• За нас
  • Рекламирање
  • Контакт
сабота, септември 19, 2026
No Result
View All Result
Advertisement
  •  
  • Актуелно
  • На минување
  • Култура
  • Публицитет
  • Омнубус
  • Аргументи за
  • Мојот живот, мојот свет
  • Во потрага по трајната убавина
No Result
View All Result
Home Во потрага по трајната убавина

Eмотивно испраќање во пензија на наставникот Димче Донески

декември 2, 2025
in Во потрага по трајната убавина
Eмотивно испраќање во пензија на наставникот Димче Донески

КОЛУМНА ЗА НАСТАВНИКОТ ОД КОСЕЛ

Во секое македонско училиште има наставници што си ја работат работата. Има наставници што ја сакаат работата. Но има и една потполно различна, потешка категорија: наставници што стануваат дел од ткивото на училиштето, од неговата тишина, од неговите навики, од неговата душа. Наставници што ги држат генерациите како врзани нишки. Наставници што ги учат децата не само да читаат — туку да слушаат. Не само да пишуваат — туку да чувствуваат. А во Косел и Лескоец, таков наставник беше и останува Димче Донески.

Сето она што се случи меѓу 31 октомври и 3 ноември 2025 година, не беше само испраќање во пензија. Беше јавна лекција за тоа што значи да се остави трага. Да се подигнат генерации. Да се создаде училишна култура. Да се биде човек.

Наставниците што работат во мали средини, како Косел, знаат дека успехот не се мери со големината на кабинетите, ниту со бројот на проектори. Тие мерки припаѓаат на градските статистики. Во Косел, мерката е сосема друга: дали наставникот ги знае децата по име; дали знае кој ученик има трема, кој црта по тетратка, кому му треба збор за охрабрување; дали може да ја почувствува тишината пред да падне солза.

Во такво училиште, еден наставник не е само дел од колектив. Тој е дел од секојдневието, од рутината. Од мирисот на утринско кафе. Од чекорот преку прагот.
Од шегите во ходниците, од трошките заеднички појадок на масата. Тој е дел од последниот ред каде секогаш има некој што слуша со половина внимание, а всушност слуша со цело срце.


Кога таков наставник си заминува во пензија, тоа не личи на заминување. Личи на миг во кој времето се протега и сите се потсетуваат дека човекот бил многу повеќе од она што го гледале секој ден.

На 31 октомври, кога Донески влезе во преполната училница, никој не знаеше дека најсилната сцена ќе биде наједноставната. Додека конфетите паѓаа, додека аплаузот прскаше, додека шампањското пенееше, учениците се смееја со навлажнети очи, а тој — во знак на огромна благодарност за сето невидено изненадување — родениот писател и наставник остана без зборови, во пресилна возбуда. Го направи најчистиот гест што го знае секој човек кога зборот му се губи: ја стави раката на срцето и рече: „Благодарам“. И повтори уште еднаш: „Благодарам“. И уште двапати: „Благодарам, благодарам!“

Понекогаш најмалите зборови го носат најголемиот товар. Понекогаш благодарноста има поголема тежина од секоја говорница. Понекогаш наставникот зборува најмногу — кога едвај зборува.

Колешките, учениците, целиот колектив — сите знаеја што се случува: сведочеа за момент во кој заедницата му враќа на наставникот она што тој го давал со години — внимание, почит, човечност.


Децата, неговите ученици, му подарија портрет, фотографија, маица со пораки, слики од излети… Десетици деца излегоа со свои пораки и записи за наставникот. Со трепет, со возбуда, со искрени солзи. Сето тоа ќе се памети и кога ќе се гледа по години многу, нема да се вреднува по материјалноста. Ќе се вреднува по нешто друго: по искреноста. По времето што си го земале да создадат нешто за „наставникот Димче“.

А ако има нешто што ги разоткрива децата, тоа е токму подарувањето: не подаруваат за слободни денови, ниту за оценки или за формалности. Подаруваат кога некој ги допрел. И кога сакаат тие да го допрат него со своите искрени пораки.

Кога Марија стоеше со листот во раце, читајќи за нивните заеднички згoди и незгоди, беше јасно дека ова испраќање не беше ниту договорено, ниту формално. Ова беше љубов. Чиста, ненаметлива, детска. Најубавиот вид љубов што наставник може да ја добие.

И потоа — роденденот. Шеесет и четврти. Последниот работен ден. Наместо тишина, ова утро го пречека песна. Наместо поздрав, го пречека зборот на Софија, преточен во лична творба, во стихови за наставникот Димче. Наместо формалности, го пречекаа уште еднаш децата. И уште еднаш — срцето што треба да „внимава“, зашто веќе има 64 години.


Наставникот Донески си ја знаел професијата. Затоа последниот свој подарок за училиштето го направи драмски — буквално, со драмска, гротескна пиеса под наслов „Последниот час“ (со работен наслов „Од визионер до пензионер“). Направи и постави драмска претстава во која учениците се глумеа себеси. А ликот на наставникот го играше токму наставникот Димче. Колегите Александра и Игор се глумеа себеси. Во ликот на педагогот Весна беше токму педагогот Весна.
Директорот Сашо се глумеше во улогата која ја живее.

Овој мал, но голем театар беше најпристојниот, најученички начин еден наставник да си замине. Не со говор од говорница. Не со протокол. Туку со уметност, со драма. Со форма што ги спои децата и наставникот уште еднаш — на сцена.

А потоа — громогласниот аплауз. Стоечки, од наставници и ученици што го исполнија училишниот хол пред сцената. Наградување, не на пензија, туку на животен труд, на човек и наставник посветен на учениците.

Наставникот Димче Донески можеби замина во пензија по документ, но не замина од Косел, не замина од Лескоец, не замина од училниците.
Не замина од спомените на учениците.
И не замина од раскажувањето на неговите колеги, кои низ нескриени солзи и емотивни насмевки го испраќаа со топли зборови.


Останува неговата мисла: „Наставникот не престанува ниту да поучува, ниту престанува да учи.“
Остануваат генерациите што тој ги оформил.
Остануваат драмите што ги напишал.
Останува љубовта што ја примил и што им ја подарил на учениците.
Останува едно негово „ви благодарам“ што вреди повеќе од сите благодарници во светот.

Можеби оваа колумна, овој запис, е само обид да се фати миг кој не може да се фати — миг кога училиштето станува дом, а колективот едно семејство на разбирање; една симбиоза меѓу професијата и секојдневието. Еден чин кога генерации се поклонија пред наставникот. Еден чин кога и општеството треба да се поклони пред неговото височество — наставникот. Еден чин кога заминува наставник, а останува Наставник; кога заминува човек, а останува Човек — во срцата на учениците, во спомените на колегите.

Еве, сепак, нека биде запишано — овде, и за сите оние што читаат и за сите оние што знаат што читаат:
во Косел, Куратица и Лескоец постоеше наставник по име Димче Донески.
И тој не остави само спомени. Остави трага.

(Публицитет)


ЕМОТИВНО ИСПРАЌАЊЕ ВО ПЕНЗИЈА (1)
ВИ БЛАГОДАРАМ, ВИ БЛАГОДАРАМ,
ПРЕКРАСНИ МОИ УЧЕНИЦИ,ПРЕКРАСНИ МОИ КОЛЕГИ!                   

Косел, охридска околија, Македонија,31 октомври 2025 година, петок, ден пред викенд и  последен петочен ден пред мојот последен понеделник  на работа, мојот роденден. 64-ти!
Доаѓам вообичаено и ништо не ми навестува дека токму овој ден ќе биде најнеобичен.Го испивам утринското кафе со колешката и чекам да заврши часот. Колешката ми предлага да видам  што работат денеска на часот.  Излегувам и  ме прашува дали сум подготвен, велам, а за што подготвен?  Неочекувано ми ја отвора вратата од соседната училница кај колешката Данче, а таму: преполна училница.Пукаат и се распрскуваат конфети. Пукаат аплаузи и  насмевки  со возбуда и солзи. Јас застанувам 200% изненаден  од глетката. Возбудата рапидно ми расте и за час онемувам, ми снемуваат зборови. Ги ширам рацете  и десната рака ја ставам на срцето. Благодарам, велам и ми снемувааат дуги зборови. Благодарам, повторувам и пак: Благодарам, благодарам!

 Внимавајте , велам, имам срце од шеесет и четири години!
Возбудата расте, детските очи се навлажнуваат, а колегите и колешките со видливи расплакани лица …Се отвора шампањско, пука и пенее, Наздравуваме со тетка Снеже која ја има можноста и задачата да каже и неколку збора за мене пред сите ученици и пред колегите.
Зборува од срце, од душа, зборува како некој искусен говорник, како некој писател, како од некоја книга да чита, а  во сушност зборовите сами и’ доаѓаат.Зборува и трепери и  не се тоа обични зборови како  за обичен наставник, туку како за некој кој многу  им значел и кој многу ќе им фали. Ми порачува  како роден писател на драми да напишам и некоја драма во која ќе ги спомнам сите,  и учениците, а посебно  нив колегите со кои секојдневно го споделувавме и утрото и денот… Во рацете ја држи иконата  со ликот на Свети Димитрија, надевајќи се, вели, оваа икона да најде  место во мојот дом. Ветувам.
Аплаузот расте и солзите навираат и кај мене и кај тетка Снеже и кај колегите и кај учениците.А, сето ова, секој миг го забележуваат камерите од мобилните на колешките Љубица, Данче и на помладата  колешка Мартина, која  и во професијата и во оваа камерманска активност, сигурно  ќе ме надмине…
И само што помислувам, добро е , завршува оваа возбуда за кревково ми срце, а таа, возбудата уште повеќе расте. Излегуваат од  аголот и моите ученици од моето одделение; Христина, Тамара, Јован и Марија  и секој од нив   во раце по некој подарок  за својот одделенски раководител, за наставникот по македонски јазик, за мојата маленкост проф. Димче Донески, кој во понеделник  на својот 64-ти роденден   ќе го одржи последниот час и  согласно законите на Денешна Македонија,заминува во пензија.
Се потрудиле моите ученици да  ми насликаат  еден портрет со огромна помош на ликовниот педагог; врамиле заедничка слика од последниот излет во Претор; насликале чаша со  друга заедничка фотографија и  насликале маица со емотивни пораки за пензија и со  фотографија од последните спортски игри. Марија има дури  и подготвен лист од кој чита уште зборови за наставникот, за нашите заеднички згоди и незгоди. Прекрасно, прекрасни мои!
И, еве, велам,завршува ова прекрасно преголемо внимание, овие емоции, но….но како и обично, колешките се неуморни во своите креации и изненадувања: еве ја колешката Данче со прекрасна торта  на која пишува „Среќно пензионирање колега Димче!“….

Ја оставам тортата, одново апалуз и  пак и уште изненадувања, уште скоро четириесет изненадувања  следат: толку ученици, секој со своја порака и со свој  впечаток за наставникот! И секој од нив излегува пред сите и чита гласно и со возбуда, читаат сите, од најмалите  до највозрасните, а тие пак повозрасните не можат да ги сопрат емоциите , ниту солзите. И изнудуваат солзи и кај мене и кај колегите. Читаат каков бил и каков е овој наставник кој  им беше и наставник и библиотекар и драмски  писател кој  заедно со овие коселски ученици поставуваше драмски претстави за паметење, за овој наставник кој им беше и другар и пријател и поучувач и соговорник кој ги слуша  и разбира…
Завршуваат и деветоодделенците,моите деветоодделенци и во прегратка и солзи се стишуваат и  „утешуваат“, со  порака до наставникот да доаѓа и да ги посетува.
Колегите  уште не завршиле со изненадувањата; следува заедничка закуска  со повод, а  топлото тазе донесено ѓомлезе и други грицки и сокови  за сите ученици и наставници го прават овој колектив, ова училишпте едно семејство во кое слогата, љубовта кон децата, меѓусебната почит и топлината остануваат пример за мотивација и во професијата и  пример за позитивна енергија, за која, и наставникот по македонски јазик, верувам, имаше свое огромно влијание! Ви благодарам  на сите! НА СИТЕ!

              Чувајте ги спомените! Ве сакам сите!

                                       Вашиот Димче

__________________________
                       
     31 Октомври 2025, Косел                                                                


ЕМОТИВНО ИСПРАЌАЊЕ ВО ПЕНЗИЈА (
2)
ВИ БЛАГОДАРАМ, ВИ БЛАГОДАРАМ,
ПРЕКРАСНИ МОИ УЧЕНИЦИ, ПРЕКРАСНИ МОИ КОЛЕГИ!

Понеделнк е. Мојот роденден , 64, мјот последен ден на работа во училиште. Во подрачното училиште Косел…
Утро е , време за првите часови според распоредот,а јас сум денес од прв час кај  моите шестоодделенци и гледам да не задоцнам.Доаѓам и само што ѕвона, колешките  од одделенска   веќе  излегуваат од заедничката канцеларија и  влегуваат кај  малите, кај најубавите….Јас  немам време, одам директно на час кај шестоодделенците…Отворам врата и пред да кажам добро утро ученици, тие ме пречекуваат со песна; Хепи брдеј ту ју и Денеска е убав ден , на настаникот му е роденден…и така со ред, до крај на песната. Стојат простум и пеат .видно  возбудени…..и јас исто. Излегува долгокосото и секогаш љубопитно девојче, Софија, која се потрудила за време на викендот да напише песна посветена на наставникот Димче….Вели, сака и да ми ја прочита пред сите. Задоволно  одобрувам  и слушам. Слушаат сите тука присутни  и одново за крај следи аплаузот и прегратка со моите ученици и, секако , на нивно барање, и заедничка фотографија…….Веќе завршува првиот час. А во училницата влегува и колешката Тања со  подарок за мојот роденден.Се заблагодарувам и со искренапрегратка. Им велам на учениците да внимаваат  со возбудата  , зашто имам срце старо 64 години, а колешката Тања низ насмевка вели да внимавам и јас и да не си редам се’ на срце….и ете , пак солзи  и кај учениците,а и навлажнети очи кај мене.


Се враќам да го дружам  и да ме дружи техничкиот персонал , моите катадневни домаќини кои први го отвораат училиштето за да ги згрижат  учениците…и наставниците кои  рано доаѓаат.  Го допиваме првото утринско кафе и, веќе знаат, денешниов појадок ќе биде од мене за сите  – и за наставниците и за учениците, за сите, зашто  тие тоа го заслужија  за сето нивно внмимание кон мене, но и за сето, со години, заедничко дружење.
Тетка Снеже предлага појадокот да ни биде во наставничката канцеларија  која  денес ќе ја пренамениме во сала за прослава . Ќе има  од се’  по нешто, донесено од наставникот за сите денес присутни и по распоред , но и по можност и желба да бидат присутни  на заедничкиот појадок, пред  моето заминување во пензија… Пензија…..кој би рекол, но уште повеќе, кој би посакувал пензија покрај олку искрени, позитивно вооружени колешки и колеги кои  со  нескриени солзи ја  открија и својата питома учителска и човечка душа …Но, тоа е, денес е денот на моето последно  наставничко, моето претпензионирачко заедничко дружење  со колегите од Косел.
Завршува и вториот и третиот час , брзо , оти денес се скратени часовите , секако, не заради моето пензионирање, туку  имаме одделенски  совети  кои ќе се одржат во Лескоец, околу пладне, но ете и поради мојот „Последен Час“, драма која токму деновиве ја напишав, ја подготвив со моите ученици  и ќе ја изведеме на сцената во Лескоец, за и симболично да заврши моето наставникување  во ова училиште по без малку 33 години учителствување во Косел, Куратица и Лескоец. А во оваа драма која е мојата последнонапишана драма  за време на работата, ликовите  се вистинските ученици кои се глумат самите себеси,  моите колеги Игор и Александра и педагогот  Весна ,кои се глумат сами себеси, но и директорот Саше кој  со својот  влез на сцената , во сушност и си ја  одигра улогата како претставник на училишптето  кој  „во отсуство на градоначалникот“ ја врачи „плакетата“ – овојпат,вистинското реалното писмо на благодарност од Училиштето за наставникот Димче, кој денес  достоинствено заминува  во пензија, а училиштето, преку директорот во име на сите колеги и ученици го искити наставникот со врвни епитети и метафори со кои  допре не само до сетилата на наставникот лично, туку и до сите присутни  кои со громогласен аплауз  го наградија овој потег на Училиштето,  испраќајќи го стоечки  и со овации наставникот Димче , не во пензија , туку,како што рекоа и запишаа – во легенда, како што стои на крајот од плакетата-благодарница . А со  својот последен драмски час, со   крајот на оваа драмска претстава, симболично , но и реално тој ја заврши својата  благородна  наставничка работа, но како што се вели во последните реплики на главниот лик од оваа гротеска : наставникот не престанува  ниту да поучува , ниту престанува да учи….истакнувајќи ја својата пофалба кон Учениците и кон Училиштето како средина  во која воспитанието   треба да биде примарна мисија за овие , но и за идните генерации….
Заврши драмата „Последниот час“, заврши последниот час на наставникот Димче , на  кој присуствуваа голем број на наставници и ученици, како и стручни и технички соработници  со кои наставникот  се дружеше и  соработуваше изминатите години.
Аплауз на отворена сцена и  прегратка со колегите за  крај, секако , повеќето емотивни, зашто се искрени и човечни, зашто се луѓе, зашто се прекрасни  луѓе.
По малку ќе следува и завршниот  одделенски совет, но пред тоа , уште едно изненадување, Моите колешки , мојата „симбиоза на разбирање“, ме допира одново емотивно со подарок од кој ќе го пијам почесто  моето утринско  пензионерско кафе*. Им се заблагодарувам и  во контекст на нашето разбирање; велам  да продолжат како две помлади фиданки, да  го раззеленат светот околу себе  и да црпат искуствени мудрости и корисни пораки од третодобниот им колега , не испуштајќи ја  од вид ниту  видливата им симбиоза , видлива за срцето, како што би прочитале кај Малиот Принц…..Ви  благодарам, Ви благодарам, скапи мои , прекрасни мои луѓе !

 …Ги чувам заедничките спомени,
 

                                                                            Вашиот Димче

3 Ноември 2025, Косел/Лескоец

Публицитет.мк

Посетеност: 5.304
Share
Previous Post

Наградата од Канго и “Мактеон” конечно во рацете на Дадо Топиќ

Next Post

Роберт Паноски: Струга ноќе

Next Post
Роберт Паноски: Струга ноќе

Роберт Паноски: Струга ноќе

ИМПРЕСУМ

www.publicitet.mk

ФЛЕШ ПЛУС – ДООЕЛ, ОХРИД

Посетеност: 5.304

Следете не на:

Контакт: 075 337 010,  е-маил: publicitetpublicitet@yahoo.com  

Техничка реализација: ArkaHost

Jasa PBN – Jasa Backlink Terbaik

©2009-2024. Сите права задржани | ИМПРЕСУМ | УРЕДУВАЧКА ПОЛИТИКА | УСЛОВИ ЗА КОРИСТЕЊЕ | РЕКЛАМИРАЊЕ | 

Jasa PBN – Jasa Backlink Terbaik

No Result
View All Result
  • Почетна
  • Актуелно
  • На минување
  • Култура
  • Публицитет
  • Омнубус
  • Аргументи за
  • Мојот живот, мојот свет
  • Во потрага по трајната убавина

© 2024 Publicitet.mk - Техничка реализација: Arkahost.mk