И ова јубилејно 25 издание на Рибарчето беше посветено на прерано починатиот Коле Петкуќески.
Од 26 февруари, 2016 наваму Охрид е посиромашен за уште еден ЧОВЕК.
За уште еден голем ентузијаст, за уште еден скромен, чесен човек, човек од чаршијата, како што велиме ние во Охрид.
Неговото срце ја изгуби последната битка, а имаше само 61 година.
Коле ја сакаше естрадата, иако по професија беше машински инженер, во срцето беше наклонет кон музиката, танцот, пеењето. Тој поубаво се чувствуваше во таа кожа.
Тивко, згасна ѕвездата на нашиот драг Коле, човекот кој се обидуваше да направи ѕвезди од уметниците, почетниците и сите оние кои сакаа да бидат тоа. Ги учеше им помагаше несебично, давајќи ги сите атоми од себе.
Таков беше од секогаш, особено од 1998 наваму кога со многу љубов, емоции и енергија му се посвети на својот најголем проект по кого ќе го паметиме ние , а и многу генерации деца, родители – фестивалот на детска песна „Распеано рибарче“….
![](https://publicitet.mk/wp-content/uploads/2024/05/download-1.jpg)
…Новинарите и јавноста ќе го паметат како организатор на низа манифестации – избори на најдобри пејачи, имитатори, убавици, концерти на низа ѕвезди од Македонија и поранешна Југославија.
Ми се чини дека немаше објект на ривиерава во кој Коле за време на својата кариера како врвен организатор не беше присутен.
Немаше личност од естрадата која не го познаваше и која не соработувала со него. Беше умешен, досетлив и искусен организатор.
Коле цели осум години им недостигаш на многумина, нам ни недостига твојата ведрина, многуте анегдоти … ама тоа е, смртта ги прекина твоите соништа.
Ќе останеш засекогаш во нашите срца а ние се надеваме дека достојно ќе ја продолжиме твојата музичко – фестивалска визија.
м-р Милчо Јованоски во име на тимот „Распеано рибарче“
Публицитет.мк