Човекот е производител на сите материјални и духовни богатства, но, пред се, тој е производител на самиот човек. Човекот – родител произведува највисоко материјално богатство: човек – поколение. Тоа е плод од половата двојка која подоцна се претвора во семејна двојка. Тоа е иднината на еден народ на една држава.
Угледот на човекот не треба да му се валка, само таков човек се препознава како најголемо човечко суштество – како човечност.

Нечовечните послабо ги проценуваат ризиците, па затоа се подготвени да го преземат светот без страв од последиците од нивните постапки. Нечовечните се насекаде. Се собираат, формираат тимови, соработуваат и така постигнуваат резултати.

Влегуваме во ерата на нечовечните каде паметните луѓе ќе станат загрозен вид. Нечовечните ќе раѓаат нечовечни луѓе. Ќе се намножат и ќе стане карактеристика на човештвото. Интелектот, моќта и способноста на човекот за сфаќање, разбирање, спознавање, ќе се пренесат на нашите уреди и паметно нешто во нашите животи ќе биде паметниот телефон.

Нечовечноста е масовното убиство во тетовската Модуларна болница, автобуската несреќа кај Ласкарци на „Дурмо турс“ и сега во Кочани каде загинаа 59 млади луѓе и над 150 повредени во дискотека – шупа, куќарка за сместување дрва, јаглен и сл.

Нечовечните се здружени за да опстанат, се штитат меѓу себе, не почитуваат закони ги заплашуваат човечните, „ќе му се јавам на министерот“, „наш е инспекторот“, „наш е градоначалникот“, „наш е началникот“, „наш е…“. Оваа дискотека работела со години (15), штитена била од нечовечните, другите гледале и молчеле, во себе се јаделе и живееле во страв од одмазда од нечовечните, станала дискотека на смртта!

Младите се наша иднина и наша сила, а нечовечните ги манипулираат. Гореа млади деца во дискотека – шупа заради нечовечните гладни за власт и пари. Во шупата со едно мало вратниче и прозорци со метални решетки како најбеден кокошарник, со ѓубриште во дворот се дозволи да влезат 500 млади лица.

Дали можете да го замислете пеколот, неможноста да се вдиши чист воздух, туку се вдишува топол, врел воздух полн со отровни гасови ослободени од горењето, се давеле и умирале со изгорена кожа во најтешки маки, кога се запалил кровот и паднал над нив?!

Ќе ја спомнам нашата народна „не знае каде тера“! Размислете каде одиме! Нечовечноста е најголемиот извор на зло. Алберт Ајнштајн рекол: „Светот нема да биде уништен од оние што прават зло, туку од оние што го гледаат и не прават ништо“.

Време е нешто да направиме за ова што го гледаме!
Пишува

Академик д-р Миле Д. Миќуновиќ од Охрид
Публицитет.мк