Почина академик д-р Глигор Каневче (3 јануари 1946 – 17 август 2024) – македонски научник и професор од областа на енергетиката, животната средина, термотехниката, термоенергетиката, процесната и мерната техника. Член на МАНУ.
Роден е во Охрид, дипломирал на Машинскиот факултет во Белград, а докторирал на Технолошкиот факултет во Нови Сад во 1982 година. Работел во Институтот „Борис Кидрич – Винча“ и како асистент на Машинскиот факултет во Белград. Во периодот од 1983 до пензионирањето во 2011 година е вработен на Техничкиот факултет во Битола. Во 2013 година е избран за прв професор емеритус на Универзитетот Св. Климент Охридски во Битола каде бил декан. Бил раководител на Истражувачкиот центар за енергетика и одржлив развој при МАНУ. Член е на меѓународни и домашни научни совети, комитети и друштва, редакции и организациони одбори на списанија и симпозиуми. За редовен член на Македонската академија на науките и уметностите е избран на 10 мај 2000 година. Академик Каневче има објавено над 200 научни и стручни трудови во земјата и во странство, од подрачјето на енергетиката, животната средина, термотехниката, термоенергетиката, процесната и мерната техника. Преку Истражувачкиот центар за енергетика и одржлив развој при МАНУ, академик Каневче се занимавал со реализација на стратешки проекти од национален карактер и витално значење за земјата од подрачјето на енергетиката и нејзиното влијание на околината, Научниот опус на академик Каневче содржи високи теоретски, експериментални и апликативни достигања, афирмирани во земјата и странство и верифицирани во индустриската практика.
Академик Глигор беше полн со чесност, одлучност и храброст; точен до степен на педантност во службата, а одмерен, мирен и тивок во општеството, помирлив и спремен да прости секому, неговиот благодарен лик ќе остане во трајно сеќавање не само кај неговите блиски, кои неизмерно го сакаа и почитуваа, туку и кај сите негови соработници, другари и пријатели.
Нека му е вечна слава.
Академик д-р Миле Д. Миќуновиќ од Охрид
Публицитет.мк








