Климатските промени се случуваат многу брзо, а ние сè уште не сме подготвени соодветно да реагираме. Драстично намалените врнежи од дожд се главна причина за ниското ниво на Охридското Езеро, што негативно влијае врз екосистемот, а е отворена и можноста за исчезнување на некои ендемични видови. Ваквата состојба налага ревидирање на билатералниот договор со Албанија за користење на езерските води за производство на електрична енергија, бидејќи на овој начин му се нанесуваат огромни штети на езерото кое е под заштита на УНЕСКО.
И покрај врнежите од дожд во изминатите денови нивото на Охридското Езеро е под просекот за овој период од годината. Експертите велат дека оваа состојба се повторува неколку години наназад и е резултат на климатските промени, поради што се загрозува екосистемот на езерото. Посочуваат дека во иднина најверојатно ќе имаме куси временски циклуси со екстремни врнежи од дожд и подолготрајни сушни периоди.
„Пример во јануари и февруари наврнале само 28 милиметри дожд во Охрид, што е многу мала количина за зимскиот период. Снегови речиси и да нема. Тоа се случува не само во Охридскиот регион, меѓутоа и пошироко во цела држава, што значи дека ваквите климатски непогоди ќе бидат уште позачестени“, вели Ѓоко Зороски-инженер по животна средина.
Поради тоа експертите бараат да се ревидира Билатералниот договор со Албанија за регулација на нивото на езерото кој датира од 1957-та година, бидејќи сега климатските услови се поинакви и е недозволиво тоа да се користи како акумулација.
„Двете држави потребно е да седнат и со помош на експерти за хидрологија да ги договорат заедничките коти, колку вода може да се испушта од кај нас. Испустот во Струга да се замени со нов пософистициран и на тој начин да имаме комплетна слика колку вода во секој момент има во езерото, односно попрецизен хидролошки баланс на водите од Охридското Езеро“, додава Зороски.
Ако не можеме да влијаеме врз климатските промени, можеме да го контролираме количеството на испуштена вода од езерото, вели Зороски. Уште повеќе поради тоа што Охридското Езеро е на списокот на УНЕСКО, а наша обврска е да го сочуваме за идните генерации.
Сашо Нелоски – МТВ
Публицитет.мк