И годинава традиционално Министерството за внатрешни работи продолжува заедно со граѓаните да го чествува Денот на македонската полиција – 7 Мај. По тој повод денеска централната манифестација за одбележување на празникот ќе се одржи на сцената на Долни Сарај, Охрид…
На манифестацијата, на која ќе присуствуваат членови на Владата, како и министри за внатрешни работи и директори на полиции од европските држави, претставници на дипломатскиот кор и други високи гости, ќе се обратат министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и претседателот на ИНТЕРПОЛ, Генерал-мајор Ахмед Насер Ал-Раиси.
Како што е најавено, во кругот на Министерството за внатрешни работи, ќе биде положено цвеќе пред Споменикот на загинатите припадници на МВР од страна на министерот Спасовски, државниот секретар при МВР Магдалена Несторовска, директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски и заменик директорот на БЈБ Ариф Асани, Здружението на бранителите, семејствата на загинатите припадници на МВР и претставници на Македонскиот полициски синдикат.
По повод 7 Мај – Денот на македонската полиција министерот Спасовски упати честитка до припадниците на македонската полиција, вработените во МВР, истакнувајќи дека нема ништо поблагородно од тоа што тие се на браникот на државната сувереност, на сигурноста на граѓаните, гарантирајќи мир и безбедност за секого.
Извор: www.mrt.com.mk
Публицитет.мк