На свечен начин синоќа во Трпејца беше отворено 12 издание на Културно – забавното лето „На зајдисонце“.
Во име на покровителот општина Охрид манифестацијата за отворена ја прогласи заменик – градоначалникот Перчо Божиноски.
Од мое лично име и од името на Општина Охрид би сакал да упатам благодарност до организаторите за целиот досегашен труд и посветеност да го одржат континуитетот на оваа манифестација, со надеж дека истата ќе продолжи да се одржува и во иднина. Ние секогаш ќе бидеме подготвени да ги поддржиме и да ги стимулираме вакви проекти, кои го промовираат богатството и туристичките потенцијали на охридскиот регион. Ви посакувам успешно издание и пријатни мигови во рамки на сите настани од предвидената програма. Уживајте во зајдисонцето, рече Божиноски.
Приустните ја видоа изложбата на дела од Интернационалната уметничка колонија која се одржува во Трпејца.
За музичкиот дел беа задолжени Влатко Броз и диџеј Марама и собраа невидени овации на отворена сцена.
Вечерва публиката ќе може да се запознае со минатото на дел од околината на Трпејца. Младиот Петар Симоноски ќе прикаже видео презентација на тема: „Тврдина Осој од VI век“.
Викендот е резервиран за документарни филмови. Во сабота навечер публиката ќе го гледа документарно – туристичкиот филм „Трпејца на дланка“ работен по сценарио на Милчо Јованоски.
Следната вечер од 20:30 часот публиката ќе се запознае со Љупчо Паункоски и неговиот документарен филм „Охридските пливачки легенди“.
Неделното утро е резервирано за традиционалната прошетка на домаќините и гостите по патеката Чоколско.
Публицитет.мк