Со свечено дефиле на најдолгиот тиркизен тепих во историјата на Евровизиите од речиси два километри, на 11 мај 2025 година почна годинешната Евровизија. Welcome home (“Добредојде дома”) е слоганот со кој се дочекуваат бројните новинари, гости и фанови, а се однесува на тоа што Евровизијата се врати дома, во земјата од кадешто потемна идејата, во којашто е одржано првото издание во 1956 година и земјата која ја однесе првата победа со евровизиска победничка Лис Асија и песната “Рефрен”, а потоа и Селин Дион (1989) и Немо (2024).
На тиркизниот тепих првиот чекор го зачекори и евровизиската книга на новинарката Валентина Ѓоргиевска Парго “Golden touch” (“Златен допир”) која содржи нејзини доживувања од првата Евровизијата којашто таа ја проследи во 2000 година во Стокхолм, до сега. Таа беше наш специјален известувач во тие години, за Радио Охрид, каде ги направи и своите први професионални новинарски чекори во деведесеттите години.

Јубилеј од 25 години активно следење на Евровизиите ѝ донесе знак на препознатливост како новинарско перо кое ја доближува нашата сценска култура до европската и обратно.
– Книгата е напишана во десеттина дена, а пред тоа четврт век и во неа се селектирани моите најважни новинарски доживувања и средби, со новинари, композитори, евровизиски ѕвезди, првата евровизиска победничка Лис Асија, од каде потекнува и насловот, потоа со Џони Логан, Руслана, Ан Мари Давид, Сакис Рувас, Хелена Паризу и многу други. Објавена е како некомерцијално издание и во многу ограничен тираж, наменет само за луѓето кои се застапени во неа, ексклузивно ни открива Парго.

Книгата зборува за Евровизија како најомилениот и најгледан фестивал на светот, како фестивал на човекови права, видено од агол на новинарката, која во евровизиските кругови важи за експерт од оваа област. Книгата ексклузивно беше промовирана денес, 12.05.2025 година, на евровизиското Еврофанс радио со уредниците Ангелос Дадаљас и Такис Фотиу од Атина, кое е следено од милионски слушатели низ цела Европа, особено за време на Евровизија. Книгата ја доби и првиот човек на Евровизијата , Мартин Остердајл.

Фестивалот на најдобра песна на Евровизија годинава се одржува по 69 пат, на неа вкупно (во две полуфиналиња) учествуваат претставници од 37 земји, од кои 26 ќе бидат во финалето на 17 мај, во салата Јакобсхале. Нашата земја не учествува со свој музички претставник.
Публицитет.мк