Појавата и развојот на дервенџиската служба била диктирана од определени економско – општествени и политички услови на Балканскиот Полуостров настанати со османлиското освојување. Централната османлиска власт, на чело со султанот, уште при првите освојувачки чекори на Балканот сфатила дека за постојано држење во покорност на заземената територија како и за натамошно успешно водење на воените операции, а да не е само потпората на својата регуларна војска и муслиманските маси, што ги преселувала од Мала Азија, било неопходно потребно да се изнајдат средства и начини и покореното балканско население на некој начин да се вклучи во спроведувањето на мерките за стабилизација на новата власт што дошло и до воспоставување на службата на дервенџиите.
Името на дервенџиите доаѓа од персискиот збор ,,derbend’’, кој од своја страна претставува сложенка чие основно значење е планински премин, теснина или клисура.1
Од литературата достапна и теренските истражувања во Македонија се дознава дека овој збор добил пошироко значење, тој означува премин кој е тежок за минување (преку планина, шума и река),односно место каде што се вршела контрола на преминот на луѓето и товарите. Убав пример за поширокото значење на овој поим е еден попис од 1691/92 година, каде што и Струга е означена како ,,дервен’’.2 Овој епитет за Струга го дал и познатиот патописец Евлија Челеби, кој низ Струга поминал во 1670 година.3
Се поставува прашањето дали дервенџиството на Балканот е наследна односно преземена институција?
Познато е дека службата за чување на патиштата и премините на Балканскиот Полуостров е постара од османлиските освојувања, може да се следи од римска епоха.4 Но за да одговориме на прашањето дали дервенџиската институција, како таква, била наследена од предосманлискиот период, ќе треба да ги земеме во предвид некои од одредбите на Душановиот законик, со кои се регулира осигурувањето на патиштата во државата. Тоа се членовите 157, 158 и 160 од законикот.5 Во едно писмо од познатиот византиски автор Никифор Грегора, упатено до неговиот пријател Зарида, опишувајќи за своето патување од 1326 година, откако ја преминале реката Струма, на пат за градот Струмица, Грегора и неговата придружба врвеле низ густа шума. Кога паднала ноќ пред нив се појавиле луѓе облечени во црни алишта од волна, лесно вооружени, со рачно оружје – копја, стрели и секири, тие ги поздравиле на нивниот јазик – пишувал Грегора. Им раскажале во неколку зборови дека ги чувале патиштата на тој премин од тие што скришно сакале да се префрлат од соседните краишта за пљачкање.6
Во еден документ од 1388 година, со кој Константин Дејановец ги потврдува имотите на црквата Вознесение во Штип, се споменува месноста Стражариште, која лежела над градот Штип. Нема сомнеж дека месноста Стражариште го добила своето име поради тоа што тука стоела стража, која им обезбедувала слободен премин на патниците. Во една хрисовула на царот Стефан Душан од околу 1337 година исто се спомнува Стражариште.7 Ова покажува дека од месностите со името Стража што и денес ги среќаваме низ Македонија потекнуваат уште пред османлискиот период.
Дервенџиите биле должни да се грижат и за одржување и поправка на патот, во секторот што им бил доделен на чување. Во расправата на Али Чауш, како и во канунамето на Авни Омер – ефенди во тој однос се вели дека дервенџиите во границите на доделениот дервен требало да ги прошируваат и да ги чистат тешко проодните и каменливи места, како и да ги поправат стрмнините и длабнатините низ кои тешко се поминува.8
Слична задача добиле и жителите на охридското село Љубаништа, крај кое минувал патот што од Охрид водел за Горица (Корча), Арнавуд – Белгради (Берат) и Авлонија (Валона). Тие требало да го уредуваат и да го расчистуваат местото наречено Преслок, кое било многу нерамно и каменливо.9 Во поменичката белешка на еден охридски свештеник е одбележана смртта на Константин Коција Петрооглу, кој на 18 јануари 1755 година замрзнал кај с. Горица на патот од с. Трпезица…за дома во Охрид.10
Опширниот пописен дефтер (Tahrir mufassal defteri) №25 за Охридскиот санџак од 1582 година)11 со којшто ние располагаме, ни дава можност да ги проследиме дервенџиските села во Охридската нахија. Понатаму во овој труд подетално ние ќе се задржиме на дервенџиското село Трпезица кое е присутно во пописниот дефтер од 1582 година. Селото денес познато како Трпејца,12 како дервенџиско село се споменува во пописот од 1582 година, по бројот на регистрирани жители ова било едно од поголемите села во охридско чиј што вкупен број на запишаните лица изнесува 76 од кои 49 старешини на домаќинства, 26 неженети и еден конвертит – Реџеп Абдулах, чиешто презиме покажува дека преминал од христијанство во ислам за одредени поволни услови и ослободување на дел од даноците.
Меѓу регистрираните жители имало и еден од друго село доселен, неговото име било Димитри Домазет. Во тоа време селото веќеимало искуство во вршење на дервенџиска служба, бидејќи и претходно (во времето на претходниот попис од 1519 година) имало дервенџиски статус. Задачата на дервенџиите од Трпезица им била, поправајќи ги расипаните места, да го држат во исправна состојба патот кој водел од црквата во с. Пештани до средината на с. Љубаниште.13 Тој пат како што се гледа од изворот, бил во лоша состојба и тешко прооден, обраснат со шума, така жителите на Трпезица морале да ја сечат шумата и постојано да го држат патот чист и прооден, ова било само дел од значајниот пат Охрид – Корча, кој врвел по падините на планината Галичица. Со ова значајно искуство во дервенџиска служба селото продолжило и во XVII век.14
Населението од ова село ги давало сите други давачки што му следеле на спахијата, а тоа се:
Од тука јасно може да забележиме дека годишниот приход на селото Трпезица (Трпејца) изнесувал 5194 акчиња.
Од овој пописен дефтер од 1582 година ни се посведочени и имиња на двајцата трпејчани од втората половина на XVI век. Тоа е доселенецот Димитри Домазет и конвертитот Реџеп Абдулах.
За Димитри Домазет со сигурност може да кажеме дека бил со христијанска вероисповед како и фактот што се доселил од друго село за кое не знаеме и бил дојденец во селото Трпезица (Трпејца). Според името со право може да сметаме и претпоставиме дека се оженил за некоја трпејчанка.
Реџеп Абдулах од друга страна е посведочен како единствен муслиман во селото Трпезица (Трпејца), претходно бил со христијанска вероисповед но поради одредени лични мотиви и привилегии, за кои само тој си знаел најдобро, преминал во ислам.
Вреди и да се спомне фактот дека селото Трпезица (Трпејца) не е првпат спомнато во извори во 1582 година како што многумина сметаат, туку во 1519 година во претходниот пописен дефтер кој не бил целосно завршен.15
Таа разлика од 63 години е важна доколку сакаме да бараме првично изворно спомнување на наведеното село. А секако не е исклучена можноста селото Трпезица (Трпејца) да биде многу постаро од наведената 1519 година, бидејќи самата 1519 година не е граница дека токму во таа година се формирало селотото Трпезица, тогаш е најраното спомнување за кое ние со сигурност знаеме. За жал немаме постари извори кои го потврдуваат или негираат истото. Некои автори се обидуваат да дадат одговор, но без силен и убедлив аргумент, извор и доказ кој е далеку од историската методологија и наука, а тоа влегува во мит, приказна, усно предание а неретко и во заблуда.
Користена литература
- А.Стојановски, Дервенџиството во Македонија, ИНИ, Скопје, 1974, 46-53 стр. 287-288 стр.
- М.Соколовски, Дервеџиството во Охридскиот Санџак во втората половина од XVI век, , 186 стр.
- Mehmet Zeki Pakalin, Osmanli tarih deyimleri ve terimleri sozliigii, I/V, Istanbul, 1948, 425 p.
- Г. Елезовић, Дервенџије, 322 стр.
- Ст. Новаковић, Законски споменици…, 767 стр.
- И. Снегаров, Град Охрид, Македонски преглед, год. IV кн. 3, София, 1928, 116—117
- Nicephore Gregoras, Corespondance, Paris, 1927, 38 p.
Пишува: Петар Симоноски, студент по историја
Филозофски факултет – Скопје
Публицитет.мк