Само на хартија се реализираат многу проекти кога е во прашање заштитата на Охридското Езеро, така е и со пораките кои се упатуваат на манифестациите по повод Денот на езерото, иако во потпишаниот меморандум за одбележување на овој ден стои дека Охрид, Струга и Поградец ќе преземаат заеднички активности за негова заштита.
Нема никаква координација за да се заштити ова светско природно наследство кое е на списокот на УНЕСКО, велат експертите. Особено тоа се однесува на масовната урбанизација, која во македонскиот дел се очекува да се стопира со донесувањето на Планот за управување со Охридскиот регион.
„Со планот би се подобрила до некаде ситуацијата затоа што ќе се стават работите под контрола, сепак и тоа на хартија. Се надеваме дека ќе профункционира нешто во иднина во однос на физичкото обезбедување на Охридското Езеро. Меѓутоа се направени секако и штети коишто се ненадоместливи, бидејќи се работи за објекти од цврста градба и сето тоа е резултат на она што не се контролирало во изминатите 30-тина години“, вели Ѓоко Зороски-инженер по животна средина.
Доколку постои желба може да се спречи и масовното изловување на охридската пастрмка, вели Зороски.
„Проблемот е или предизвикот е кој ќе го контролира концесионерот. Но и тоа може да се реши со посовремени методи за набљудување, во смисла поставување на фиксни камери на места коишто се насочени во Охридското Езеро, употреба на дронови со термални камери“, додава Зороски.
Таква пракса има во други земји каде што има неконтролиран риболов, но за целосна заштита на езерото од македонска и албанска страна мора максимално да се вклучат и надлежните органи на двете држави.
Извор: www.mrt.com.mk
Новинар: Сашо Нелоски
Публицитет.мк