Цел живот се даваат поуки и пораки, и тоа: во семејството, во фамилијата, во средината, во образовниот систем, во односот на државата кон своите граѓани, односно во сите пори на животот и во сите делови на светот.
Со цел да дадам најдобри насоки во животот, ќе изнесам бројни куси текстови и поучни нарации во духот на правилата за добро однесување (бонтон), но на своевиден начин. Сметам дека оваа серија, на две недели по три поуки и пораки, ќе е корисно четиво за секој читател, значаен прилог за воспитување на добро однесување на секого.
- НАСЛЕДЕНОТО БОГАТСТВО НЕ МОРА ДА ВИ ДОЈДЕ КАЈ ВАС
Човекот, вели една народна поговорка, можете да го запознаете во три случаи: во јадењето, во богатството и во пијанството.
Народното верување, исто така, е дека краденото (грабнатото) не носи среќа. Но, има најнови уверувања што посочуваат дека и правното и реалното можење да се наследи некое богатство, сепак, бараат извесни напори и довиткувања за тоа (богатството) да стане ваша сопственост. Има, како своевиден облик на апсурдот, ситуации кога човек со сите средства се борел да го добие определеното наследство и кога успеал во тоа, богатството веќе не вредело ниту пет пари (како пример се наследени ниви во веќе испуштени македонски села).
- ДАРУВАЈТЕ КРВ БАРЕМ ЕДНАШ ГОДИШНО
„Што вреди да се галопира, ако се оди во погрешен правец“, посочува Коплинг. Дарувањето крв се израмнува со спасување живот. Значи, тоа е вистински правец.
Ако е точно дека треба да бидеш љубезен кон оној што го среќаваш кога се качуваш, бидејќи ќе го сретнеш и кога ќе слегуваш, тогаш и нечија крв може да биде потребна за нас или за некој од нас. Медицинарите знаат како се обновува крвното ткиво, таа драгоцена течност. Еднаш годишно во реката хумани сосема добро звучи. Го знаете тоа, не е спорно, нели?
- НАСМЕВНЕТЕ ИМ СЕ НА ЛУЃЕТО ЗАД ШАЛТЕРОТ, И НА НИВ НЕ ИМ Е СЕКОГАШ ЛЕСНО
Општо е верувањето дека луѓето што работат со други луѓе во улога на шалтерџии се нередовни на работното место (често отсутни и тогаш кога пишува дека работат со странки), дека се неуредни, нетрпеливи, груби, дрски, нељубезни.
Важи тоа и за шалтерите во банките, и во поштата, и во болниците, и во државната администрација, и во обичните портирници… Треба, сепак, понекогаш да се помисли колку луѓе доаѓаат кај нив без да знаат што бараат; доаѓаат со намера да издејствуваат нешто што не им припаѓа и што шалтерџиите не смеат да им го дадат; колку луѓе се до бескрај упорни, здодевни, агресивни. Се сеќавате на вицот кога човекот дошол во банка и побарал ракија…
Пишува

Академик д-р Миле Д. Миќуновиќ од Охрид
„Уште не сум видел некого кој бил претепан тоа да го заборавил, ама стопати сум видел како луѓето ги забораваат советите и поуките“ – Иво Андриќ
Фото: Илустрација од ФБ
Публицитет.мк