И годинава НУ Библиотека „Григор Прличев“, НУ Центар за култура “Григор Прличев“ , ООУ “Григор Прличев”, Завод и Музеј – Охрид и Комисијата за одбележување празници и манифестации и доделувања награди и признанија како и Министерството за култура со заеднички сили подготвија богата програма за традиционалната манифестација „Прличеви беседи“.
Утре (понеделник) во 11.45 часот во НУЦК „Григор Прличев“ ( изложбен салон) ќе биде отворена изложба на ликовни дела од колекцијата на НУЦК „Григор Прличев“.
Свеченоста посветена на лауреатот на наградата „Григор Прличев“ ќе се одржи на мала сцена во НУЦК „Григор Прличев“ со почеток во 12.00 часот.
На свеченоста ќе настапи хорот при НУЦК “Григор Прличев”- Охрид, предвидено е обраќање на претставник од НУЦК “Григор Прличев”- Охрид и на на претставник од Општина Охрид; пред присутните ќе биде претставена наградената поема: “ДЕНЕС . Ќе следи артистичка изведба на поемата, врачување на Повелбата за најдобра поема за 2023 и свечено обраќање на лауреатот Славе Ѓорѓо Димоски.
На 6 февруари (вторник) во 10.00 часот ќе биде положено свежо цвеќе пред споменикот на Григор Прличев во ООУ „Григор Прличев“ (училиштен двор). Во 10.30 часот ќе се одржи Панихида и полагање свежо цвеќе на гробот на Григор Прличев во близина на црквата Св. Богородица –Перивлепта.
Во 11 часот во Спомен – куќа на Григор Прличев ќе се одржи настанот „Стихови и звуци за Прличев“ на кој ќе биде промовирана книгата „ОХРИДСКИ ПОЕТИ “ од проф.д-р Димитар Пандев и Славе Ѓорѓо Димоски а промотор е Паско Кузман. Ќе се обрати градоначалникот на општина Охрид, Кирил Пецаков кој ќе врачи два примерока од книгата „Гоце Делчев“ од Ванчо Николески, отпечатена во Брајово писмо, на НУ Библиотека „Григор Прличев“ и Здружението за слепи лица од Охрид. Ќе бидат врачени и наградите на провонаградените литературни творби на Литературниот конкурс на ООУ „Григор Прличев“ по што учениците ќе ги читаат наградените творби.
Во 12.30 часот предвидено е полагање лавров венец и свежо цвеќе пред спомен – бистата на Прличев пред НУ Библиотека „Григор Прличев“ и обраќање на Смиле Наумоски – член на Друштвото на писатели на Македонија.
Во 13.00 часот во НУ Библиотека „Григор Прличев“ (Прличева одаја) ќе се одржи „ОХРИДСКА ВИЗИТА“ на која за поетот и преродбеник Прличев ќе беседи проф. д-р Елизабета Шелева. Младата Алма Шемо ќе биде прогласена за добитникот на наградата за Најдобра беседа во чест на Прличев за 2024 од распишаниот конкурс: „Како против пизмата?“ по што ќе следува обраќање на добитникот на наградата и културно – уметнича програма.
Чествувањето ќе биде заокружено со Свечена приредба по повод Патрониот празник на ООУ „Григор Прличев“ во НУЦК„Григор Прличев“ со почеток во 19.00 часот.
Бесдите, всушност започнаа вчера со почеток во Кафе бар „Шила“ кадешто се одржа поетскиот караван: „Добри гости“ од Серијата книжевни гостувања низ Македонија.
Публицитет.мк