За новогодишните празници Охрид ќе биде преполн со домашни и странски туристи, кои главно ќе дојдат од соседните земји. Голем број хотели, ресторани и други угостителски објекти се веќе распродадени, а поради големиот интерес се очекува и останатите целосно да се исполнат во наредните десеттина, петнаесет дена. Солидно ќе бидат искористени и индивидуалните сместувачки капацитети, а охриѓани за гостите подготвуваат богато новогодишно мени и многу забава …
Годината со најдолга туристичка сезона и најверојатно најуспешна во историјата на Охрид ќе биде заокружена со преполни хотели и угостителски објекти за новогодишните празници. Ретко кога се случувало најголемиот дел од хотелите уште во ноември да ги распродадат новогодишните аранжмани, а оние со поголем капацитет да бидат ангажирани од 60 до 90 проценти. Интересот за доаѓање е уште голем што ветува преполни хотели.
„Туристичката сезона беше многу успешна оваа година и резултатите од успешноста на тековното функционирање на сите сместувачки капацитети во Охрид си го донесе своето, за новогодишните аранжмани да бидат многу порано распродадени“, изјави Љупчо Цветаноски, сопственик на хотел.
„Оваа година новина се пакет аранжманите – две ноќевања, со две новогодишни прослави, на 31-ви декември и 1-ви јануари. Најбројни се гостите од Македонија и од соседните држави“, изјави Викторија Тренеска, менаџер за продажба во хотел.
Новогодишните аранжмани во хотелите чинат од 220 до 300 евра, додека во угостителските објекти само за дочекот на Нова година ќе треба да се платат од 30 до 60 евра.
„За новогодишните празници исполнети сме веќе 15 дена наназад. Најчести гости ни се македонските туристи, значи домашни и од околните земји, Бугарија, Србија и Албанија. Програма нудиме за Нова година, дочек со диџеј, повеќе за млади луѓе забава“, изјави Владимир Коцаре, сопственик на угостителски објект.
И годинава на градскиот плоштад ќе биде организиран заеднички дочек на Новата 2025 година. Како и лани пред и по дочекот на Нова година ќе има богата програма за најмладите.
Извор: www.mrt.com.mk
Новинар: Сашо Нелоски
Публицитет.мк