Како дојде до пишување на оваа книга? Замислете во животот сé да работат само професионалци? Замислете да готват јадења само професионалци? Замислете да водат љубов само професионалци? Каков живот би бил тоа?
Јас не сум ниту фотограф ниту историчар на уметноста. Животот е големо поле на испитување, на изучување, поле сé уште неиспитано. Во својата медицинска гранка го достигнав врвот, од општ доктор, па специјалист, доктор на науки, професор и Европски Академик. Сепак можам искрено да речам дека има премногу работи кои не сум ги научил, ама сакам и други полиња да испитувам. Меѓу многуте други работи што ги истражував во полето на животот, сакав да дадам многу мал придонес за мојот град Охрид, да ги соберам објавените фотографии по интернет, по социјалните мрежи, по домовите на моите пријатели, да ги ставам во една книга достапна за читателот што ќе може да ја носи со себе и да се прикажува и да се коментира. Сигурно има многу недостатоци, но моето мото е „работи, заврши, објави“ и науката е долга (широка, длабока), а животот е краток (“Scienci longa, vita brevis”).
На тој начин се даваа придонес за историјата, се остава трајна трага во сферата во која се работи и се прави траен споменик. Затоа штпом се соберат податоци, делото треба веднаш да се објави, а за оние кои сакаат критизерски да се однесуваат за делата, ги потсетувам на познатата латинска поговорка: ”Faciant meliora potentes” („Оние што можат, нека направат подобро“). Црногорците велат: „Ко може боље, широко му поље“.
Можам да претпоставам, а се гордеам со помислата дека ова книга ќе го замени стариот албум од спомени и ќе биде близу до Вас. Од неа ќе излезат безброј сеќавања, ќе го побарате оној Охрид од детството, Охрид од времето на вашите претци. Пожолтените и некои од нив дури бледи фотографии, меѓу кориците го „раскажуваат“ минатото со некој посебен мирис кој делува занесно, магично. Во оваа дигитална ера, можеби некому сиот овој труд ќе му изгледа без значаен ама само помислата дека книгата надживеала векови, а техниката е само моќ на едно време, не ме остава рамнодушен кон црно – белиот свет. Посебно среќен ме прави помислата дека книгата не само што ќе не надживее туку ќе го помине прагот на вековите и ќе сведочи и за ова време.
Вистина е дека по нас ќе дојдат и други за кои Охрид ќе биде инспирација и аманет запален покрај некое кандилце кое и денес гори во некоја од црквите охридски. Ви посакувам секој да понесе дел од својата вистина што овде Ви се прикажува.
Пишува:
Академик д-р Миле Д. Миќуновиќ од Охрид
Публицитет.мк