Охрид е подготвен за дочек на туристите кои во Охрид ќе ги поминат велигденските празници. Во хотелите и другите сместувачки капацитети веќе допатуваа првите гости од земјава и странство, а нивниот број од утре драстично ќе се зголеми. Очекувано, како и секогаш досега хотелите нема да бидат преполни со гости, бидејќи празникот се слави во семејна атмосфера, но искористеноста на капацитетите ќе биде солидна…
Балканскиот Ерусалим веќе започна да се полни со туристи кои овде ќе го одбележат големиот верски празник Велигден. Хотелските капацитети се полнат, меѓутоа нема да има гости како за другите верски празници, бидејќи се работи за верски празник кој се слави дома. Покрај домашните гости кои секогаш се најбројни се очекува да допатуваат поголем број туристи од соседните држави кои во древните охридски црковни храмови ќе ја чујат веста за Христовото воскреснување. „Интересот за Охрид е зголемен. Овде луѓето се чувствуваат како да се дома, атмосферата е прекрасна, луѓето се пријатни и пријателски расположени. Овде се чувствуваме безбедно и сме добредојдени што е многу важно, особено за овој голем верски празник“, изјави Јован Диниќ-сопственик на туристичка агенција.
„Идејата беше нашите ученици да го посетат Охрид во време на еден од најголемите верски празници градот кој е познат како колевка на кириличното писмо. Мојата идеја беше нашите ученици од Србија да ја јакнат врската со својата култура, традицијата и јазикот, со оглед на тоа што македонскиот и српскиот јазик се сродни јазици, користат кирилица и едноставно наставата на српски јазик и книжевноста да ја збогатат со тоа што ќе учат на извориштето каде што била создадена кирилицата“, изјави Нада Петровиќ-професорка по српски јазик Крагуевац.
Хотелите и угостителите очекуваат успешен празничен викенд, кој ќе биде увод во добра туристичка сезона.
„Очекувањата се големи. За велигденските празници како и секоја година Охрид е подготвен и во моментот имаме голем број туристи, а со доаѓањето на верскиот празник Велигден ќе дојдат и нашите гости од странство, нашите гости од државата и Охрид ќе биде исполнет до последното место. Тука е црквата Каменскокаде што нашите гости ќе можат духовно да се одморат, да уживаат во нашите пијалаци, во нашите убави јадења македонски, традиционални“, изјави Сребре Митрески-угостител.
Според најавите бројот на туристи ќе биде далеку поголем за 1 Мај, што е убава вест, бидејќи велигденските и првомајските празници отсекогаш биле показател каква туристичка сезона може да очекува Охрид.
Извор: www.mrt.com.mk
Новинар: Сашо Нелоски
Публицитет.мк