкоски.
Локалната самоуправа се погрижи присутните да уживаат во вкусот на плашицата, пачата, виното и греаната ракија.
„Охрид живее за традиции и од традиција и тоа не одржувало низ вековите. И токму присуството денеска на сите оние верници коишто се тука и го следеа капењето на фаќачот на крстот после литургијата би рекол дека за мене е очекувано“, изјави Кирил Пецаков, градоначалник на Охрид.
Традицијата на рибарско капење добила на масовност во поранешниот политички систем, кога се забранувало положувањето на крстот во езерските води. Поради тоа, верниците тој ритуал го правеле следниот ден, на празникот Св. Јован Крстител.
Извор: www.mrt.com.mk Сашо Нелоски
Публицитет.мк