Иако со мерките на Владата за ограничување на трговските маржи цените на повеќе категории производи се намалени, граѓаните сметаат дека тоа е премалку. Оние со помали примања велат дека едвај преживуваат. Од друга страна, дел од експертите сметаат дека мерките сепак краткорочно ќе имаат позитивен ефект, но дека уште сега треба да се размислува за долгорочни мерки кои ќе оневозможат вртоглав раст на цените по 30-ти април.
Мерките на Владата за ограничување на трговските маржи и замрзнување на цените со оние од 1-ви февруари се видливи во охридските маркети, барем во оние што ги посетивме.
Новите цени се поставени на полиците, а до нив и старите, со што купувачите можат да направат споредба колку производот чинел претходно.
Колку мерките на владата ќе имаат ефект зависи од институционалната подготвеност тие да се спроведат, велат експертите. Не смее да се дозволи трговците да имаат можност за манипулации и да прикажуваат непостоечки и нереални трошоци.
„Контроли во однос на тоа дали постојат картелски договори, односно дали постојат договори помеѓу трговците и производителите, коишто на крајот пак можат да удрат врз џебот на граѓаните. Односно да ја намалат нивната куповна моќ, а повторно тие да прикажат дека профитот им е во рамките на маргините коишто се предвидени со владините мерки“, вели проф. д-р Александар Трајков – универзитетски професор.
Се работи за краткорочни мерки кои ќе траат до 30-ти април, а според Трајков веќе сега треба да се размислува дали тие долгорочно да се комбинираат со други решенија.
„На пример Владата да воведе мерки со кои би се стимулирало домашното производство или да се воведат мерки со кои би се стимулирала конкуренцијата или можат да се воведат дури и мерки со таргетирање на социјални политики и така би се добил еден баланс помеѓу социјалните потреби коишто ги имаме во општеството. Меѓутоа, на начин да не бидат загрозени и работењето, издржливоста на работењето и на бизнисите“, дополни професорот Трајков.
Дополнително значење според експертите има мерката за задолжително објавување на цените на веб страниците на маркетите што ќе ги насочи потрошувачите кон трговците коишто се поконкурентни на пазарот.
Извор: www.mrt.com.mk
Сашо Нелоски
Публицитет.мк