Шпанската влада обезбеди грант за изработка на проектна документација со што Охридското Езеро целосно ќе се заштити од загадени води од македонска страна. Изработката на проектите е во тек, по што државата ќе треба да аплицира до европските фондови за да се обезбедат финансиски средства за реализација на истите…
Со грант од 970 илјади евра на министерството за економија и туризам на Шпанија започна изработката на проекти со кои конечно ќе биде затворен заштитниот прстен околу Охридското Езеро од македонска страна. Со проектната документација се опфатени четири крајезерски населби од кои во три треба да се изградат пречистителни станици, а една треба да се приклучи на постојниот колекторски систем.
„Во тек е изработка на проекти од ИТАМ, шпанска проектантска фирма за изработка на пречистителна станица во Љубаништа, собирање на фекалните води од селото Елшани, изработка на проект за засебна пречистителна станица во Радожда и проект за нова пречистителна станица со локација во Подмоље“, изјави Владимир Алексијоски-директор на ЈП „Колекторски систем“.
Покрај тоа како што вели Алексијоски општина Охрид треба да изработи проект за пречистителна станица во селото Трпејца и мини пречистителни станици во Лакочереј и Косел, како и да ги отстрани дивите канализациски приклучоци.
„Локалната треба да преземе обврска во целост да ги отстрани сите тие диви приклучоци кои за жал сами и до ден денес сами самоволно се имаат приклучено и отпадните, односно фекалните води се излеваат во реката Грашница или во Коселска река со што секојдневно се врши загадување на Охридското Езеро“, додава Алексијоски.
Изработката на проектите од шпанската консултантска куќа не значи дека тие веднаш ќе се реализираат, бидејќи потоа министерството за животна ќе треба да ги упати до европските фондови од каде што треба да се обезбедат финансиски средства.
Автор: Сашо Нелоски
Извор: www.mrt.com.mk
Публицитет.мк