Од Агенцијата за промоција и развој на туризмот најавуваат туристички бум за годинава. Се очекува раст од 20 до 40 проценти. Тоа е добрата вест, а лошата е што немаме квалификуван кадар за да им пружи квалитетни услуги, бидејќи преку летото најспособните заминуваат во странство. Од Агенцијата очекуваат експертите заедно со субјектите во туристичкиот сектор за месец, месец и половина да понудат решенија, за недостигот од работна сила да се надмине во наредните десеттина години.
Оваа година туристичката индустрија очекува надминување на бројката од 3,2 милиони ноќевања, односно во примарниот и секундарниот пазар да има раст од 20 до 40 проценти. Од Агенцијата за промоција и развој на туризмот оптимизмот го темелат на ребрендирањето на дестинацијата што овозможи да се понудат нови содржини, а тоа ќе придонесе за рекорди остварувања во туристичкиот сектор.
„Тоа се должи на уште поголемиот број интерес на туроператорите што се кај нас, новите линии што се воведуваат и за Охрид и за Скопје и новите пазари со коишто веќе имаме одлични конекции како авионските, а се надеваме дека поголем број на кружни патувања ќе имаме во 2023-та година во рамките на Отворен Балкан“, изјави Љупчо Јаневски, директор на Агенција за промоција и развој на туризам.
Најавите се оптимистички, но прашање е кој и како ќе ги услужува туристите, бидејќи има недостиг од работна сила. Во текот на сезоната има потреба од околу 10.000 работници во овој сектор, а познато е дека најквалификуваниот кадар токму во текот на летната сезона заминува во странство.
„Начинот на недостиг на стратегија низ годините развојни планови, можеме да ги видиме резултатите сега. Но, тоа што можеме сега да почнеме да го градиме е како за наредните 10 години да создадеме стручни кадри коишто во одредени сегменти и елементи на економијата ќе овозможат раст“, додаде Јаневски.
Јаневски посочува дека проблемот со работна сила мора да се надмине, бидејќи индустријата во 2022-та во македонската економија влеала 480 милиони долари туристички промет, којшто е за 21 процент поголем од 2019-та.Тоа значи дека уделот е преголем и така треба да се третира.
Извор: www.mrt.com.mk Сашо Нелоски
Публицитет.мк