Илија Чашуле e роден на 24 јули 1957 година во Скопје, каде и дипломирал на Катедрата за македонски јазик. На Филолошкиот факултет во Скопје предавал општа лингвистика осум години.
Во 1987 година доаѓа во Австралија и 13 години беше шеф на Катедрата за македонски јазик на Универзитетот “Маквори” во Сиднеј. Од 2000 година беше професор на Катедрата по лингвистика.
Автор е на 10 книги и на повеќе од 100 статии објавени во најистакнати европски и светски научни списанија
Во австралиската средина д-р Чашуле се посвети поинтензивно на теоријата и секојдневната практика на наставата, а резултат на таа посветеност беше прв сериозен, меѓународно признат прирачник по Македонски јазик за англофони, “Let’s learn Macedonian“ издаден во 1990 година.
Во неговиот австралиски период, покрај секогаш присутната македонистичка проблематика, во фокусот на научните интереси се најде и еден друг јазик – бурушаскиот, јазик зборуван од околу 90.000 луѓе во Каракорум, во северозападен Пакистан и Авганистан, односно Хунзите кои водат потекло од Бригите .
Во бурушаските студии на Чашуле присутна е и една македонска нишка. Имено, според неговата хипотеза, Бурушите се потомци на Фригите кои некогаш живееле на денешна македонска територија и зборувале еден од палео-балканските индоевропски јазици – фригискиот.
Пројавил и значајна општествена активност во животот на македонската заедница во Австралија, посебно во укинувањето на додавката Slavic при именувањето на македонскиот јазик во австралиската држава Викторија
Избран е за член на Македонската академија на науките и уметностите надвор од работниот состав во Одделението за лингвистика и литературна наука во 2012 година.
Во декември 2019 заминува во пензија и се враќа во Македонија.
На сите овие интересни теми со д-р Чашуле специјално за СБС разговараше Милчо Јованоски:
Интервјуто првично беше емитувано на СБС минатото лето а е дел од серијата интервјуа посветени на 50 год. од постоењето на СБС .
Публицитет.мк








