• За нас
  • Рекламирање
  • Контакт
сабота, септември 19, 2026
No Result
View All Result
Advertisement
  •  
  • Актуелно
  • На минување
  • Култура
  • Публицитет
  • Омнубус
  • Аргументи за
  • Мојот живот, мојот свет
  • Во потрага по трајната убавина
No Result
View All Result
Home Аргументи за

Кон манифестацијата „Вечер на Чинго“ и книгата „Наградата Живко Чинго од востановувањето до денес“    

август 16, 2025
in Аргументи за
Кон манифестацијата „Вечер на Чинго“ и книгата „Наградата Живко Чинго од востановувањето до денес“    

Традицијата, макар и со прекини во едно време, продолжува. Еве и вечерва сме овде – во атарот на црквата Света Петка, светилиште кое бдее над нас и нè чува, а ние со почит ѝ се поклонуваме.

Почитувани, голема чест и задоволство ми е што вечерва, пред ваков угледен аудиториум, имам можност да ја промовирам најновата книга „Наградата Живко Чинго – од востановувањето до денес“, во издание на Општина Охрид.

Пред да ве прошетам низ содржината на книгата, дозволете ми кусо да кажам дека и оваа августовска ѕвездена ноќ овде струи духот на писателот Чинго, преку неговите приказни за Пасквелија и народот во неа кои не се само уметничка фикција – тие се приказни за Македонија. Земја обременета со страдања, пустош, војни и раскол. Но, во исто време, таа е земја извор на светлина, убавина и неочекувана добрина – сето тоа раскажано преку нежното, чувствително, но и остро, сатирично перо на овој наш голем автор. Чинго не случајно од литературната критика е наречен наш најдобар раскажувач кој и денес по толку години е високо вреднуван и надвор од нашата татковина – Македонија.

Имајќи го зад себе и во себе скоро четириесет годишниот багаж во новинарските води и публицистиката, особено во културата а и како дете, слободно можам да речам на некогашниот бренд – кој и денес кога ќе се спомене буди трепет Радио Охрид, веројатно за организаторите на овој потфат биле доволен мотив, да бидам поканет да го заокружам овој проект во улога на приредувач.

Искрено, Живко Чинго не успеав да го запознам. Го знаев и знам преку неговите раскази уште од основно и средно и на факултет каде имаше место и за неговото творештво.

Каков апсурд, првпат сериозно му се посветив на 11 август, 1987 година, на денот на смртта, камо да беше како денес на роденденот, овој деведесеттиот.

Тоа, августовско утро и до нашата редакција во радио Охрид проструи веста – ненадејно починал Живко Чинго, овде дома. Јас хонорарец – новинар, за жал сега покојниот мој уредник и колега Симон Илијески само ми рече – студираш Филолошки, за вестите во 10 и 30 направи текст за Чинго. Така тргна мојата потрага по фактите сврзани со неговиот живот и творештво.

Година, потоа сведок сум на создавањето на оваа култна манифестација на која присуствуваме ВЕЧЕРТА НА ЧИНГО. Во тоа чудно, прогресивно време тогаш една млада плејада новинари и писатели се собраа во радиото ( Паско Кузман, Славе Банар, Димитар Пандев, Славе Ѓорѓо Димоски и Стојан Савески ) и предложија Радио Охрид да ја организира првата Вечер на Чинго, секако поддржани од сите вработени во радиото, тогаш водено од Димитар Смилески. Првата манифестација се случи на Самуиловата тврдина. Следната, 1989 година, се отиде чекор напред се востанови Конкурсот за најдобар расказ „Живко Чинго“. И натаму се’ е историја. 

Сето тоа е документирано во оваа книга во која грижливо, хронолошки за првпат на едно место се објавени само првонаградените раскази, оти одредени години биле доделувани и по три награди.

Оваа, 2025 година се одбележуваат: – 90 години од раѓањето на Живко Чинго– 38 години од неговата смрт – 37 години од покренувањето на Манифестацијата „Вечер на Чинго“ и конкурсот за најдобар расказ во организација на Центар за печат и радио Охрид – 18 години од возобновувањето на „Вечерта на Чинго“ и на наградниот конкурс за кус расказ „Живко Чинго“ во организација на Општина Охрид.

Воведничарот, во книгата,  почитуваниот Митре Велјаноски, вели: – Во 2005-та година, а по повод седумдесетгодишнината од раѓањето на Чинго,  неговиот соученик од охридската гимназија и охридски писател, Коста Фортомар ја напиша книгата „Пролетта на Живко Чинго“. Август, 2025-та, сега по повод деведесет годишнината од раѓањето на Големиот Чинго, охридскиот новинар, публицист и најдоследен хроничар на охридските културни збиднувања во последните над 30 години, неуморниот Милчо Јованоски направи книжевна ретроспектива на збиднувањата поврзани со културната манифестација „Вечер на  Чинго“. Низ страниците на овој вреден и значаен книжевен запис на м-р Јованоски, вели Велјаноски ќе имате единствена и ретка можност да се запознаете со почетоците на културната манифестација „Вечер на Чинго“; нејзиното прекинување и нејзиното продолжување; да ги прочитате сите досегашни првонаградени раскази и имињата на нивните автори; да се потсетите на некоја од генијалните мисли или реплики од безвременските дела  на Чинго и да го прочитате интервјуто со неговата внука, д-р Виолета Ачкоска под наслов „Чинго, берач на туѓи гајлиња“, додава Велјаноски.  

Ќе остане забележано дека прв награден расказ во 1989 година  е ПРАЗНИК а добитник на наградата за кус расказ е писателот, новинар и публицист Блаже Миневски кој уште трипати досега ја има добиено оваа престижна награда. Следат имињата на Венко Андоновски, Димитар Пандев кои по двапати се добитници а во првиот турнус се и  авторите: Благој Самоников, Зоран Ковачевски. Крсте Чачански и Томе Богдановски. 

Го вртам тркалото на историјата, пак наназад. На 7 август 1996 година Радио Охрид ја информира јавноста дека конкурсот е прекинат. Цитирам:  По осум наградни конкурси и манифестации годинава конкурсот не беше објавен и нема да се одржи вечерта посветена на писателот. Организаторот тоа го објаснува со немање средства за обезбедување на наградата (1000 германски марки) и за други трошоци околу манифестацијата. Дотогаш, организаторот Радио Охрид средствата ги обезбедувал од свои и спонзорски извори.

Податоците од тоа време ги црпам паралелно од неколку извори не беше лесно да се стигне до имињата на авторите и расказите. За жал богатата архива е недостапна и под нечиј клуч. Посредно му благодарам на уште едно новинарско име родум од Велгошти, Димитар Пејчиноски чии записи во „Нова Македонија“ се сведоштво на оа време.

И потоа две децении молк и јанѕа меѓу писателите, како да се обнови Вечерта а со тоа и Конкурсот.

Таа, 2007 година Општина Охрид по повод 20 – годишнината од смртта на Живко Чинго отпечати посебно издание во кое беа поместени трите наградени раскази. Како прилог беше ре-објавен расказот „Семејството Огулиновци“ од Живко Чинго. Расказот првпат бил објавен во првиот број на списанието „Јужен бран“, чиј покренувач и прв уредник бил токму Живко Чинго. 48 Покрај големата желба на писателите од Охрид, најзаслужен за заживувањето на манифестацијата „Вечер на Чинго“ и наградниот конкурс секако е Митре Велјаноски. Човекот кој долги години, до пензионирањето беше на чело на општинскиот ресор за култура. На негова идеја и поддршка се реализираа уште неколку проекти со кои Охрид може да се гордее во поглед на зачувувањето и афирмацијата на пишуваната реч.

Од тогаш е полесно. Интернетот бележи речиси се’. Благодрение на одделението за односи со јавност и посебно на агилноста на Митре и малку подоцна и на Весна Јованоска, Вечерта на Чинго и Конкурсот се настан сработени со многу посветеност и љубов. 

Така, македонската раскажувачка ризница се збогатува со извонредно раскошни и современи раскази од автори како Смиле Наумоски – Брсјак, Александар Лазов, Сузана Ѓорѓиевска,Петре Димовски, Верче Каранфилоска преку нашите охридски млади сили Димитар Димоски и Емилија Карафилоска до   Драгана Лукан – Николоска, Јована Матевска – Атанасова, Анета Велковска, Иван Антоновски и Дијана Петрова.

Наградата Живко Чинго не е само признание за литературно дело, туку и поттик за сите писатели и културни дејци да продолжат да создаваат, инспирирани од вредностите што Чинго ги пропагираше – љубовта кон родниот крај, вистината и хуманоста.

Книгата која ја промовираме, истовремено може да се каже дека е трезор и на податоци и имиња на промоторите и беседниците и членовите на комисиите од речиси сите досегашни изданија. Меѓу нив се среќаваат познати имиња на авторитети и кариери кои ги заслужиле со својот интелект и творештво.   Академик Милан Ѓурчинов, режисерот Бранко Ставрев, Јадранка Владова, актерот Славко Нинов, Данило Коцевски, Зоран Ковачевски, Славе Ѓорѓо Димоски, Кристина Николовска, Венко Андоновски, Димитар Пандев, Иван Џепароски,Наташа Аврамоска, Глигор Стојкоски,  Бранко Цветкоски, Тоде Илиески, Ирена Бачиќ, Милчо Јованоски, Мирко Томовски, Перчо Божиноски, Мерсиха Исмајлоска …, се само дел од нив.

За да направам симбиоза помеѓу Чинго и неговите писателски наследници и книгата да дише со неговиот раскажувачки интелект вметнав извадоци – цитати од неговиот раскажувачки опус, насловени ОД ГЕНИЈАЛНОТО ПЕРО НА ЧИНГО. Еве само една: „Ваше е само она што ќе им го дадете на другите“.

Книгата го почнува својот живот меѓу вас и ќе биде сведок за времето минато во некое идно време.

Ќе завршам со пораката која сигурен сум дека сте ја слушнале од други творци. Челниците кои одлучуват за културната не смеат да ја сфатат како потрошувач, бидејќи  книгите се надградбата и едни од најзначајните траги за нашето постоење како луѓе.

13 август, 2025 г.

Автор:

м-р Милчо Јованоски

Приредувач на книгата „Наградата Живко Чинго – од востановувањето до денес“

Публицитет.мк

Посетеност: 8.165
Share
Previous Post

Оној на кого му ја доверуваш тајната, станува господар на твојата слобода

Next Post

„Трпејца“ – фото Стеван Пејчиновски

Next Post
„Трпејца“  – фото Стеван  Пејчиновски

„Трпејца“ - фото Стеван Пејчиновски

ИМПРЕСУМ

www.publicitet.mk

ФЛЕШ ПЛУС – ДООЕЛ, ОХРИД

Посетеност: 8.165

Следете не на:

Контакт: 075 337 010,  е-маил: publicitetpublicitet@yahoo.com  

Техничка реализација: ArkaHost

Jasa PBN – Jasa Backlink Terbaik

©2009-2024. Сите права задржани | ИМПРЕСУМ | УРЕДУВАЧКА ПОЛИТИКА | УСЛОВИ ЗА КОРИСТЕЊЕ | РЕКЛАМИРАЊЕ | 

Jasa PBN – Jasa Backlink Terbaik

No Result
View All Result
  • Почетна
  • Актуелно
  • На минување
  • Култура
  • Публицитет
  • Омнубус
  • Аргументи за
  • Мојот живот, мојот свет
  • Во потрага по трајната убавина

© 2024 Publicitet.mk - Техничка реализација: Arkahost.mk