Денеска во Куќата на Христо Узунов во Охрид во присуство на бројна публика беше промовирано најновото дело на д-р Томислав Тунтев „Охрид – љуѓе и марифети“.
Промотори беа проф. д-р Зоран Тунтев од ФТУ – Охрид ( брат на авторот) и Оливера Мишева, виш кустос – етнолог во НУ Завод и Музеј – Охрид.
Промоцијата со присутна доза на возбуда и мал вовед во тоа што го натерало да ја напише книгата ја отвори авторот д-р Томислав Тунтев кој рече дека бескрајно му благодари на рецензентот, сега за жал покојниот Владо Жура ( бидејќи токму рецензијата за оваа книга било последното нешто што го напишал, познатиот охридски новинар, хроничар и публицист).

Тунтев ги спомена и консултантите кои му помогнале да ја обликува и збогати книгата со нивните совети а тоа се: д-р Зоран Тунтев, д-р Ѓорѓи Алчески, новинарката Росица Голабоска, етнологот Оливера Мишева, Поликсена Тунтева Фидановска и д-р Никола Митровиќ – Бабе.

– Ова дело претставува недвојбен показ за една нескротлива енергија, голема ерудиција и над сè неизмерна љубов на авторот кон нашиот старозамански град. Сето тоа е преточено во едно прекрасно искрено писание, кое никого нема да го остави рамнодушен. Преку книгата, авторот успеал да ја оствари својата огромна желба – да си ја отвори душата и да ја сплоти со староградскиот вечен дух, што пулсира низ нашите дамари заедно со отчукувањата на илјадниците охридски срца, во Охрид и насекаде по светот. И не само охридските, забележал Жура.

… Тунтев вложил искрен напор и елоквентно знаење, со една доследна лична и генетски предодредена духовна посветеност кон мајчиниот охридско-варошки јазички дијалект, кон богатата народна традиција и префинетата староградска култура – да ја расветли, протолкува и разоткрие душата на неговиот и нашиот уникатен неприкосновен град, проткаена во постојаниот исконски баланс меѓу небото, земјата, водата и охриѓани, запишал Жура, во рецензијата.

Во исто насока и содржина беа и кусите, но ефектни обраќања на обајцата промотори д-р Тунтев и Мишева, кои беа поздравени со аплауз од присутните.
Во воведот на книгата и на промоцијата авторот на книгата д-р Тунтев рече дека првите три страници се единствените страници во книгата што се напишани на македонски литературен јазик. Сè што понатаму ќе прочитате е напишано на говор од западното наречје на македонскиот јазик, на охридски дијалект. Да бидам попрецизен, тоа е говор што се употребува во стариот дел од Охрид, Варош. Тоа е мојот мајчин јазик. Тоа е јазикот на кој говореле многу генерации со векови наназад. Тоа е јазикот што е врежан во колективната меморија на голем број охриѓани и охридски семејства низ историјата на нашиот град. Тоа е јазикот што ги преживеал сите ропства, атаци, асимилации и небиднини што го снашле Охрид и охриѓани во илјадалетното минато.

Тоа е јазикот што од искона се пренесува од колено на колено, со многу напишани дела, со многу искажани мисли и со многу испеани песни. Тоа е јазикот што полека ја губи битката со мноштвото странски и новосоздадени зборови и поими, што сè повеќе го окупираат нашето секојдневие. Тоа е јазикот што, ако не го негуваме, набрзо ќе изумре, ќе го снема. А тоа, нели, не смееме никако да го дозволиме, рече Тунтев.

Книгата е поделена на пет дела на околу 200 страници а што е важно содржи и список на охридски зборој пренесени на македонски литературен јазик.
Д-р Томислав Тунтев е автор на две монографии, десеттина учебници и стручни прирачници и трудови од областа на воздухопловството, автор е и на романот „Светиот завет“)

Фото: Емил Јовановиќ
Публицитет.мк








