Годинава се одбележуваат 80 години од постоењето на Градската библиотека и 65 години од основањето на домот на културата „Браќа Миладиновци“ во Струга.
Во петокот напладне во Паркот на поезијата се одржа првиот, од неколкуте планирани настани за одбележување на двата големи и значајни настани од културниот живот на соседна Струга.
НУ Центар за култура „Браќа Миладиновци“ во соработка со амбасадата на НР Кина во нашата земја на радост на посетителите организира своевиден хепенинг на отворено со размена на книжевни дела од роднокрајни автори од Струга и автори од НР Кина и дегустација на кинеска и струшка традиционална храна.
Амбасадата на Кина размени книги со струшката библиотека, а кинескиот амбасадор, Џанг Суо изрази надеж дека младите, студентите и сите стружани ќе можат да научат нешто повеќе за вистинската Кина.
Тој го истакна и интересот на кинеските студенти за изучување на македонскиот јазик.
– Неодамна познатиот универзитет за економија и право ,,Жонгнан“, почна курс по македонски јазик и култура, а се пријавија над 200 кинески студенти. Ова го покажува силниот интерес на кинеските студенти за македонската култура како и ценењето и почитта на Кина кон другите цивилизации. Да ги користиме книгите како мост за заеднички да цртаме прекрасна слика за взаемно учење меѓу цивилизациите, порача Суо.
Директорката на центарот за култура „Браќа Миладиновци“ Николина Велкоска – Глигороска истакна дека со вакви соработки се гради и продлабочува хармонија меѓу народите.
– Нашата хармонија во различностите денеска ќе ја прославиме преку размена на пишаниот збор од нашите и кинеските роднокрајни автори, богатството на храната како и музичките точки. Тоа е повод за оваа иницијатива во иднина да се продлабочи и да придонесе кон културно збогатување на нашата заедница, рече Велкоска – Глигороска.
Јубилејот на Градската библиотека и Центарот за култура ,,Браќа Миладиновци“ во Струга ќе се чествува во текот на целата 2024 година со повеќе манифестации, концерти, музички и книжевни настани отсликувајќи го постоењето на овие две значајни институции низ годините.
МИА и Публицитет.мк