Да се размислува за светот околу себе, значи да му се припаѓа на тој свет.
А Вангел Наумоски му припаѓа на светот од бајките.
Оние пикарескните, за ликовите што тргнуваат преку седум гори и планини и наидуваат на уште толку препреки, за да ја исполнат својата цел, да ја остварат својата желба, да го исполнат својот порив за страстен преграб на сетилното во светот. И сега е небитно да се преповторуваат сите тие „преку“ во жизнените патешествија на Вангел Наумоски кои се само вовед, приказнично-соблазнителен вовед во неговата преисполнета творечка биографија. Онака како што тој ја кажува, имено како роден раскажувач.
Важно е само дека неговата цел, желбата и поривот беше уметноста. Онаа фината, неангажираната, невкалапената во норми наметнати од режими и однапред режирани сценарија, чија пак цел е сѐ да стават под своја контрола, особено ‒ уметноста.
За младиот Вангел очигледно тоа било неприфатливо. За општеството уште повеќе ‒ да го прифати пркосот со кој Наумоски ѝ се спротивставуваше на средината. Онаа што се најде на првата повоена уметничка, тогаш художествена линија предводена од најдоброто што тогаш Македонија, младата македонска држава, можеше да го има, но недоволно подготвена да го прифати бунтовниот етнографизам, оној што произлегуваше од македонската песна и сказна. Од светот на бајката. Од светот на легендата.
И, ако првата македонска линија не го осозна Наумоски, светот го направи тоа наместо неа. Оној свет во кој Вангел со својата уметност ја однесе Македонија во него, преку неговите слики. Магепсно-волшебната Македонија изнедрена од блескавите бранови на големата вода.
Го направи тоа тргнувајќи од неговиот охридски дом во кој своевремено го пречека и Ото Бихали ‒ Мерин. И сега воопшто не е важно кој кому тогаш му беше попотребен, Бихали на Наумоски или Наумоски на Бихали, кој во својот живот имал само двајца искрени пријатели, Томас Ман и Вангел Наумоски, кому отпосле ќе му посвети и монографија. Само нему. При сета негова пишувачка, и книжевна и историскоуметничка.

Има две почетни точки, конци од срцето, во уметничкиот подем на Наумоски, една што се сообразува со предреволуционерната изохипса, т.е. изоглосата на охридската општествена песна и приказна исполнета во духот „собрале ми се, набрале“ и друга што го осознава охридскоезерскиот магичен реализам, оној што се извишува од најдлабоките пори на езерото и се вивнува во бесконечноста на просторот и времето.
Во едната се концентрира охридската преродба ‒ калена меѓу двајца лути противници, Григор Прличев и Кузман Шапкарев, транспонирана низ меморијата на лозарите, од ред безмалку сите охриѓани, инаку предилинденски предвесници и ‒ отсликана во раните слики на Вангел Наумоски, имено, во „Смртта Кузманова“, но и актуализирана истовремено во драмскиот текст на Васил Иљоски. И, сега не е вжно кој кого поддржа, важно е дека му го дадоа на Времето духот што му недостасува, оној револуционерниот, од пред првото илинденување.
Да ја наслика „Смртта Кузманова“, Наумоски бездруго ја имаше совладано сета македонска етнографска фактографија која неуморно ќе го следи низ сето негово творештво, особено низ книжевното. Истата што Иљоски ја преточи во драмскиот текст „Кузман Капидан“. Овој нивни потег го пренесе Иљоски во светот на театарските мегаломани во таа строга Македонија која најмалку од сѐ во тоа време се разбираше од театар и сликарство, а за Вангела се најде место во наивата, тоа, во тоа време таканаречено „југословенско чудо“.
Да прецизираме, да потсетиме, да појасниме: таа и таква Југославија каква што ја создаде Револуцијата возроди повеќе чудеса, особено на уметнички план, а едно од нив беше „наивизмот“. Тоа беше среќна формула што ќе вчадори сѐ што не му подлежи на системот. И успеа во тоа, без да ги праша именуваните. Со помош не само на Ото Бихали ‒ Мерин туку и на многу други.
А на Наумоски не му остана ништо друго освен да ја спасува уметноста, преку стилски синтези до кои се доаѓа преку „пипава ексцерпција“ на живи обрасци од живиот свет на Охридското Езеро, што му се принесуваат, како во светот на бајката, „на тацна“, всушност низ стакло, но не налик на она на кое наивните или примитивните уметници инстиктивно и спонтано го толкуваат совремието, преку сликање свадби и погреби и други ритуали во кои петелот е генерален лик, при сѐ што на сите нив по нешто им недостасува во приказната, онаа автобиографската, за да бидат уметници во вистинска смисла на зборот.
Тој недостиг кај сите, што секој од нив го надополнува со нешто свое и несвојствено за другите, а Наумоски, спротивно на каноните го надополнува со „чувственост и суптилност… како сликар од бајките“. Со овој исказ на Салвадор Дали Наумоски станува охридска легенда. Требаше тоа да го каже Дали за да се сфати величието на Наумоски.

Во чувственоста на Наумоски е акумулирана етнографската моќ една уметност да произлезе од друга. Да се постигне уметност во уметност.
Во суптилноста, пак, онаа префинета нишка да се изнедри убавото од духовната ризница на природното, да се расчлени радоста на живеењето и одново да се спои во нови сосличја. Хедонистички и вљубено, не толку во природата, колку во природните обличја налик на заплискани од бран обли женски телеса.
„На природата ѝ недостига скромност“, ‒ ќе рече во поттекст Вангел Наумоски, при сѐ што со тоа не кажува ништо ново туку само се надоврзува на Константин Миладиновото „таму дарбите природна сила со сета раскош ги растурила“. Но кој да му сфати редоследот на мислата. Како и на Вангела Наумоски, век отпосле.
Ја скротува таа природна сила Вангел Наумоски со „пипава ексцерпција“, со што отвора едно клучно прашање на неговото време. Симпозумско или гозбено, сеедно:
‒ Може ли уметноста да ѝ пркоси на науката? Имено, која е иднината на уметноста?!
А примери малку! Но еден од Охридското Езеро и неговиот жив свет. Меѓу црвчињата, пијавичињата и лажните скорпиивчиња на академик Синиша Станковиќ, небаре отпадничиња од пеколот на „Одењето на Богородица по маките“, како на Бројгелова слика, потем сите нејзини чудеса и чудесните сказни за духовното бивствување и подводните доживелици на ведите, нимфите и сирените во онаа митолошка смисла дека „убава жена род нема“, оние озборуваните од Оѕвена, божицата на одгласјето во служба на подземниот бог Пекленц, на која ѝ беше речено да го придружува богот Велес.
Вангел Наумоски навлезе микроскопски во тој димноводен свет. Ги осозна најдребните тајни од бесконечните во просторот и во времето озборувања на Оѕвена за сите изневери на зборовите превртливо сокриени во нивните подводни значења. И ги транспонира низ сите сетила во неговото уметникување до нивното конечно обличје.
Да прецизираме и фактографски. Вангел Наумоски е мостот меѓу Синиша Станковиќ и првата генерација македонски хидробиолози. И да бидеме реално груби. Но, ако останеше на сето тоа, како многумина што ги подведоа под она што се нарече „наива“, не ќе го запомневме, како што не запомнивме ни многумина од нив, дури и од науката. А замислите колку би било неправедно директорот на Средното художествено училиште да го запомниме само по тоа што го избркал Вангела Наумоски, не само од час туку и од училиште. А Вангел го спомнува во своите писанија, инаку од каде би го знаеле тоа.
Вангел Наумоски стана охридска легенда со воздигот на охридскоезерскиот жив свет, со благата еротика која на охриѓани им е во крвта, а ако го слушаме Вангела, до и од водата ќе е, како што е жената на вода слична, така барем пишува на првата страница од „Александридата“.
Архаичниот синкретизам Наумоски го надмина со современа мултимедијалност.
Пренебрегнувајќи ја живата песок на секоја една сива и слатка теорија што толкува чудеса, колку и да е наивна таа, ни останува само да се согласиме: Вангел Наумоски е првиот мултимедијален уметник во Македонија. Сѐ друго кажано и прекажано ѝ припаѓа на историјата.

Пишува: проф. д-р Димитар Пандев – во чест на големиот Вангел Наумоски и изложбата по повод 8 декември Денот на Св.Климент Охридски – Патронот на Охрид
Публицитет.мк