Цел живот се даваат поуки и пораки, и тоа: во семејството, во фамилијата, во средината, во образовниот систем, во односот на државата кон своите граѓани, односно во сите пори на животот и во сите делови на светот.
Со цел да дадам најдобри насоки во животот, ќе изнесам бројни куси текстови и поучни нарации во духот на правилата за добро однесување (бонтон), но на своевиден начин. Сметам дека оваа серија, на недела дена по три поуки и пораки, ќе е корисно четиво за секој читател, значаен прилог за воспитување на добро однесување на секого.
13. СООЧУВАЈТЕ СЕ СО АПСУРДИТЕ
Можно ли е морето да „тргне“ на пат за да се удави во некоја река? Тоа е апсурд, нели?
Не е логично, односно апсурдно е кога ќе ве изневери пријател, нели? „Раната што ќе ти ја зададе пријател, никогаш не зацелува“, вели една кинеска поговорка.
Има апсурди во политиката, во бракот, во професијата, во спортот… Кога не би постоеле, не би се третирале, не би се констатирале. Многу работи се надвор од некаков очекуван ред, и според законите на природата, и според јавните закони, и според човечки стандарди. Соочувањето со нив, а не паничењето, спаѓа во редот на разумност.
14. НИКАДЕ БЕЗ: ШАМИВЧЕ, ПАРИ, КЛУЧ И ПЕНКАЛО
Колку често во забавните рубрики ги прашуваат соговорниците без што никаде не одат на пат, односно без што не одат никаде.
Секогаш со шамивче (за нос, за дамка на облеката, за извалкани раце и лице, за собирање на навлажнетоста), со секакво – секаде, со никакво – никаде. Парите, нели, се неодминливи, и за храна, и за култура, и за информација, и за превоз, и за питачите и за тоалет… Клучот од станот – со вас, никогаш не знаете во каква ситуација ќе се најдете за да морате да влезете дома. И пенкало треба: да запишете нечиј телефонски број, адреса, жиро – сметка, роденден.
15. УМЕЈТЕ ДА МОЛЧИТЕ (КОГА ТРЕБА)
Дали е молчењето злато? Дали, во правна смисла гледано, молчењето е одобрување.
Има ситуации кога на луѓето кои многу молчат им се забележува дека тоа го прават од проста причина што немаат, што не знаат нешто да кажат! Поопшто е верувањето дека тој што молчи нема шанси да згреши, ама, истовремено, нема шанси – ни да погоди.
Сепак, умеењето да се молчи кога треба е вистинска способност и оспособеност.
Пишува

Академик д-р Миле Д. Миќуновиќ од Охрид
„Уште не сум видел некого кој бил претепан тоа да го заборавил, ама стопати сум видел како луѓето ги забораваат советите и поуките“ – Иво Андриќ
Фото: Илустрација од Google
Публицитет.мк