Верскиот празник Богојавление – Водици спектакуларно беше одбележан во македонскиот духовен центар-Охрид. На градското пристаниште на чинот на положувањето на Чесниот крст во водите на Охридското Езеро присуствуваа повеќе илјади верници, а во водите запливаа неколку стотини младинци од Охрид и другите македонски градови. Најсреќен беше охриѓанецот Никола Јакимоски кој го фати крстот…
Во Охрид продолжува традицијата на масовно и уникатно одбележување на големиот христијански празник Богојавление – Водици. По утринските богослужби во сите парохиски цркви илјадници верници во литии се упатија на градското пристаниште каде што митрополитот Тимотеј го положи Чесниот крст во ладните езерски води. Помеѓу стотиците капачи највешт и најсреќен беше 29-годишниот охриѓанец, Никола Јакимоски.
„Јас се капам по крстот од својата 15-та година. Скоро секоја година и нормално како и секој капач кој се капи за крстот имав желба да го фатам и ете оваа година крстот ме посака мене. Здравје, среќа, напредок на сите полиња, љубов, убавини, свадби дечиња“, изјави Никола Јакимоски, фаќач на крстот.
„Посакувам здравје, среќа и успех не само за фаќачот на крстот, туку буквално на сите охриѓани и на цела нација и посакувам една просперитетна 2024-та, токму така како што наликува, не за друго, затоа што друга опција, друга татковина немаме“, изјави Кирил Пецаков, градоначалник на Охрид.
Покрај охриѓани во фаќањето на Светиот крст учество зедоа и повеќе младинци од другите македонски градови, меѓу кои најбројни беа битолчани.
„Јас сум Бобан Цапески од Битола. Втор пат сум тука за крстот, им посакувам на сите среќа, Бог се јави. Догодина се надевам дека уште ќе се фрлам за крстот“, изјави Бобан Цапески.
„Пет, шест души се фрливме за крстот втора година, чисто Охрид за здравје“, изјави Бојан Јанковски.
Празникот мина во прекрасна атмосфера и за среќа не се исполнија најавите дека е можно да дува посилен ветер.
„Се помина во најдобар ред. Две помали интервенции на извлекување на две деца коишто беа премрзнати и неколку интервенции на медицинските екипи од исеченици“, изјави Сашо Точков, претседател на Црвен Крст-Охрид.
Богојавленските празнувања продолжуваат утре на празникот Свети Јован Крстител, кој во Охрид се одбележува и како Ден на рибарите.
Извор: www.mrt.com.mk Сашо Нелоски
Публицитет.мк