Иницијатива на Публицитет.мк: Композиторот Копров годинава да ја добие наградата за животно дело „Св. Климент Охридски – Патронот на Охрид“
Деновиве во Скопје во Националната опера и балет се одржа гала концертот „Најдоброто од Копров“.
На сцената во изведба на одбраната изведувачка музичка елита уште еднаш се слушнаа безвремените хитови на еден од најплодните и најуспешни македонски композитори, Григор Копров.
Маја Оџаклиевска, Тоше Проески, Калиопи, Владо Јаневски, Каролина Гочева, Андрија Јаневска, Сашо Гигов Гиш, Марјан Стојановски, Перо Христов, Наде Талевска и десетици други музички имиња од поп и новосоздадената македонска сцена пееле негови песни од кои најголем дел и денес се слушаат и со задоволство се пеат а токму со неговите песни изведувачите изградија кариери.
Во 1997 година со неговата песна „Не зори зоро“ што ја отпеа Владо Јаневски првпат Македонија настапи на „Евровизија“, а потоа тој како автор учествуваше уште двапати на овој избор. Еден е од најнаградуваните композитори на сите домашни, но и на меѓународни фестивали.
Досега се потпишал на 664 авторски нумери. Освен што е плоден како автор, Копров во својот роден град Охрид триесет и една година го организира меѓународниот фестивал „Охрид фест“.
Преку него и преносите на ТВ од Балканот и пошироко ги рекламира и убавините на Охрид.
Копров преку своите музички ноти и идеи до авторите на текстови во неговите песни го овековечи Охрид и многу градски имиња и ликови и преку песна ги оттргна од заборавот.
Тоа се чини е доволен повод Охрид да се обедини и годинава да му возврати со еден концерт сличен на овој и градот да му ја додели награда за животно дело „Свети Климент Охридски – Патронот на Охрид“.
Секако редот и пропозициите на Конкурсот да бидат запазени.
Иницијативата на нашиот портал Публицитет.мк се надеваме дека ќе биде широко прифатена во име на трајните вредности, музиката, културата и традицијата.
Копров го заслужува тоа.
Милчо Јованоски, Публицитет.мк








