Денеска во 18:00 часот во Центар за култура „Григор Прличев“ Охрид ќе се одржи отворената трибина на која ќе се обратат Бојан Маричиќ – Вицепремиер за европски прашања, Каја Шукова – Министерка за животна средина и просторно планирање и Н.Е Грегор Прескер Амбасадорот на Република Словенија и Љупчо Јаневски директорот на агенцијата за промоција и поддршка на туризмот на настан од кампањата „Ние сме Европа“ во Охрид. Темата на овој настан е членството во ЕУ од аспект на развојот на туризмот и бенефитите од инвестициите во ивотната средина.
Настанот е дел од напорите на Владата на Република Северна Македонија, за исполнување на стратешката цел – полноправно членство во Европската Унија.
Секретаријатот за европски прашања како дел од кампањата „Ние сме Европа“ организира серија настани во повеќе градови низ државата, под мотото „Саем на европски вредности“. Настаните се од информативен карактер и имаат за цел да го продлабочат дијалогот со граѓаните за можностите и придобивките кои ги нуди пристапувањето и членството во ЕУ.
Кампањата „Ние сме Европа“ предводена од Заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бојан Маричиќ, се реализира во 8 градови низ државата и тоа: Охрид, Битола, Куманово, Штип, Скопје, Струмица, Тетово и Прилеп, во рамки на што се организираат трибини и средби со граѓани, кои соодветно за секој од градовите, обезбедуваат информации и отвораат точки за дискусија на неколку теми и тоа: инфраструктура, култура, енергетика, туризам, економија, млади, земјоделство и социјала. Активностите во секој од градовите ќе вклучуваат и посета на локалитет од значење за конкретниот град.
Секретаријатот за европски прашања и Владата на Република Северна Македонија ги афирмираат и промовираат европските вредности, во време на важни одлуки за продолжување на пристапниот процес во ЕУ, кои не’ засегаат сите нас, граѓаните и тоа во духот на демократијата, мултикултурализмот, владеењето на правото, почитувањето на фундаменталните и човековите права, итн.
Публицитет.мк