Прашање на време е кога најголемиот дел од охридската бродска флота на подолг период ќе остане закотвена на градското пристаниште, бидејќи не ќе има кој да управува со бродовите. Деведесет проценти од сегашните капетани се пред пензионирање. а меѓународните сертификати на обучените кадри кои ги добиле во Тирана под покровителство на Панама, не се валидни во нашата држава.
„Ние мораме да најдеме решение, од причина што нашиот капетан годинава полни 64 години, треба да оди во пензија. И не сме единствени што го имаме овој проблем. Значи и останатите бродови имаат ист проблем. Мораме да направиме подмладување на самите капетани“, вели Ѓоко Наумоски, сопственик на брод.
Треба да го следиме примерот на Хрватска која се соочи со истиот проблем. а го надмина со измени на Законот за пловидба со кој на национално ниво може да се добие сертификат за капетан на брод, велат бродарите.
„Треба да има измени на еден член во Законот за внатрешна пловидба којшто треба да го подготви министерството за транспорт и врски. Министерот треба да оформи комисија. Има луѓе за тоа коишто можат да го направат. И тоа е единствено решение на проблемот“, вели Зоран Гилевски, сопственик на брод.
Треба да се делува брзо, затоа што во спротивно или ќе треба да увезуваме капетани или за неколку години охридското пристаниште ќе наликува на гробница за бродови, вели Гилевски.
Извор: Сашо Нелоски, МРТ
Публицитет.мк