Американско – израелскиот тапанар и аранжер Дан Пугач, кој минатата година ја освои наградата за најдобар албум на голем џез состав за „Bianca Reimagined: Music for Paws and Persistence“, гостуваше во Скопје. Како што веќе знае пошироката јавност, тој на 7 октомври 2026 година, во Националната опера и балет заедно со нашиот Национален џез оркестар, а под диригентство на Џијан Емин, одржа концерт со кој ја отвори есенската концертна сезона.
Со него на сцена блеснаа и двајца гости, значајни личности од светот на џезот од Њујорк- извонредната вокалистка и негова сопруга Никол Зураитис, и самата со Греми за вокален џез албум, и виртуозниот трубач Џонатан Сарага.
Програмата комбинираше авторски композиции на Пугач со современи аранжмани на американски џез стандарди, а во преполната сала владееше еуфорија и аплаузи на изведбата на сите дела. Но, се чини посебно одупеви кога одличната вокалистка ја испеа “Џолин” од Доли Пардон како кантавтор.
Со овој спектакуларен концерт нашиот реномиран џез ансамбл ја започна својата есенска сезона доловувајќи и пренесувајќи моќна енергија од модерната њујоршка сцена.
Инаку, Дан Пугач, е едно од најценетите имиња на денешната биг – бенд сцена, кој минатата година ја освои највисоката музичка награда за својот албум. Тој има интересна приказна- во 2011 година прибрал питбул по име Бјанка, но кога седум години подоцна кучето починало, инспириран од таа загуба направил албум со порака за работа со засолништа за напуштени животни.
Пугач е и тапанар на албумот „How Love Begins“, со кој пак неговата сопруга во 2024 година зеде Греми за најдобар џез вокален албум („How Love Begins“), копродуциран со легендарниот басист Кристијан Мекбрајд.
За среќа, врвни имиња ја стартуваа концертната сезона на Националниот џез оркестар на Македонија, кој веќе продолжува по својата патека. На 14 октомври има слушачка промоција пред новинарите на својот прв албум „Македонски сновиденија“, потоа продолжува со засилено темпо со нови концерти овде и со меѓународи гостувања, меѓу кои во ноември и отворањето на 30. издание на престижниот Џез фестивал во Сараево.
Валентина Ѓоргиевска Парго
Copyright
Публицитет.мк








