Во берлинската „аквариумска“ дневна соба сега веќе си живеев опуштено, како со спуштени пердиња и ролетни (што секако ги немаше): сè си беше на ачик, во стакло, на првиот кат, пред очите на минувачите. Често игравме „Океј“. Игравме долго, на големата стаклена маса со дрвените табли, расфрланите шарени камчиња и чајникот со двата керамички сада, со звукот на металните лажичиња кои ѕвечкаат во малите стаклени чаши.
Додека го допивавме чајот понекогаш знаевме, недоговорени, да станеме одненадеж и кратко да заиграме околу масата, без музика, само заради смеењето и ползата од малата вежба.
Како тоа им изгледало на минувачите – не знам. Ако некој некогаш воопшто и нè загледал.
Во градот, пак, каде што се родив, Охрид, имавме комшика од карши, која во самопропишаното и флексибилно (но полно) работно време, ја ставаше главата на цоклето на прозорецот меѓу саксиите со цвеќиња, за така, најкамелеонски, да следи кој сè прошол и зашол по улицата.
Покреативни беа жените со столчињата пред врати: плетеа со тенките игли, со фино чингелаке, со убава чипка и комплициран вез, оти на улица се вадеше најфината („за на мегдан“) корпа со конци, додека шарените волници за шалови и капи беа за по дома. На улица комшиките ем си муабетеа, ем загледуваа, си даваа ишарети, се потчукнуваа меѓусебно, ем цацкаа зад секој минувач за кого имало или ќе има (а можеби и ќе нема) – приказна на повидок.

Токму во една таква „окејска“ вечер додека ги прераскажував разните ЈУ(гословенски) носталгично футуристички приказни, ни падна на памет да направиме голема бајрамска забава. Изгледа ми фалел и мирисот и вкусот на овој празник од детството, кога во атеистичка Југославија за верските празници куќите се светнуваа додека не замирисаат на вода, кога дури се расшиваа перници и јоргани, се переше, сушеше и повторно се предеше волната, кога ќебињата и јамболиите се носеа со кајче на перење по дивите плажи, да се потопат во детергенти во милион години старото езеро. Добро, тоа сигурно не ни фали, ниту рекламата за детергентот: облечена во раскошни носии преубавата Билјана гордо и стамено истура не баш мало количество од истоимениот прашок, од сино картонско пакување, во синото милионски години старо езеро.
Се белеа и чаршафите на сонце (тоа барем беше еколошки), се вареше целиот есцајг во сода бикарбона, а штиракот се користеше за сè видливо, а особено за невидливото во облик на чаршафи сите до еден бели и сите под конец здиплени по долапите од масивно дрво, што крцкаа. Што од дрвото, што од чистото. Такви генералки подоцна, ете, не видов ниту на филм.
Тогаш се сучеше и готвеше со денови, слаткото, она за гости, се вареше во вар, речелот и пастрмата висеа во летната кујна, а пченката во луга, се светнуваше самоварот со остатоците од лугата, мангалот се носеше на калајџијата кај Чинарот, огромните тепсии со темножолта самса и баклава се печеа на фурна, а подоцна во давул, направа исклучиво наменета за печење на комади, буреци, колбуреци, мантии и татлии во тркалезен облик.
Се облекуваа најубавите алишта, се спростираа цут белите и со бел вез навезени чаршафи по миндерите и по масите, а при послужувањето над гостинските чаши за вода или оние со сок од домашни ружи, се ставаше рачно плетено миљенце, и тоа поминато низ задолжителниот штирак. Се бацуваа раце на повозрасните гости, а за возврат ние децата добивавме парички. Јас и сестра ми само бегло со чело им ја допиравме збрчканата рака; на тој трик нè научи мајка ми, со превисоките хигиенски правила меѓу кои најстрого беше комплетната забрана за влегување во школските тоалети. За среќа, куќата ни беше на некоја минута од училиштето, и за таа потреба со години тренирано трчавме на одморите до дома.

Кај нас сè нешто се славеше, а и да не се славеше, гостите беа секогаш тука, почнувајќи од најраните, утрински гости на баба ми, што со зембиљи се враќаа од пазар и само кратко ќе се одмореа во дворот, со чаша вода. Имаше и такви што доаѓаа за долго да ги чекаат телефонските повици од единствениот приклучен телефон во маалото, сив бакелитен Искра примерок, и тој свечено покриен со миљенце.
Имаше што доаѓаа на заедничко гледање телевизија; и телевизорот ни беше меѓу првите во маалото, а мајка ми редовно и на глас им ги читаше филмовите на комшиките, зошто од преголема возбуда не можеа и да читаат и да гледаат и да плетат, ем да навиваат за секој најмал пресврт или не дај боже поексплицитна сцена што се состоеше од некој срамежлив бакнеж. Тука беше и плејадата гости-пријатели на татко ми. Откако ќе се затвореше, чинам во десет часот, единствениот ресторан карши нашата куќа, под огромните борови во летните месеци тој си продолжуваше во дворот кај нас, под кајсијата, во долги муабети и неретко со пеење песни доцна во ноќта. А да, и телевизорот се покриваше со бел чаршаф, секоја ноќ.
Вратата од дворот речиси никогаш не се заклучуваше, но понекогаш, ако случајно беше затворена, слушавме и камчиња на прозорците од страната на чаршијата, од некоја упорна екипа гости решена да нè посети и таа ноќ.
Не само за Бајрам туку и за Велигден, Бабаанне1 три дена и три ноќи сучеше и печеше и попаруваше татлии – зошто голем празник е, велеше таа, најголем, ќе имаат калабалак комшиите, па да им помогнеме. Бабаанне се клањаше не пет туку шест пати, а кога умре Тито седум дена не излезе од дома и сè нешто мумлаше, се молеше и постојано клањаше, мора да го направам редот, велеше.
Бабаанне два пати одеше до Мека на аџилик, од Струга со комбе. На Велигден нè облекуваше со сестра ми во најубавите алишта, најмногу ги паметам црвените фустанчиња со бели везени скутници, и тие штиркани, и црвените сатенски машни во коса. Потоа така дотерани со пајнците полни со тазе спремените тригони со кајмак или ореви, од врата до врата ги разнесувавме долж улицата, попатно повторувајќи ја секоја година сè посложената честитка.
Јас сериозно, срамежливо и бавно, со претпазлив од и со страв да не случајно ми капне некоја капка од шербетот врз тазе испегланите алишта, што редовно ми се случуваше; а сестра ми, бестрашна, насмеана и растрчана, на крајот зачудувачки немаше никакви флеки. И редовно се враќаше со многу повеќе од мене козињаци и тазе црвено вапцани јајца.

Имаше и понекоја траума, со сериозни плачки. Еднаш два-три дена пред Бајрам Бабаанне нарача да ѝ се донесе јагне во дворот. Бевме пресреќни зошто не ни беше дозволено ни маче, ни куче, ни жаба, ни риба да чуваме дома, а и немавме поим што му се спрема на јагнето, па го храневме, го галевме, а ноќта дури баравме и да спиеме до јагнето, жалејќи да го оставиме само во темниот двор. Рано утрото, Бабаанне во најсвечена облека, еден темносив костим од жоржет, во лакирани црни кондури, бел тул на главата и со Куранот в рака долго и тивко му шепотеше на јагнето. Нам најстрого ни забранија да излегуваме во дворот, но ние двете скришум се качивме на прозорецот и го видовме касапот како на кутрото јагне му врзува црн превез преку очите. Тоа беше најтажниот Бајрам.
Ние двете, јас и сестра ми, не излеговме од соба, ни на молбите, ни за парите, ни за слатките. Од слатко тој ден добивме по една „афричка смола“ од продавачот токму под нашиот прозорец. Во една осветлена правоаголна витрина ги продаваше, наредени во чаши, смолите завиткани во целофан, во десетина јарки бои, лепливи конусни чудесии за кои никогаш не разбравме зошто се викаа „афричка смола“. Ја спуштивме со јаже, долу кај продавачот, кошницата со дводинарката што вешто ја истресовме од плавата глобус касичка, и му довикнавме дека сакаме една зелена и една портокалова „афричка смола“.
Само што ја кренавме кошницата, се предомисливме, зошто некако поубаво ни изгледаа, а и повеќе светеа, другите бои во витрината. Така ги извртевме сите можни комбинации од десетината бои, за на крај и двете да земеме исти смоли. Црвени. Продавачот, ситен постар човек облечен и лете во волнен елек, сигурно бил во длабока зен медитативна состојба штом со години не се помрдна од местото на продажба и никогаш не нè прекори и стоички нè издржа двете качени на прозорецот, да му се качуваме на глава, и да му ја спуштаме редовно кошницата полна со неодлучности во разни бои.

Никогаш веќе не се случи нeшто слично во нашиот двор. Ние две никогаш веќе не пробавме јагнешко месо. Кога многу ретко Бабаанне скришум од нас го спремаше тенџерето со јагнешко, тоа мораше секогаш да крчка надвор од куќата, таму некаде во летните кујни. Но и тогаш не влегувавме дома, од бојкот и револт, туку се шуткавме по плоштадот, додека не го слушневме строгиот и длабок бас на татко ми зад себе.
За денешниов, пак, Бајрам, во денешново тенџере за хумус позајмено од Палестинецот Зузу, што неколку улици го носевме заедно пешки (еден ресторански казан поголем и од сите четири рингли), во аквариумскиот простор од дневната соба ставивме да се варат точно шест килограми наут.
За да можеме да продолжиме со подготовките за педесетина гости со потврдено учество, клучно беше слетувањето на сестра ми директно од скопските пазари и винарии, зашто и буковката и сирењето и ѓомлезето и пинџурот и пиперките и жолтата и макалото и баклавата во големи количини, домашно сукана, што само чекаше шербет да се стори, сè тоа требаше тој ден во последен миг да долета за бајрамската вечерна трпеза.
Ако по некоја случјност се откажеше долетувањето, требаше да гасиме светло и да монтираме завеси по станот. Сè додека сестра ми не заѕвони, можевме само да го слушаме тивкото крчкање на наутот. И да свртиме уште една партија „Океј“.

Кога со еден огромен куфер и поголемка зелена „делси“ торба на тркала, што собираше повеќе и од огромниот куфер, и што до ден денес само ја поправа, прешива и ѝ менува патенти, за да не се оддели од неа – и уште со еден фул до пукање по шавови ранец на грб – сестра ми се нашла пред цариниците на Тегел, се движела смирено, со одглумена летаргија; потоа возбудено почнала да им мавта на непознатите луѓе преку стаклото, демек ја чека некој, а цариниците, можеби заради нејзината лежереност и сигурност, или можеби од неверување колку многу се натоварила ситната жена, не ја ни сопреле, оти ќе имаа што да видат: огромен комплет делиции забранети за влез во ЕУ.
Кога таа конечно пристигна, само за распакување ни отиде цел саат. До најпоследен момент со ротирачка брзина спремавме сè во најтрчаница, како веќе тоа бива пред големи прослави. Бевме четворица, мошне мотивирани, во последен момент домаќини, иако едната заслужено требаше да одмори, но ете се немаше време. Во последен момент се спремавме и дотеруваваме, а некои од гостите звонеа um 6 uhr2, мислам дека тоа беше ветеринарот на мачките, којшто сигурно чекал пред зграда да го чуе шестиот удар на црковниот часовник од карши, за да притисне на ѕвончето; друго објаснување немам за таквата прецизност.
Сеедно, џабе си беше толку уреден човекот кога цели пет минути немаше кој од нас насмеано да му ја отвори вратата.
„Па ово је Бајрам и два петка“, воодушевено изјави Миме од Сараево во моментот кога влезе во аквариумската соба. (Миме како дете дошол во Берлин,во бегалски камп.)
А минувачите и комшиите, што ќе речат сега на гласнава ЈУ-рок музика? И на овој погласен и од музиката ЈУ народ од Охрид и Скопје, Љубљана и Приштина, Белград, Сараево, Дервента, Бања Лука, Винковци, Загреб, Пула и Птуј? Најмалку десет пати ми пролета низ мислите додека се пробивав низ нашата микро Југославија.
Па нека слушаат и гледаат, де. Само, аман, да не прашуваат. Зашто навистина не знам како би им ги објасниле и Ју атеизмот и модернизмот и прогресивната мисла измиксани во прослава на верски празник. А и како би им го објасниле овој толку весел и разигран народ, чиниш во меѓувреме немало никакви војни. А вечерва повторно и опуштено си ги живее осумдесеттите.
Додуша, си ги живее во еден аквариум на видливо братство и единство. На осумдесетина берлински метри квадратни.
Бајрам шериф мубарек олсун, постмодерен.

Слики: Lola Gil
Фусноти
1 Бабаане (тур.) – Баба по татковата страна, мајка на таткото.
2 Um sechs uhr (гер.) – Точно во 6 часот.
Белешка за авторката
Енис Хилми е родена во Охрид, 1968 година. Основно училиште – „Григoр Прличев“. Средно – гимназија „Св.Климент Охридски“, отсек биотехнологија. Студии во Истанбул, Босфорски универзитет. Најпрво филозофија, потоа напредни административни студии. Завршила и школа за новинарство на МИМ во Скопје во 2008.
Од 1994 до 2007 работела во три македонски министерства во Скопје. Еден претпрвомајски ден ја зела ташната и дала отказ.
Од 2009 – туристички работник во Охрид.
Член на СОС Охрид од почетоците на неговото оснивање.
Објавила неколку текстови во Форум, Глобус, Цивил медиа, Локално и Охрид њуз.
Живее на релација Охрид – Берлин. Виа Скопје.
„Бајрам, братство и единство“ е расказ од необјавената збирка „Градот што не го засакав на прва”.
Извор: www.okno.mk
Публицитет.мк