Синоќа во Струга беше промовирана најновата публикација од областа на библиотекарството, аналитичко -статистичкиот труд „Движење и категоризација на членството во Јавната библиотека при Националната установа Центар за култура ‘Браќа Миладиновци‛ 1952 – 2001 година“, на авторот, библиотекар Николина Велкоска- Глигороска, а во издание на Националната установа Центар за култура „Браќа Миладиновци“ од Струга.
Промотор беше Богомир Наумоски. Тој едно време беше и директор на Библиотеката и на НУ Центар за култура „Браќа Миладиновци“ а по звање Советник библиотекар и овластен лектор.
-Колешката Николина својата книга ја поделила на пет главни составни делови. Во првиот дел, во воведот, накратко го објаснува мотивот да се нафати со една ваква анализа. Во вториот дел почувствувала потреба да се осврне врз формирањето и развојот на Јавната библиотека при Националната установа Центар за култура „Браќа Миладиновци“, притоа користејќи бројни пишани документи, фотографии и факсимили, прецизно и концизно следејќи го периодот од нејзиното основање во 1944 година, преку организациската поставеност, прогласувањето за матична институција, организирање на дванаесетте подрачни библиотеки и библиотеки по работните колективи и установи во Општина Струга. Исто така, сликовито и хронолошки е опишана одисејата на преселба на библиотеката од објект во објект низ градот, како и накратко опишувајќи ја нејзината организациска поставеност од нејзиното формирање до денес.
Во третиот дел од трудот, кој е насловен како „Истражување на неколку категории членови“, накратко е објаснет приодот кон ваквото истражување, каде текстот завршува со констатацијата дека, цитирам: „Во таа насока при анализата се доаѓа до интересни податоци за корисниците на библиотечен материјал при Библиотеката, и тоа дека била посетувана не само од корисници од училишна возраст, туку и од пензионери, студенти, па дури и од туристи и припадници на тогашната ЈНА.“ – завршен цитат.
Четвртиот, т.е. главниот дел на трудот, го сочинува анализата на членството во Библиотеката и резултатите добиени при таа анализа. Оваа глава е поделена на пет подглавја, и тоа: Преглед на вкупната бројна состојба на членови по категории, потоа втората подглавја Преглед на бројната состојба на членови по години, потоа Преглед на бројната состојба на членови според полот во категоријата деца и последната, четвртото подглавје носи наслов Преглед на бројноста на членови според полот во категоријата возрасни и последното, петтото поглавје го обработува Прегледот на бројната состојба на членови според полот во категоријата пензионери. Оваа глава всушност го претставува централниот дел на трудот и на еден сеопфатен стручен начин, табеларно, графички и описно, се прикажани сите податоци за движењето на членството по категории и пол. Исто така, треба да се забележи дека како податок е презентирано и местото на живеење или престојување на запишаните членови во овој период. Во последниот дел, т.е. во заклучокот, е дадено кусо резиме на покарактеристичните пројави во анализираниот период, истакна Наумоски во својата реч додаде:
-Како што споменав и на почетокот, публикацијава не ѝ е наменета на пошироката читателска публика, меѓутоа претставува значаен стручна библиотекарска пројава која ќе ја збогати ризницата на стручни библиотекарски трудови, со кои, мора да признаеме, скудна библиотекарската наука, теорија и пракса, заклучи Наумоски.
Во улога на модератор синоќа беше м-р Милчо Јованоски, директор на НУ Библиотека „Григор Прличев“ Охрид , виш библиотекар. Тој рече: – Библиотекарството има благородна мисија – да го шири знаењето и на тој начин да придонесува за личниот развој на поединецот и на општеството. Кога се работи со љубов, резултатите не изостануваат. Субјективната димензија е многу важен дел од работата, треба да се знае и да се сака. Од квалитетот на библиотекарот, од неговата желба и способност да одговори на потребите на читателот, да ја поттикне и да ја развие кај него желбата за читање – зависи дали ќе го задржи како читател. Резултатите на нашата работа не се вреднуваат преку финансиски показатели, туку преку бројот на читатели и на издадени книги, преку тоа колку сме успеале да одговориме на потребите на читателите, колку сме го подигнале културно – образовното ниво на нашите граѓани.
Николина Велкоска – Глигороска е родена на 1 мај, 1974 година во Струга. Основното образование го завршува во ОУ „Браќа Миладиновци“ – Струга, а средно образование, на насоката културолошки техничар, завршува во ЦОУ „Нико Нестор“ – Струга.
Дипломира на Интердисциплинарните студии по новинарство на Правниот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.
Работи како дописник во „Утрински весник“ , „Радио Струга“ , „Радио Охрид“ и „Супер радио“ , а подоцна работниот ангажман го продолжува како волонтер во Националната установа – Центар за култура „Браќа Миладиновци“ – Струга. Во рамките на библиотекарското работење посетува повеќе курсеви и се стекнува со дипломи и сертификати поврзани со библиотекарската струка.
Во оваа Установа се вработува како библиотекар, а после тоа е избрана за директор на Националната установа – Центар за култура „Браќа Миладиновци“ – Струга.
Публикацијава Движење и категоризација на членството во Јавната библиотека при НУ Центар за култура „Браќа Миладиновци“ – Струга е нејзин прв стручен труд.
За Николина и нејзината трудољубивост и посветеност и колегијалност би можел да зборувам со часови. Само ќе речам: Таа е вистински човек на вистинско место, рече пред присутните м-р Јованоски.
Заблагодарувајќи им се на присутните за поддршката авторката Николина Велкоска – Глигороска, рече дека најголема поддршка за овој труд добила од промоторот Богомир Наумоски и дека во целиот процес на пишување се прашувала дали ќе успее да го заврши започнатиот труд , така како што го замислила. Од тука кусо во завршната рече потенцираше:
-Од вкупно запишаните 43.400 членови во периодот од 1952 заклучно со 2001 година, според неа, 22.401 биле деца до 14 години, додека 20.999 биле возрасни.
Најголема бројка деца – членови до 14 години е регистрирана во 1963 година и изнесува 918, додека пак средношколци најмногу членувале во 1983 година и нивната бројка е 805. Најзаинтересирани во категоријата вработени има во 1961 година, и тоа 141, а најмногу невработени членови има во 2000 година, односно 25 лица, посочи Велкоска – Глигороска.
Според авторката на истражувањето, Велкоска – Глигороска пензионерите најмногубројни биле во 1999 година, со вкупно 19 членства. Студентите пак најбројни биле во 2000-тата година со 47 членства, а кај војниците бројот на членови бил најголем во 1956 и 1959 година по четири.
Врз основа на целокупната анализа за вкупен број членови од 1952 година, заклучно со 2001 година, Библиотеката во Струга најголем број на членови имала во 1981 година, и тоа 1.445, а најмал број од 150 членови е регистриран во 1954 година, рече авторката на трудот Велкоска – Глигороска.
Публицитет.мк